1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рокас: Потребен е консензус за Изборниот законик

3 јули 2026

Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Изборниот законик добил позитивни оценки од ОДИХР и Европската комисија, но нагласи дека за негово усвојување е неопходен политички консензус меѓу партиите.

Евроамбасадорот Михалис Рокас, 30.10.2024
Рокас: Потребен е консензус за Изборниот законикФотографија: Presidentoffice Nort Macedonia

Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Изборниот законик добил позитивни оценки од ОДИХР и Европската Комисија, но нагласи дека за негово усвојување е неопходен политички консензус меѓу партиите.

Говорејќи за заглавените измени на Изборниот законик, кои претставуваат важен дел од пакетот реформи поврзани со европската агенда, Рокас истакна дека сѐ уште се водат разговори околу одредени модалитети.

Консензусот останува клучен за усвојување на законикот

„ОДИХР и Европската Комисија дадоа позитивна оценка. Она што останува да се усогласи се модалитетите. Разбирам дека постојат несогласувања, но чувствувам дека постои добра волја тие да бидат надминати. Парламентарната комисија веќе работи и се надевам дека партиите ќе седнат и ќе постигнат консензус за ова чувствително прашање“, изјави Рокас при промоцијата на нова воена опрема во касарната „Илинден“.

Тој додаде дека основите на законот се квалитетни и дека решението е позитивно оценето и од меѓународните институции.

Измените на Изборниот законик се блокирани поради несогласувања околу моделот за гласање на дијаспората. Владата ја повика опозицијата на конструктивна дебата, оценувајќи дека станува збор за дел од реформските обврски што произлегуваат од евроинтеграцискиот процес. Од друга страна, СДСМ тврди дека предложените измени отвораат простор за изборни злоупотреби.

Реформите од Планот за раст ќе бидат оценети во септември

Осврнувајќи се на спроведувањето на реформите од Планот за раст, Рокас истакна дека фокусот бил ставен на десетте приоритетни чекори чиј рок истекол на 30 јуни.

„Уверен сум дека најголемиот дел од работата е завршен и очекуваме добри резултати. Извештајот во наредните десет дена ќе биде доставен до Европската комисија, која ќе ја направи конечната проценка во септември“, рече Рокас.

Тој оцени дека има напредок кај сите 51 реформски чекор и дека е забележливо забрзување на реформскиот процес.

„Подготвени сме повторно да седнеме и да разговараме за гласањето на дијаспората и да најдеме решение што ќе овозможи поголема вклученост на нашите иселеници“, изјави МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Мицкоски: Подготвени сме за разговори за гласањето на дијаспората

ПремиеротХристијан Мицкоски изјави дека предложениот Изборен законик е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но ја обвини опозицијата за неодговорен пристап.

„Подготвени сме повторно да седнеме и да разговараме за гласањето на дијаспората и да најдеме решение што ќе овозможи поголема вклученост на нашите иселеници“, изјави Мицкоски. Решение треба да се изнајде до 15 јули. 

Според него, Владата е отворена и за алтернативни модели, вклучително и гласање по пошта, со цел да се зголеми излезноста на дијаспората и да се намалат трошоците.

Во однос на Планот за раст, Мицкоски посочи дека државата досега обезбедила 140 милиони евра, а со евентуалното ново финансирање таа сума би достигнала 240 милиони евра.

Милошоски: Македонија е меѓу лидерите во регионот според реформите

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Антонио Милошоски оцени дека Европската комисија ја препознава државата како една од водечките земји во регионот во спроведувањето на реформите од Реформската агенда.

Според Милошоски, последните анализи покажуваат дека Северна Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, е меѓу најуспешните земји кандидати во исполнувањето на реформските обврски. Тој нагласи дека финансиската поддршка од Планот за раст е директно поврзана со резултатите во реформите и ја поздрави можноста за прераспределба на средства од земјите што имаат послаб напредок.

Воедно, Милошоски упати повик до опозицијата да не ги блокира законите поврзани со Реформската агенда, меѓу кои е и Изборниот законик, оценувајќи дека нивното усвојување ќе го зајакне кредибилитетот на државата пред Европската Комисија и ќе овозможи поголем пристап до средствата од Планот за раст.

Реакцијата следи откако „Еуроњуз“ објави дека Европската комисија подготвува пренасочување на средства од Планот за раст за Западен Балкан кон земјите што покажуваат најголем напредок во реформите. Според информации,    Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се меѓу најуспешните корисници на европската финансиска поддршка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми