1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Русија има за цел да ги зацврсти своите позиции во Африка

Михаил Бушујев
28 јули 2022

Рускиот министер за надворешни работи Лавров е на турнеја низ земјите од Африка. Москва сака да ги засили врските со континентот и има за цел да се спротистави на Западот така што ќе изгради имиџ на заштитник на Африка.

Ägypten | Treffen Sergey Lavrov und Außenminister Sameh Shoukry
Фотографија: Amr Abdallah Dalsh/REUTERS

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оваа недела е на турнеја низ Африка. Ги посетува Египет, Република Конго, Уганда и Етиопија. Во неделата во Каиро на египетскиот колега Самех Шукри му вети дека Русија ќе ги исполни обврските во однос на нарачката на житарици. 

Многу африкански нации во голема мера зависат од увозот на пченица и други житни култури од Русија и Украина. Поради војната во Украина нивното снабдување е сериозно попречено и зголемен е  ризикот од глад.  Претседателот на Африканската унија, Маки Сал, од Сенегал во јуни на рускиот претседател Владимир Путин му порача дека иако е далеку од жариштето на војната, народот во Африка е „жртва на економската криза”. 

Истовремено, во делот на безбедноста, се чини дека Русија се обидува да остави свој белег на африканскиот континент.

Воена поддршка за Африка

Посетата на Лавров е своевиден обид да придобие поддршка од африканските нации. Многу од нив имаат силни историски врски со Русија. Во месеците пред посетата, Москва потпиша разни политички и воени договори со земји на африканскиот континент. На почетокот на јануари,  стотина руски војници беа распоредени во Мали.  Припадниците на контроверзната руска воена група Вагнер беа повикани да му „помогнат на Мали да ги обучи своите безбедносни сили”, соопштија од воениот врв на земјата. 

Тоа предизвика загриженост, бидејќи тоа порано беше задача на Европската мисија. Но, откако полковникот Асим Гоита во 2020 година со пуч го симна од власт претседателот Бубакар Кејт, а подоцна по вториот пуч во 2021 година даде заклетва како претседател, тој се соочи со регионални и меѓународни санкции. Воената хунта одговори со тоа што им забрани на  германските воени авиони  влез во воздушниот простор на Мали, го протера амбасадорот на поранешната колонијална сила Франција и побара итно повлекување на данската војска. 

Јужниот сосед на Мали, Буркина Фасо, исто така доживеа државен удар во јануари. Како и во Мали, и тамошната војска им пркосеше на повиците да ја предаде власта во цивилни раце. И таа исто така се ориентира кон Москва.

Обука во Русија, па државен удар 

Државни удари се случија минатата година во Судан, Чад, Гвинеја и Гвинеја Бисао. Едно нешто им е на сите заедничко: најголемиот дел војници кои го изведоа пучот имаат поминато обука под закрила на Русија.

„Квалитетите кои ги квалификувале за обука во странство се истите кои ги направија ефикасни како предводници на пучот”, оценува за ДВ кон крајот на 2021 година Џад Девермонт, директор на американската програма за Африка при Центарот за стратешки и меѓународни студии. 

Две воени лица од Мали за кои се верува дека се главни архитекти на државниот удар од 2020 година, Малик Џав и Садио Камата, имаат поминато по една година во Московската виша воена командна школа. Но, тие војници исто така учествувале и во мисиите со обуки од ЕУ и САД.

По пучот, Кели Кахалан, шефица на одделението за медиумски операции на Африканската командна војска, за ДВ изјави дека „остро го осудуваме пучот во Мали кој не е во склад со американската воена обука и образование.“ 

Еден од претпоставуваните архитекти на државниот удар од 2020 година во Мали, Малик Џав има поминато обука во воена школа во РусијаФотографија: AFP/A. Riesemberg

Москва ги оживува старите советски врски

Според Ирина Филатова од Вишата економска школа во Москва, Русија има за цел да се етаблира на африканскиот континент како безбедносен медијатор, со цел да „му се спротивстави на колективниот Запад“ и да изгради имиџ како „бранител на Африка“. Секако, ова не е првпат Русија да се меша во африканските работи. Во текот на 50-тите години од минатиот век, Кремљ ги поддржуваше ослободителните движења низ континентот. Во тоа време, главните извозни производи на СССР беа оружје и муниција со краток до среден дострел. За многумина и тогашното влијание на Москва и денес е добредојдено.

„Без цврстиот став на Советскиот Сојуз за време на Студената војна во пикот на антиколонијалната борба, многу наши земји никогаш немаше да станат независни,“ вели за ДВ Обадија Мајлафија, поранешен заменик гувернер на централната банка на Нигерија.

Рускиот претседател Владимир Путин со неговиот колега од Нигерија, Хаге Гаингоб во Сочи, 2019 годинаФотографија: Mihail Mokrushin/dpa/picture alliance

Оваа поддршка заслабна по распадот Советскиот Сојуз во 1991, но во изминативе две децении, претседателот Владимир Путин се обидува да ги оживее овие стари врски и да делува како еден вид контратежа на неоколонијалната политика на Западот.

„Сега кога Русија е во доста силна позиција, Африка може да има бенефит од обострано корисни инвестиции и трговска соработка,“ смета Мајлафија. 

Русија нема официјално формулиран став во однос на нејзината политика кон Африка, но според проценките на Филатова, Москва се потпира на приватни воени компании од типот на групацијата Вагнер кои како „претходница“ ѝ го отвораат патот. 

„Официјално (н.з. воените групи) воопшто не се вклучени во стратегијата, но гледаме дека тие секогаш први се појавуваат на местото каде што има некаква нестабилност, а потоа помагаат на власт да дојдат оние кои изградиле релации со Русија,“ укажува Филатова.

Групата Вагнер е активна во Централноафриканската Република каде нејзините припадници се обвинети за сериозни кршења на човековите права. Најмногу внимание привлекоа откако се појавија во еден филм од локална продукција во којшто се претставени како бранители на нацијата од бунтовниците. 

Илјадници луѓе се собраа на централниот стадион во главниот град Банги, каде што беше одржана премиерата на филмот во мај 2021 година.

Назад кон бизнисот

Активностите на Москва во Африка во последниве две децении главно поминаа незабележани и речиси тајно беа склучувани договори за извоз на нуклеарна енергија и оружје. Русија во моментов е најголемиот извозник на оружје на африканскиот континент. Според годишниот извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) за 2020 година, извозот на оружје во Африка има удел од 18% во вкупниот руски извоз на оружје.

Првиот јавно објавен договор за оружје, склучен во април 2020 година, е кога единствениот трговец со оружје во државна сопственост, „Рособоронекспорт”, објави дека е продаден воен брод од руско производство на неименувана африканска земја во супсахарска Африка.

Неколку месеци пред тоа, во текот на 2019 година, се одржа првиот  Руско-африкански економски форум во Сочи,  на кој присуствуваа многу големи имиња од африканската политика. Русија ја искористи оваа прилика елегантно да ги истакне своите резултати во Африка. До тој момент таа веќе имаше изградено имиџ на сојузник на неколку нации кои се бореа против немилосрдни побуни: во текот на 2018 година, Мали, Нигерија, Чад, Буркина Фасо и Мавританија се обратија до Москва за помош во борбата против т.н. „Исламска држава“ и Ал Каеда.

Освен воените услуги, Москва на земјите во развој им извезува и нуклеарна технологија. Замбија, Руанда, Етиопија, Египет и Нигерија се меѓу земјите на кои Русија им помогна да изградат нуклеарни централи.

И додека детали од различните политики и договори остануваат во тајност, едно нешто е на виделина: Русија се врати во Африка, а тоа значи бизнис.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми