1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев и бугарското МНР упатија честитки за Илинден

ДТЗ
2 август 2023

Според бугарскиот претседател Румен Радев, целта и саможртвата на хероите од Илинденско востание е еден од мостовите низ времето што ги поврзува двете држави и нивните граѓани.

Румен Радев
Според бугарскиот претседател Румен Радев, Илинденско востание е еден од мостовите што ги поврзува двете држави Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарскиот претседател Румен Радев упатија честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката, во кои порачаа дека Илинден е еден од мостовите коишто ги поврзуваат двете земји. 

„Честит национален празник на Северна Македонија! Заедно го чуваме сеќавањето за подвигот на борците за слобода и рамноправност. Заедно гледаме кон заедничката иднина – Европската Унија“, пишува бугарското МНР во објавата на Твитер.  

Честитка по повод празникот до македонскиот претседател Стево Пендаровски упати и неговиот бугарски колега Румен Радев. Шефот на бугарската држава во честитката наведува дека годинава се одбележуваат „120 години од Илинденско-преображенското востание - голем и значаен настан од заедничкото историско и културно минато на Бугарија и Северна Македонија“.  

Мостови кои поврзуваат

Според Радев, целта и саможртвата на хероите од Илинденско-преображенското востание, е еден од мостовите низ времето што ги поврзува двете држави и нивните граѓани. 

„Одразот на идеалите за слобода, еднаквост и братство на нашите предци денеска го препознаваме во основните права на Европската Унија, кон кои искрено посакуваме да се приклучите“, посочува Румен Радев во честитката.  

Претседателот на Бугарија, како што пренесува МИА, ја изразува поддршката на Бугарија за напорите на Северна Македонија за целосно спроведување на критериумите за членство, како и за сите преземени обврски и постигнати договори на патот на земјата кон Унијата.  

Заедничката историја - можност за зближување

Радев во честитката посочува и дека контактите меѓу народите на двете земји се важен начин за градење искрени добрососедски односи. Бугарскиот претседател наведува дека постигнатите договори меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за заедничко одбележување на настаните за „заедничката историја даваат одлична можност за зближување“.  

„Убеден сум дека заедно можеме и мораме да ги решиме отворените прашања во билатералните односи, што се очекува од нашите граѓани и е во име на нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, истакнува шефот на бугарската држава. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми