1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Румен Радев го отвори кругот, а можеби и ќе го затвори

25 април 2026

Човекот кој го организираше првиот состанок со кој почна да се гради ветото, Радев, ќе биде нов премиер на Бугарија. Историјата како дојде до ветото и до францускиот предлог може да биде поучна. Пишува Љупчо Поповски

Румен Радев е архитект на бугарското вето кон Македонија, владата на Бојко Борисов и Красимир Каракачанов беше заеднички изведувач со негоФотографија: IMAGO/Anadolu Agency

Македонската влада две години зборуваше дека ѝ е потребна стабилен кабинет во Бугарија кој ќе има полн мандат за да разговара со него за надминување на ќор-сокакот кон ЕУ. Тоа беше стратегија на оправдување за да не се презема ништо околу промената на уставот и домашните одлуки да се толкуваат со некаква политички кризна ситуација во друга земја. Тие „нестабилни“ влади, како што велат премиерот  Христијан Мицкоски  и неговите министри, ја однесоа Бугарија во светот на Шенген и во Еврозоната. Тие нестабилни влади станаа едни од најголемите испорачатели на оружје за нападнатата Украина за огромни пари, склучија договори за тоа Бугарија да стане главна крстосница на овој дел на Балканот за мрежата на гасоводи. Но, според Мицкоски, тоа не било доволно за  Македонија да гледа во Софија партнер со кого ќе може да се разговара.

Како се стигна до оваа максимална недоверба меѓу Скопје и Софија? Овој текст е дел од своевидно трио колумни на оваа тема на Дојче веле поврзани со триумфалната победа на Румен Радев и неговата коалиција „Прогресивна Бугарија“ на изборите на 19 март. Колешката Соња Крамарска напиша дека Радев дојде и од денес ќе чекаме да си замине  и дека да се трага по ново решение со Радев е исто толку веројатно колку и можноста Македонија догодина да лансира ракета во вселената. Петар Арсовски напиша што може да следува по изборите:  токму кога Бугарија конечно добива политичка стабилност,  шансите за вистински пробив ќе станат позакопани.

Основата за ваквите тврдења не е мистерија – Румен Радев е архитект на бугарското вето кон Македонија, владата на Бојко Борисов и Красимир Каракачанов беше заеднички изведувач со него. Радев е и архитект за трансформацијата на бугарските барања во обврски за почитување на човековите права на овдешните Бугари (а потоа веројатно и други работи).

Македонската влада и премиерот Христијан Мицкоски две години чекаа стабилен кабинет во Бугарија кој ќе има полн мандат за да разговара со него за надминување на ќор-сокакот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Па како се стигна до овде. Еве еден мал пресек од септември 2019 па некаде до 2022 година, изготвен со помош на колегата од софиски „Дневник“, Ангел Петров. Најпрво што му кажа Зоран Заев на авторот на овој текст околу потпишувањето на Договорот со Бугарија за потребите на големата публикација „Од Букурешт до Преспа“

„Со Борисов немаше контакти околу потпишувањето на Договорот пред да се формира владата на чие чело бев. Но јас, како шеф на опозицијата, претходно бев примен од Борисов на официјална средба. На тој состанок кај него во владата покажа пријателство, но беше многу внимателен и во разговорите со мене и во изјавите. Идејата да се склучи Договорот беше за време на првата официјална посета што како премиер ја направив на  Бугарија.  Тогаш разговорот беше поинаков, бидејќи јас официјално бев премиер, и ме праша: ‘Зоран, што може Бугарија да направи за Македонија како добар сосед?’ Јас му реков: ‘Договорот да го решиме поради тоа што имам намера да влезам во разговори со Грција и дека пред да потпишеме договор со Бугарија нема иднина  договарањето со Грција’.  Тој ми кажа вака: ‘Добро, јас не сум подготвен, не сум размислувал за тоа. Дали си ти подготвен да влеземе ако јас се подготвам и да влеземе во договорот детално’. Јас му реков дека сум целосно подготвен, ги имам и лостовите за решавање на проблемите барам широчина од власта во Софија да го решиме овој проблем.

Веднаш по таа посета на Бугарија формиравме работна група предводена од двајцата министри за надворешни работи, кои за месец, месец и половина го постигнаа Договорот во консултација со нас, двајцата премиери, и на 2 август 2017 година дојде Борисов овде и го потпишавме Договорот“.

Тоа беше во 2017. Борисов следната пролет дојде во Скопје да им оддаде почит на Евреите што бугарската окупаторска војска ги транспортираше во Треблинка. Историската комисија работеше со некаква динамика. Во 2019 нештата се променија.

Кога се променија работите

На 13 септември 2019 Историската комисија имаше разочарувачка дводневна средба. Тогаш се појави клучниот проблем за Гоце Делчев. Комисијата не успеа ниту да разговара за Гоце Делчев. Владите поставија рок за комисијата до октомври да изготви заеднички текст. Во тоа време, Македонија очекуваше покана за преговори со ЕУ заедно со Албанија. Бугарија рече дека, почитувајќи ги добрососедските односи, го поддржува евроатлантскиот пат на Македонија и ги повика другите земји од ЕУ да го сторат истото.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија  за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и БугаријаФотографија: Government of North Macedonia

„Резултатите се многу блиску до нула“, рече бугарскиот копретседавач  Ангел Димитров. „Очигледно е дека имаме многу длабоки разлики во начинот на кој сакаме да ги решиме контроверзните прашања“. Македонскиот копретседавач, Драги Георгиев, средбата ја нарече „разочарувачка“. Тој повика на „компромис“, почитување на аргументите на двете страни и „избалансиран поглед на прашањата“. Оттогаш тргна бугарската лавина.

На 30 септември претседателот  Румен Радев  свика средба со претставниците на владата за да се разговара за неуспешниот состанок на Историската комисија и непостигнатиот договор за Гоце Делчев.

Членството на Македонија во ЕУ не може да дојде на сметка на Бугарија, со прецртување на историјата, и затоа не е безусловно поддржано од Софија. Македонија мора да разбере дека европската интеграција зависи од тоа и не треба да продолжи со „убиствената војна“ на пропагандата.

Вака можат да се сумираат зборовите на тогашниот премиер Бојко Борисов по состанокот свикан од Радев. Во посебна изјава, Радев повика на наоѓање начин успехот на заедничката Историска комисија да стане „задолжителен услов“ за влез во ЕУ.

Реториката беше заострена, но по состанокот не произлезе заклучокот дека Бугарија ќе стави вето на почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија во средината на октомври. По оваа средба работите добија големо забрзување во Софија.

Пет дена пред Европскиот совет, на кој Борисов побара да се одобри почеток на преговори со Скопје, Бугарија на 10 октомври 2019 ѝ достави на Македонија список на услови за членство преку таканаречената Рамковна позиција, усвоена од парламентот со огромно мнозинство.

Условите за почеток на Првата меѓувладина конференција (вистинскиот почеток на преговорите), вклучуваа одбивање да се користи терминот „македонски јазик“; испраќање нота од Северна Македонија со која се откажува од претензии кон истоимениот географски регион чиј дел се наоѓа и во Бугарија; откажување од претензии кон „македонско малцинство“ во Бугарија; „конкретни резултати“ во Историската комисија за Гоце Делчев, ВМОРО-ВМРО и Илинденско-Преображенското востание. Главен портпарол на овие барања беше лидерот на ВМРО и вицепремиер Красимир Каракачанов.

Бугарија ќе инсистира во текстот на заклучоците на Советот за општи работи од 15 октомври 2019 година јасно да наведе дека спроведувањето на Договорот за добрососедство ќе претставува дел од условеноста што се применува во преговорите за пристапување. Бугарија, исто така, ќе поднесе национална декларација, во анекс на заклучоците на Советот, која ќе се темели на таа Рамковна позиција.

Скопје рече дека барањата од 19. век не можат да се поставуваат при решавање на проблемите од 21. век, бидејќи денес „не се преговара за јазикот и идентитетот“.

15-17 октомври 2019 година - француско „не“

Францускиот претседател Емануел Макрон на европскиот самит  изненадувачки стави вето на поканата за Македонија за отворање на преговорите објаснувајќи го тоа со две причини: потребата од реформирање на преговарачкиот процес и Скопје да не се оддели од Албанија, која тогаш прилично заостануваше зад нас, наводно да не бидат вознемирени Албанците населени по неколку балкански држави. Тоа беше шокантен развој на настаните за Заев кој најави оставка и побара да се оди на предвремени избори. На советот на 17 октомври, Борисов го нарече француското вето „историска грешка“.

На 3 јануари 2020 година Заев поднесе оставка, беше формирана техничката влада. Изборите беа закажани за 12 април. Бугарија во принцип ги одобри преговорите со Македонија и Албанија на 25 март 2020 година и овој пат имаше консензус меѓу европските лидери. Сепак, Каракачанов го поврза „вистинскиот почеток на преговорите“ во Скопјe со голем број услови.

Неколку недели подоцна, во интервју за Сител, Борисов не кажа дали Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите со Македонија, но остави впечаток дека одговорот е „да“. Новинарот Марјан Николовски го праша дали ќе го блокира одредувањето датум за Македонија. „Ние сме земјата што прва започна и овозможи да се разговара за пристапувањето на нашите драги браќа и сестри во ЕУ. И второ, направивме сè што е можно за да ги поддржиме, како резултат на што започна процесот со Грција“, беше одговорот на Борисов. Тој додаде дека Бугарија ја бранела Македонија дури и кога никој не сакал да го стори тоа. „Сè е во ваши раце... Историската комисија да најде прифатлив текст што нема да нè попречи, туку ќе нè обедини“. Тој, исто така, даде „најпријателски совет“ дека „историчарите треба да ни дадат текст што можеме да го поддржиме, што би бил прифатлив за двете страни“.

Во септември 2020 година вицепремиерот Каракачанов потврди дека без пробив во Историската комисија, Бугарија ќе биде принудена да стави вето есента.

Бугарија испрати таканаречен објаснувачки меморандум на 17 септември 2020 до Брисел, чија содржина прво беше објавена преку македонските медиуми. Со него, Софија побара поддршка за своите ставови за историјата на Македонија и побара билатералните односи со Македонија да бидат дел од преговарачката рамка, заедно со новата формулација на јазикот и отфрлањето на тврдењата за македонското малцинство во Бугарија и притисок врз Софија преку „инструментализација на мултилатералните формати“. Темата за „Македонското малцинство“ беше вратена на дневен ред со одлуката на Судот за човекови права во мај за правата на Македонците во Бугарија.

9 октомври 2020 година. Бугарија и Македонија си дадоа уште еден месец за решавање на спорот за Гоце Делчев за време на посетата на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Софија. Додека средбите на Османи со Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева се фокусираа главно на пробив во Историската комисија, бугарската влада повторно ги споменуваше условите од Рамковната позиција усвоена една година претходно.

На 16 октомври 2020

Историската комисија повторно се сопна на Гоце Делчев. Историчарите рекоа дека никој не може да им даде рокови за решавање на политичките прашања.

На 10 ноември 2020 Заев отиде во Софија на средба со Борисов. Таа посета не даде никакви резултати, а пробивот во преговорите за темата со посредство на Берлин исто така беше оценет како „недоволен“. До тој момент, Бугарија ги истакна своите три тековни барања кон Македонија како „црвени линии“, но беше упорна во создавањето перцепција на Западот дека алтернатива на овие барања може да биде признавање на бугарските корени на јазикот и народот. Македонија одби разговори за јазикот, тврдејќи дека прашањето се однесува на македонскиот идентитет и ни за едното ни за другото не може да се преговара.

17 ноември 2020 година - бугарското „не“

На Советот за општи работи на ЕУ, Бугарија потврди дека ја блокира Преговарачката рамка за пристапување на Македонија со три групи барања:

- употреба на изразот „официјален јазик на Северна Македонија“;

- изработка на мапа на патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство;

- експлицитна потврда од страна на Македонија дека името на земјата не содржи претензии кон бугарските територии и дека се откажува од какви било претензии за „македонско малцинство“.

Така, Бугарија престана да ја аргументира својата позиција за историјата и наместо тоа ги побара овие промени во Преговарачката рамка. Но европските земји го отфрлија вклучувањето на билатералните проблеми во Преговарачката рамка. Тоа е преовладувачката позиција и денес. Германија сакаше европската интеграција да не стане заложник на ваквите спорови.

Заев подоцна подаде рака до Бугарија за историски прашања, наведувајќи дека Бугарија била администратор, а не окупатор, на македонските земји за време на Втората светска војна, што многу ја налути македонската јавност. Тој ја прифати и идејата за патоказ за договорот со Бугарија (двете влади се мачеа некое време да го пронајдат вистинскиот збор, но во Скопје „анексот“ се покажа како неприфатлив).

8 декември 2020 година

Проширувањето испадна од агендата на ЕУ до крајот на годината, делумно поради бугарските барања. Ова ја спречи Германија, како претседавач со Советот на ЕУ до 31 декември, да помогне во постигнувањето на пробив.

По ова Бугарија ја смени тактиката. Софија почна да ја нагласува состојбата на бугарскиот бизнис, застојот во проектите од заеднички интерес како што е Коридорот 8 и говорот на омраза и недостатокот на напредок според Договорот за добрососедство. Македонија назначи специјален претставник за Бугарија, поранешниот премиер Владо Бучковски, на почетокот на декември. Започна размена на документи со предлози за излез од кризата. Потоа, секоја земја подготви свој предлог, а посетите на Бучковски имаа за цел да ги спојат двата во еден документ со цел да се постигне компромис.

Беше договорено да се емитува БНТ во Северна Македонија и МРТ - во Бугарија, МИА отвори дописничка канцеларија во Софија и потпиша договор за размена на податоци со БТА. Универзитетот во Велико Трново стана првиот странски универзитет што отвори филијала во Македонија.

Привремената бугарска влада, назначена од претседателот Радев, се повика на Рамковната позиција на парламентот за да објасни зошто не може да ја промени својата политика кон Македонија. Софија го прогласи дијалогот со Скопје за приоритет. Според Радев, Бугарија одеднаш стана многу интересна во Европа поради темата.

Радев разговараше еднаш лице в лице со Пендаровски во мај и двапати со Заев - во Брисел и Софија. Пролетта 2021 Заев беше во Софија без очекувања за успех, но му предаде нов предлог на Јанев. Идејата содржеше компромис и нова формула за јазикот, што може да биде прифатливо за двете страни. Заев мислеше дека секоја посета е можност за дијалог и пробив.

Понатаму сѐ е во историјата на францускиот предлог и вклучувањето на Париз во потрага по компромис за време на претседателството со ЕУ. Еден од клучните чекори беше направен на самитот на НАТО во Мадрид во јуни 2022. Пратеникот на Емануел Макрон, Александар Адам, претходно доаѓаше многу често во Скопје, а се разговараше и со Софија.

Софија се откажа од рамковната позиција

На 24 јуни 2022 бугарското собрание се откажа од својата тврда Рамковна позиција, дури и ја поништи и со огромно мнозинство од 170 гласа го прифати францускиот предлог за кревање на ветото на Софија во ЕУ за Македонија со тоа што постави четири услови кои бара да влезат во Преговарачката рамка. 

Според одлуката на пратениците Собранието го усвојува францускиот предлог и бара ефективно исполнување на Договорот за добрососедство и протоколите од заедничката меѓувладина комисија од чл. 12 од тој договор. Потоа, гарантирање на правата на Бугарите во Македонија, вклучително и нивно внесување во македонскиот устав заедно со другите малцинства. За овие две точки собранието побара да има европски гаранции за нивно исполнување. И се нагласи дека ништо во процесот на пристапувањето на Македонија во ЕУ не може да биде толкувано како признание од Бугарија дека постои „македонски јазик“.

Францускиот предлог го усвои и македонското собрание, се одржа првата Меѓувладина конференција на 19 јули 2022. Почна скринингот кој беше успешно завршен за една година, но Уставот не се промени, Бугарите и другите малцинства не влегоа во него и Македонија веќе четири години е заглавена во место.

По безмалку седум години човекот кој го организираше првиот состанок со кој почна да се гради ветото, Румен Радев, ќе биде нов премиер на Бугарија. Македонските власти, како што постојано наведуваа, сега ќе имаат соговорник со стабилно владино мнозинство. Но големо прашање е дали тој соговорник (Радев) ќе сака да излезе од француската рамка. Ние не успевме ништо да промениме од неа, не успеаја ниту предлозите за одложено дејство на уставните измени и други варијанти. Топката и натаму е на македонскиот терен.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Бугарија, со бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: President RNM

Мицкоски оваа недела од Виена порача дека Македонија брза напред, не може да ја чека ЕУ да го калибрира својот начин на одлучување и му даде нов замав на евроскептицизмот. Кому тоа му користи би требало да знае тој. Може наскоро ќе има средба на Радев и Мицкоски и македонскиот премиер ќе треба да најде добри зборови да ги објасни  изјавите на вицепремиерот Александар Николоски  дадени по  инцидентот со знамињата за време на посетата на Гордана Сиљановска-Давкова дека „домаќинот (Радев) не е цивилизиран, ниту има почит. Помизерни од нив се само нашите домашни слуги“. Со тој „мизерен“ домаќин сега ќе треба да се разговара на премиерско ниво и да има разбирање за  македонските ставови.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми