1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Русија и Северна Кореја планираат поблиска соработка

ЕМФ | агенции
27 јули 2023

Русија и Северна Кореја планираат потесна соработка во сферата на одбраната. По повод годишнината од крајот на Корејската војна, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу отпатува во Пјонгјанг.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун на изложба на оружје во Пјонгјанг
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун на воена изложба во ПјонгјангФотографија: KCNA/AP Photo/picture alliance

Русија и Северна Кореја ги продлабочуваат „стратешките и традиционалните односи“, јави севернокорејската државна агенција КЦНА по повод посетата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на Пјонгјанг. На средбата на Шојгу со севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун станало збор за заштита на суверенитетот, развојот и интересите на двете земји во услови на „автократски и произволни практики на империјалистите“, информира КЦНА.

Ким му го повторил на Шојгу своето уверување дека руската армија и народ ќе постигнат голем успех во борбата за изградба на моќна земја, се вели во агенцискиот извештај. Во него не се спомнува директно војната во Украина, но се наведува дека севернокорејскиот министер за одбрана Канг Сун Нам рекол дека владата во Пјонгјанг целосно ја поддржува руската „борба за правда“ и заштита на нејзиниот суверенитет. Според Шојгу, разговорите во Пјонгјнаг ќе доведат до „зајакнување на соработката“ во сферата на одбраната.

По повод 70-годишнината од крајот на Корејската војна, Ким го водел Шојгу во посета на воена изложба. „Ким размени мислења со Шојгу за глобалниот тренд во развојот и стратегијата на вооружувањето“, се вели во извештајот на КЦНА. Фотографиите објавени од агенцијата покажуваат дека Ким и неговите гости ја обиколуваат големата изложбена сала прикажувајќи балистички ракети на транспортери со повеќе оски. На друга слика, како што велат аналитичарите, се чини е прикажан нов дрон. На банкет во Пјонгјанг, Шојгу ја пофалил војската на Северна Кореја како „најмоќна“ во светот, пренесува КЦНА.

Добредојде за рускиот министер за одбрана Шојгу на аеродромот во ПјонгјангФотографија: KCNA/REUTERS

Северна Кореја е под санкции на ОН од 2006 година поради лансирање балистички ракети и поради нејзината нуклеарна програма.

Северна Кореја, според информации на американскиот претседателски кабинет, ѝ испорачала на Москва оружје, вклучително и артилериски гранати и ракети. Северна Кореја ги негира информациите за договори за оружје со Русија.

Северна Кореја денеска (27.07) го одбележува „Денот на победата“ со воена парада, на која се поканети не само гости од Русија, туку и од Кина.За изолираната Северна Кореја ова е првпат по пандемијата на коронавирус да прима странски делегации. Владата на Ким Јонг Ун се обидува да ги продлабочи односите со Русија и Кина и со соседите да создаде заедничка основа за ривалство со Западот, пред сѐ со САД. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми