Русија ја нападна Украина со хиперсонична ракета „Орешник“
9 јануари 2026
Русија, според сопствени наводи, испукала хиперсонична ракета со среден дострел „Орешник“ врз Украина. Во текот на изминатата ноќ (8/9.01), руските вооружени сили со помош на „Орешник“ нападнале „стратешки цели“ во Украина, соопшти руското Министерство за одбрана.
Москва: нападите се одговор на „терористички напад“ врз Путин
Министерството не наведе подетални информации за нападите, но соопшти дека тие биле изведени „како одговор на терористичкиот напад на режимот во Киев“ врз резиденција на шефот на Кремљ, Владимир Путин, кон крајот на декември — обвинување што Украина го отфрли како „лага“.
„Орешник“ првпат употребена во ноември 2024 година
Ракетата со среден дострел „Орешник“, според руските власти, за првпат беше испукана во ноември 2024 година врз големиот јужноукраински град Дњепар. И тоа лансирање беше извршено од Капустин Јар кај Астрахан, во јужна Русија. Според украинските информации, шесте боеви глави тогаш немале експлозив. Претседателот Владимир Путин тоа го нарече тест и се закани дека ќе следат нови.
Лукашенко тврди дека ракети „Орешник“ се распоредени и во Белорусија
Западните воени аналитичари ја гледаат „Орешник“ како понатамошен развој на руската интерконтинентална ракета РС-26 „Рубеж“. Нејзиниот дострел се проценува на 2.000 до 5.000 километри. Белорускиот лидер Александар Лукашенко тврди дека Русија во меѓувреме распоредила вакви ракети и на територијата на Белорусија.
Зеленски предупреди од тежок напад
Украина очекуваше тежок руски воздушен напад. Претседателот Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање предупреди: „Има информации дека ноќеска може да има нов голем руски напад.“ Граѓаните, рече тој, треба да обрнат внимание на воздушните аларми и да се засолнат во безбедни простории.
Главниот град Киев во текот на ноќта беше нападнат со дронови. Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека има најмалку четворица загинати и 19 повредени лица. Со големиот напад била оштетена и критична инфраструктура. Во некои делови на градот биле прекинати снабдувањето со струја и вода.
Украинските воздухопловни сили пријавија и напади со крстосувачки ракети „Калибр“ испукани од Црното Море. Украина, од своја страна, со борбени дронови нападнала цели во руските региони Белгород, Орел и Санкт Петербург.