1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп и рокот за Иран: Стратегија или празни закани?

АРД
7 април 2026

По екстремните изјави на американскиот претседател од викендот, владее молк и запрепастеност. На нова прес-конференција Трамп даде објаснување. Експерт за надворешна политика зборува за можна „катастрофа за целиот свет“.

САД Вашингтон 2026 | Доналд Трамп зборува за конфликтот со Иран во Белата куќа
Доналд Трамп во Белата куќа зборуваше речиси 90 минутиФотографија: Brendan Smialowski/AFP

Традиционалната трка со велигденски јајца во градината на Белата куќа, како и целиот Велигден, беа засенети од војната на Блискиот Исток. Американскиот претседател Доналд Трамп секојдневно се огласуваше на својата платформа Трут Соушл - со делумно навредливи и воинствени зборови, за кои во САД доби критики.

Во понеделникот (6.04), тој повторно се надоврза на тоа на специјално закажана прес-конференција.

До денеска до 20 часот (источноамериканско време) - во Германија тоа е 2 часот по полноќ во среда - Трамп му дава време на режимот во Техеран да го отвори Ормускиот Теснец и да постигне договор кој за него е „прифатлив“.

Трамп повторно се заканува

Ако тоа не се случи, Трамп повторно му се закани на Иран со драстични последици: „Имаме план кој се темели на силата на нашата војска. До утре на полноќ секој мост во Иран ќе биде уништен, секоја електрана ќе биде исклучена од употреба, ќе биде во пламен, ќе експлодира и никогаш повеќе нема да може да се користи.“ Трамп зборуваше за „целосно уништување до полноќ“. Тоа, како што рече, ќе се случи во рок од четири часа „ако ние го посакаме тоа“.

Ако САД навистина нападнат цивилни електрани, според критичарите, Трамп би можел да изврши воени злосторства. Но американскиот претседател не се грижи за тоа.

Трамп: До утре на полноќ секој мост во Иран ќе биде уништен, секоја електрана ќе биде исклучена од употребаФотографија: Aaron Schwartz/Pool/CNP/MediaPunch/IMAGO

„Катастрофа за целиот свет“

Во интервју за радио-станицата НПР, Ричард Хас од тинк-тенкот Совет за надворешни односи коментираше дека се надева оти изјавите на Трамп се само закани со цел да се подобрат преговарачките позиции на САД. „Мојот основен став е: ако навистина се спроведе тоа, тогаш тоа според мене би било катастрофа — не само за Иран, туку и за земјите во регионот, за САД и за целиот свет“, рече Хас.

Ормускиот Теснец не би станал повторно пловен, ниту пак нуклеарниот предизвик би бил успешно совладан. „Сè што би постигнале е уште поголема, уште поуништувачка војна — треба да бидеме реални во тој поглед“, оцени Хас.

Расколот со НАТО

Доналд Трамп во Белата куќа зборуваше речиси 90 минути - се закануваше, ја пофали сопствената армија и повторно обвини низа земји дека не ги поддржале САД во војната или тоа го направиле предоцна: Австралија, Јужна Кореја, Јапонија и Германија, како и НАТО, чиј генерален секретар Марк Руте ќе пристигне во среда во Вашингтон. Трамп повторно ја нарече алијансата „тигар од хартија“.

Според Трамп, расколот со НАТО започнал затоа што сојузниците не сакале да им го дадат Гренланд на САД — и со тоа тој ја заврши прес-конференцијата, и покрај дополнителните прашања од новинарите.

Авторка: Астрид Корал, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми