Русија објави дека освоила клучен град во Донбас
4 јули 2026
Русија објави дека го зазела источниот украински град Костјантинивка. „Костјантинивка е целосно заземена. Градот сега е целосно под наша контрола“, им изјави на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Украинска реакција засега нема. Неодамна украинската војска призна дека ситуацијата во многу разурнатиот град е исклучително тешка. Украинскиот Генералштаб во Киев вчеравечер (3.07) во својот извештај за состојбата соопшти само дека се водат жестоки борби околу Костјантинивка.
Стратешки важен град во Донбас
Костјантинивка е стратешки важна точка на патот кон последните поголеми градови во регионот Донбас кои сè уште се под контрола на Киев. За градот, кој пред војната имал 78.000 жители, се водат жестоки борби од крајот на 2025 година.
Соопштението беше објавено истовремено со посетата на рускиот претседател Владимир Путин на команден пункт од каде што се координира дејствувањето на руските сили во Украина. Според портпаролот на Кремљ, Песков, руските вооружени сили ја контролираат целата област Луганск на истокот на Украина – еден од двата региони што го сочинуваат Донбас.
Многу жртви во нападите
Во меѓувреме, според украинските власти, во руските напади загинале повеќе луѓе. Во Суми, на северот од земјата, четири лица биле убиени при напад со наведувана авиобомба. Речиси 30 лица се повредени.
Според истите информации, уште три лица загинале во регионот Дњепропетровск во југоисточна Украина. Во градот Запорожје биле убиени две лица.