1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Централно место во снабдување со гас на Централна Европа

6 септември 2024

Изградбата на гасен интерконтектор со Србија е стратешки проект за Македонија, но многу значаен и за регионалната енергетска безбедност, рече вицепремиерот Александар Николоски.

Со изградбата на гасен интерконектор со Србија, Македонија сака да го заземе централното место во делот на снабдување со гас на Централна Европа.
Со изградбата на гасен интерконектор со Србија, Македонија сака да го заземе централното место во делот на снабдување со гас на Централна Европа. Фотографија: Trans Adriatic Pipeline

Со изградба на гасен интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија, што треба да следи по гасното поврзување на земјата со Грција, Македонија ќе го заземе централното место во делот на снабдување со гас на Централна Европа. Ова е пораката што стигна од Белград по вчерашните разговори на вицепремиерите и министри за транспорт, и за односи меѓу заедниците, Александар Николоски и Иван Стоиљковиќ, со српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Бедовиќ-Хандановиќ.  

Според српската министерка, за безбедно снабдување на регионалниот пазар со природен гас, потребна е инфраструктура и алтернативни рути за снабдување.

„Со изградбата на гасната интерконекција Србија-Северна Македонија, се обезбедува диверзификација на патиштата и изворите за снабдување, подобрување на безбедноста на снабдувањето на Србија, на Северна Македонија и на целиот регион, овозможувајќи понатамошен развој на дистрибутивната мрежа на јужна Србија и интегрирање на постојните и идните капацитети за складирање на природен гас во единствен енергетски систем“, изјави Дубравка Бедовиќ-Хандановиќ.  

Македонскиот министер за транспорт, Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Таа нагласи дека во тек е изработка на просторен план на подрачјето со посебна намена, како и на студии за изводливост и за проценка на влијанието врз животната средина, финансирани од фондовите на ЕУ. Должината на гасоводот од српска страна е 47 километри и се очекува работите во вредност од 42 милиони евра да бидат завршени во 2027 година.

Николоски: Да ја покренеме Македонија

Вицепремиерот Николоски посочи дека изградбата на интерконтекторот е стратешки проект за Македонија. Тој очекува гасоводот меѓу земјава и Грција да биде завршен идната година, со што би се формирал коридор за транспорт на природен гас од Грција преку Македонија до Србија, нешто што би било многу значајно за регионалната енергетска безбедност.

„На тој начин ќе се изгради целокупен гасовод кој што ќе оди од Грција преку Македонија и Србија до Унгарија, Австрија и Централна Европа, со што Македонија ќе го заземе централното место во делот на снабдување со гас на Централна Европа. Во услови на криза на Истокот и воена агресија во Украина, ова ќе значи уште повеќе за македонската економија. Прво, ќе може да се диверзифицира снабдувањето со гас во Македонија и да имаме три или четири извори на гас за Македонија, а не само еден. И второ, многу поважно, е низ Македонија да оди транзит гас до големите европски држави, со што македонското стопанство со самото тоа што ќе наплаќа транзит на гас ќе остварува големи приходи“, изјави Николоски.

Покрај тој клучен гасовод кој што ќе оди до Централна Европа, Николоски се осврна и на други проекти со чија реалиција кои ќе се засили македонската економија. Во тој сегмент е подобрувањето на инфраструктурата на Коридорот 10, односно изградба на брза пруга Скопје-Солун која треба да се надоврзе на брзата пруга што веќе постои од Солун до Атина и на брзата пруга Белград - Будимпешта -Виена. Ќе се работи на завршување на Коридорот 8 во делот на автопатско поврзување со Бугарија и Албанија, а во перспектива и на железничко поврзување, како и изградба на мултимодуларен комплекс кај Трубарево каде што треба да изгради „суво пристаниште“ во кое би се претоварале стоките што доаѓаат од пристаништата во Драч, Солун и Атина. 

Целта е, според министерот Николоски, низ Македонија да оди транзит гас до големите европски држави, со што македонското стопанство со самото тоа што ќе наплаќа транзит на гас ќе остварува големи приходиФотографија: Pond5 Images/IMAGO

„Мислам дека тоа македонската економија во следните 10-15 години ќе ја стави во центарот на Балканот, што е наша основна задача - да ја покренеме Македонија, луѓе да доаѓаат во Македонија а не да си одат, да има повеќе работни места и да има добро платени работни места“, рече Николоски.

Брза пруга

Вицепремиерот Николоски најави дека се очекува посета на српскиот премиер Милош Вучевиќ во Скопје на крајот на септември или почетокот на октомври, а до крајот на годината да има и заедничка седница на двете влади.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со брзата пруга, Николоски рече дека не сака да дава рокови.

„Нашата цел е да во многу брзо време ја испроектираме и да ја изградиме брзата пруга. Не сакам да давам рокови, но ако успееме во рамки на извесните два мандати кои што ќе ги има оваа влада, зашто да не и три, ќе е одлична работа за Македонија. Некаде таму помеѓу 2030 и 2032 година да имаме функционална брза пруга со 200 километри на час што ќе значи препород за цела Македонија”, рече Николоски. 

Таа иницијатива Николоски ја соопшти во јули, објаснувајќи дека ќе бараат парите за пругата кон Бугарија (дел од Коридорот 8) да се пренаменат за изградба на брза пруга на Коридорот 10. Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека индиректно преку канали за комуникација некој се обидел да го поткупи, за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра, кој истекува на 17 септември годинава. Тој посочи дека како премиер нема да стави потпис и да потроши половина милијарда евра јавни пари за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.

Додека пругата кон Бугарија е во застој ќе се форсира изградба на брза пруга кон СрбијаФотографија: Fotolia/mlehmann78

Два дена по оваа изјава на премиерот, министерот Николоски информираше дека одлучиле да ги повлечат членовите кои се претставници на Министерството за транспорт и на Македонски железници – Инфраструктура од евалуционите комисии коишто треба да извршат избор на надзор и избор на изведувач за изградба на третата фаза од делницата за изградба на пругата кон Бугарија.

„Ние остануваме целосно посветени на изградба на пругата, дел од Коридорот 8, но за тоа да го направиме мораме да имаме проект којшто е изводлив, проект којшто може да се изгради на терен, проект којшто може да биде завршен, проект за којшто ќе имаме заеднички договор со Бугарија, а не проект којшто ќе завршува во тунел и којшто нема да оди на другата страна“, рече Николоски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми