„Росискаја газета“: Русија води истрага против Павел Дуров
24 февруари 2026
Русија спроведува истрага против основачот на Телеграм, Павел Дуров, како дел од кривичен предмет за „помагање на терористички активности“, објави рускиот весник „Росијскаја Газета“, повикувајќи се на Федералната служба за безбедност (ФСБ).
Дуров не беше веднаш достапен за коментар, но последниве денови Телеграм негираше низа обвинувања од Русија дека апликацијата претставува прибежиште за криминални активности и дека е компромитирана од западни и украински разузнавачки служби.
„Дејствијата на раководителот на Телеграм, П. Дуров, се испитуваат како дел од кривична постапка по основ на член 205.1, став 1.1 (помош при терористички активности) од Кривичниот законик на Русија“, објави „Росијскаја Газета“ во текст за кој наведува дека е „заснован на материјали од ФСБ на Русија“.
Телеграм, кој тврди дека има повеќе од 1 милијарда активни корисници ширум светот, не одговори веднаш на барањето за коментар испратено од агенцијата Ројтерс.
Државниот регулатор за комуникации во Русија воведе ограничувања за Телеграм, кој е исклучително популарен во Русија за јавна и приватна комуникација, поради тоа што, како што тврдат властите, компанијата не избришала екстремистичка содржина.
Москва се обидува да ги натера граѓаните да преминат на државно поддржаната апликација MAX, која беше лансирана пред речиси една година.