1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РСМ на дното во регионот според Индексот за човеков развој

9 септември 2022

Со најновото рангирање, Македонија практично го „достигнала“ индексот на човеков развој што Словенија го имала уште во 1996 година.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Северна Македонија e на 78-то место меѓу 191 држави во светот и на дното меѓу земјите од регионот. Ова го покажува најновиот Индекс за човеков развој 2021/2022 година, кој го објавува Програмата за развој на Обединетите Нации, УНДП.

РСМ е рангирана меѓу земјите со висок развој, што е категорија подолу од „многу висок“ каде се најдоа неколку земји од опкружувањето. Oд земјите во регионот, најдобро е пласирана Словенија која е на 23-то место, а меѓу многу високо рангираните се и Хрватска (40), Црна Гора (49), Унгарија (46), Романија (53) и Србија на 63-то место. Категорија пониско се Албанија (67), Бугарија која со 68-то место е на дното меѓу земјите од ЕУ, Босна и Херцеговина (74) и Северна Македонија на 78-то место.

Тапкање во место

РСМ која вчера прослави 31 година од независноста, во ова рангирање бавно напредува. Ако во 1994 година индексот за човеков развој на Македонија бил 0,642, тој до 2000 година бавно растел и стигнал до 0,677. Највисок бил во 2019 година кога стигнал до 0,784. Тогаш РСМ била на 82-то место, но сепак 9 позиции зад БиХ и 13 зад Албанија. Во 2020 година почнува првиот пад кога индексот изнесува 0,774, а по вториот пад - индексот за 2021 година изнесува 0,770.

За илустрација, Македонија со тоа практично го „достигнала“ индексот на човеков развој што Словенија го имала уште во 1996 година (0,771), а индексот на таа европска земја со последното рангирање сега е 0,918, и со напредок од претходната позиција за 0.005.

И покрај стагнацијата, сепак РСМ во изминатите две децении за 14 проценти ги подобрила набљудуваните идикатори во споредба со состојбите пред две децении. Така,  очекуваниот животен век  на тие што се родиле во 2019 година, е за две и пол години поголем во споредба со родените во 2000 година, се зголемило просечното време што се поминува во образовниот процес, а  просечните приходи  пораснале за една петтина. Но, тоа не е доволно.

Недоволни напредоци според Индексот за човеков развојФотографија: DW/P. Stojanovski

Кризи и неизвесности

Први три рангирани земји со највисок индекс на човеков развој се Швајцарија, Норвешка и Исланд, а со најнизок - Нигерија, Чад и Јужен Судан. Сепак, малку се земјите кои бележат напредок во изминатата година. Според извештајот за ова рангирање, кое се објавува од 1990 година врз основа на неколку индикатори - бруто домашен производ (БДП), долговечност и образование,  причина за назадувањето или стагнацијата се различни неизвесности,  кризи,  ковид-пандемијата.

За првпат во периодот од 32 години, колку што УНДП го пресметува Индексот на човековиот развој, тој индекс опаѓа на глобално ниво.

„Несигурноста и поларизацијата се хранат една со друга, попречувајќи ја солидарноста потребна за донесување решенија. Човечкиот развој се врати на нивоата од 2016 година, со што се смени голем дел од напредокот на светот кон целите за одржлив развој (...) Ова уназадување е универзално, бидејќи речиси 90 отсто од земјите имаат намалување на вредноста на Индексот во 2020 или 2021 година. Повеќе од 40 отсто имаа намалување во двете години, што сигнализира продлабочување на кризата“, се вели во извештајот на УНДП.

Во него се повикуваат земјите во светот да направат „остра промена на курсот“ за да спречат уште повеќе ускратувања и неправди. Според еден од авторите на извештајот, Ахим Штајнер, светот се бори да одговори на кризите што се случуваат една по друга.

„Видовме со трошоците за живот и енергетските кризи дека, иако е примамливо да се фокусираме на брзи решенија како субвенционирање на фосилни горива, тактиките за итно олеснување ги одложуваат долгорочните системски промени што мораме да ги направиме“, оценува Штајнер.

Во извештајот се препорачува имплементација на политики кои се фокусираат на инвестиции - од обновлива енергија до подготвеност за пандемии и осигурување, вклучително и социјална заштита, за да се подготват општества за подемите и падовите  во неизвесниот свет. Изгледите за 2022 година не се оптимистички, со оглед дека повеќе од 80 земји имаат проблеми со отплата на својот национален долг.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми