Резиденција на Путин-Москва им предала наводни докази на САД
2 јануари 2026
Според Министерството за одбрана, Русија им предала докази за наводен украински напад врз резиденцијата на Путин на САД. Руски извори наведуваат дека материјалите што содржат дешифрирани податоци за навигација од украински дрон, како и компонента на дронот, биле предадени на претставник на военото аташе во амбасадата на САД во Москва.
Руското Министерство за одбрана објави видео на кое наводно се гледа предавањето. Во видеото, Игор Костјуков, ретко јавно виден шеф на руската воена разузнавачка служба ГРУ, вели дека руските разузнавачки експерти ги дешифрирале податоците. Ова јасно докажува дека овој дрон имал намера да изврши „терористички напад“ врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород на 29 декември 2025 година, се наведува.
Украина со денови жестоко ги негира обвинувањата на Русија. Според извештаите во „Волстрит џурнал“ и телевизиските куќи Си-Ен-Ен и Пи-Би-Си, и ЦИА ја поддржува украинската перспектива: анализата на ЦИА потврдува дека напад со беспилотни летала бил извршен врз воена цел во истиот регион како и резиденцијата на Путин, иако не во непосредна близина на имотот.
Првично, Кремљ објави дека нема да достави никакви докази за обвинението, но во средата сепак се презентирани наводните докази. Предавањето на материјалот на САД се смета и за реакција на извештаите во американските медиуми според кои ЦИА утврдила дека украинските беспилотни летала не ја таргетирале резиденцијата на Путин. Доналд Трамп наводно бил информиран за ова. Американскиот претседател во првиот момент го критикуваше наводниот планиран напад врз Путин - на големо задоволство на Кремљ. Руските коментатори пак го критикуваат раководството на ЦИА како проукраинско и измамничко.
Речиси четири години Украина се брани со помош на Западот од руската агресорска војна.