1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Нови мировни разговори меѓу Русија и Украина

ЖА / агенции
17 февруари 2026

Русија и Украина во Женева продолжуваат со мировните разговори под посредство на САД, но позициите остануваат длабоко спротивставени и шансите за пробив се мали. Русија бара територијални отстапки, Киев тоа го отфрла.

Трилатерални разговори за мир во Украина во Абу Даби
Разговори со посредство на САД меѓу украинските и руските претставници за прекин на војната во УкраинаФотографија: The Uae Ministry Of Foreign Affairs/TASS/ZUMA/picture alliance

Претставници на Украина и Русија денеска во Женева започнуваат нова рунда мировни разговори. Средбата се одржува една недела пред четвртата годишнина од  руската инвазија врз Украина  на 24 февруари, што ѝ дава дополнителна тежина, но и симболика на иницијативата.

По две  трилатерални средби во Абу Даби  во јануари и на почетокот на февруари, Женева станува новата локација за продолжување на преговорите, на кои се очекува присуството и на главниот американски посредник, Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Русија бара територијални отстапки, Украина се фокусира на хуманитарни прашања

Според Кремљ, Москва планира да ги отвори прашањата за спорните територии, вклучително и барањето Украина да ги отстапи преостанатите 20 проценти од источниот регион  Доњецк што руската армија сè уште не го контролира. Киев го отфрла ова барање како неприфатливо.

Украинската делегација, пак, го става акцентот на хуманитарни прашања и безбедносни гаранции. Тема ќе биде и евентуална забрана за напади врз енергетската инфраструктура, особено по серијата руски удари што доведоа до  прекини на струја, вода и греење во услови на исклучително сурова зима.

Кратко пред продолжувањето на мировните преговори во Женева, украинскиот претседател  Володимир Зеленскипредупреди за нови тешки руски воздушни напади. Разузнавачките извештаи покажаа дека  Русија подготвува понатамошни масовни напади врз енергетската инфраструктура, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање во понеделникот. Ваквите напади го отежнаа постигнувањето договор за ставање крај на речиси четиригодишната војна. „Русија не може да одолее на искушението на последните студени денови од зимата и сака да им нанесе  болна штета на Украинците“,  рече Зеленски. Ова бара посебна поддршка од сојузниците, особено од САД.

Медински се враќа во преговарачкиот тим на Русија

Владимир Медински, специјален претставник на Кремљ, првпат годинава учествува во преговорите. Иако долго време е главен руски преговарач со Украина, тој не беше присутен на претходните рунди во Абу Даби. Како официјално објаснување, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, посочи дека средбите таму биле фокусирани на воени прашања што не се во делокругот на Медински.

Москва јавно тврди дека сака да стави крај на речиси четиригодишниот конфликт, но под свои услови. Украина, пак, доследно ги одбива руските барања како неприфатливи и спротивни на нејзиниот суверенитет и меѓународното право.

Пред разговорите со посредство на  САД меѓу украинските и руските претставници за прекин на војната во Украина, американскиот претседател  Доналд Трамп  го повика Киев  да постигне брз договор со Москва.  „Украина подобро бргу да седне на преговарачка маса“, им рече Трамп на новинарите на авионот „Ер Форс Уан“ во понеделникот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми