1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРоманија

Романија и дронот кој никогаш не постоел

Кено Верзек
8 септември 2023

При нападите на украински пристаништа на Дунав, Русија ризикува и бомбардирање на романска територија. Такво нешто се случи сега. Романија демантираше, а подоцна го призна тоа. Што не е во ред во земјата членка на НАТО?

Зграда уништена од напад со дрон во украинскиот пристанишен град Измаил
Зграда во украинскиот пристанишен град Измаил уништена од напад со дрон на 7 септември 2023 година Фотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Во Романија експлодирал дрон кој не постоел. Звучи како дело на Еуген Јонеску, романско-францускиот мајстор на апсурдниот театар. Но, тоа е актуелната романска реалност.

Во понеделникот (4.09), Русија во текот на ноќта повторно го бомбардираше украинското дунавско пристаниште Измаил со дронови камикази. Еден од дроновите експлодирал и на другиот - романскиот - брег на Дунав. А со тоа и на територијата на НАТО. На видеата што беа дистрибуирани на социјалните мрежи, но и од украинска страна, може да се види огнена топка од детонација. Но, романските власти категорично го негираа инцидентот. Два дена подоцна - токму за време на самитот во Букурешт на Иницијативата за три мориња - следеше демантот: „Делови од дронови паднаа“ на романска територија - тоа сега е јазикот што го користи Министерството за одбрана во Букурешт.

Тоа е првпат по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, руско беспилотно летало при напад на украинска територија да падне на територија на НАТО, притоа со целосно прифаќање на овој ризик. Украинските пристаништа на Дунав, кои Русија ги бомбардира со недели, се на само неколку стотини метри од границата со Романија. Во Измаил, романскиот брег е оддалечен околу 400 метри, средината на реката ја претставува границата.

Не може да се исклучи дека Русија дури имала намера да го нападне романскиот брег на Дунав - за да ја тестира реакцијата на Романија и НАТО. Како и да е, таков инцидент досега немало. Минатата година руска ракета падна во шума во Полска, но без никаков експлозив. А ракетата што исто така лани уби две лица во Полска е веројатно погрешно управувана украинска ракета за противвоздушна одбрана.

Дипломатска размена на удари

Она што сега се случи во Романија можеше да се предвиди: Русија од крајот на јули 2023 година речиси секојдневно ги бомбардира трите дунавски пристаништа Рени, Измаил и Килија. Во извештаите на романските медиуми, жителите долго време се жалат дека беспилотните летала често летаат многу ниско и над романска територија, но дека поплаките не се сфаќаат сериозно од страна на властите. Со оглед на тоа, реакциите на романската држава изгледаат чудни. По првите напади на крајот на јули 2023 година, Романија остро ги осуди. Сепак, романскиот брег на Дунав очигледно сè уште не е подобро воено обезбеден, на пример со системи за противвоздушна одбрана.

Откако во понеделникот во Украина беа објавени првите извештаи за напад со дрон на романска територија, Романија речиси алергично ги отфрли. Претседателот Клаус Јоханис рече дека „нема никаков дрон и никаков дел од кој било уред што пристигнал никаде во Романија“. Целата работа се разви во вистинска дипломатска размена на удари со Киев. Притоа, се создаде впечаток дека Романија ја обвинува Украина оти сака да го вовлече својот сосед во војна.

Коридор за воени бродови

Ова е дотолку позачудувачки ако се знае дека Романија досега покажа голема солидарност со Украина и не бегаше од преземање ризици. На пример, на товарните бродови од регионот на Одеса им е дозволено да влезат во романските територијални води на Црното Море преку крајбрежен коридор - и оттаму продолжуваат кон Босфорот. Во последните недели, четири товарни бродови ја искористија оваа можност, и покрај тоа што Русија ги прогласи сите бродови што доаѓаат од украинските пристаништа за „легитимни цели за напад“.

Зграда во пристаништето во украинскиот град Измаил уништена по напад со дрон на 2 август 2023 годинаФотографија: Prosecutor General's Office/Telegram/REUTERS

Меѓутоа, во средата (6.09), Министерството за одбрана на Романија и претседателот Клаус Јоханис се повлекоа. Откако Министерството за одбрана потврди дека делови од дронови се пронајдени на романска територија, Јоханис рече: „Ако се потврди дека овие делови од дронови се руски, тоа претставува сериозна повреда на романскиот суверенитет“.

Несовпаѓања

Сепак, многу работи сè уште остануваат отворени. Министерството за одбрана во Букурешт не одговори на деталниот список на прашања за инцидентот поставени од ДВ: Дали романската воздушна одбрана го препознала експлодираниот дрон и другите дронови кои доаѓале или не? Ако е така, зошто беспилотните летала над романска територија не биле соборени од воздушната одбрана на земјата? И зошто Букурешт толку жестоко се спротивстави на информациите од Украина без претходно детално да го испита инцидентот?

Поради ваквите прашања романската јавност е загрижена и ужасена. Особено затоа што на виделина излегуваат сѐ повеќе несовпаѓања. На пример, романските воени истражители во медиумите објавија дека соборениот дрон не бил натоварен со експлозив и веројатно бил само шпионски дрон. Меѓутоа, новинарите од ТВ-каналот Диги24 во четвртокот (7.09) открија кратер од удар во близина на романското село Плауру, спроти украинското пристаниште Измаил, и дури пронајдоа и сомнителни остатоци од беспилотни летала. Местото на ударот не било ниту обезбедено ниту опколено.

Романскиот претседател Клаус ЈоханисФотографија: Aureliusz M. Pędziwol/DW

„Контрадикторно врткање“

Новинарот Дан Тапалага на порталот G4media напиша дека справувањето со инцидентот од страна на романската држава е „огномет на некомпетентност“. Неговата колешка Јоана Ене Догиоју од порталот Спотмедиа дури ја нарече Романија „пропадната држава“.

Политикологот од Букурешт и експерт за Русија, Арманд Госу, за ДВ вели дека романската држава во овој случај покажала голем недостиг на професионализам. „Контрадикторното врткање на властите остава многу лош впечаток, и дипломатски и кон локалното население“, вели Госу. „Изгледа како државата да сака да замижи и да не знае со сигурност.“ Сега се поставува прашањето што сѐ треба да се случи пред романската држава да преземе акција, вели Госу. „Дали наскоро ќе видиме беспилотни летала како се спуштаат во големите градови како Галати или Тулчеа?“

Политикологот бара Романија јасно да ѝ стави до знаење на Русија дека инцидент како оној од понеделникот нема да се толерира - и исто така да дејствува соодветно, на пример со стационирање на ефикасна воздушна одбрана во регионот.

Во моментов, сепак, се чини дека и Романија и НАТО би сакале да го минимизираат инцидентот. Во четвртокот (7.09), генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека нема знаци оти Русија намерно ја нападнала територијата на Романија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми