1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Прво појавување во јавност на Шојгу по бунтот на „Вагнер“

ЖА / агенции
26 јуни 2023

По неуспешниот вооружен бунт на платеничката група „Вагнер“ на викендот, Москва прв пат објави снимки од министерот за одбрана, Сергеј Шојгу.

Сергеј Шојгу бунт  „Вагнер“ Русија
Москва објави видео со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, прво појавување по бунтот на „Вагнер“Фотографија: Russian Defence Ministry/dpa/picture-alliance

Видеото без тон и со должина од 47 секунди, кое го прикажува рускиот министер за одбрана во консултации со воени припадници, било снимено при посета на Сергеј Шојгу на фронот во Украина, соопшти Министерството за одбрана на Телеграм. Министерот Шојгу посетил една од командните бази во првите редови на линијата на фронтот, се тврди од Москва, без да се прецизира точен ден и локација, а независна проверка на наводите не е можна. 

На викендот од Шојгу немаше никаква трага во јавноста, откако ноќта кон саботата почна бунтовничка акција на паравојниците на групата „Вагнер“, во која тие го зазедоа рускиот град Ростов на Дон. Во тие хаотични часови немаше трага, ниту јавно обраќање ни од шефот на Генералштабот, Валари Герасимов.

Шефот на платеничката група „Вагнер“,Евгениј Пригожин подигна тешки обвинувања против Шојгу и Герасимов, чии наводно воени потфрлувања ги наведе како главна причина замаршот на неговите борци кон Москва.

По 24-часа, Пригожин во саботата нагло го прогласи својот бунт за завршен и им нареди на своите борци да се вратат назад во нивниот логор. Претходно, со посредство на Белорусија бил постигнат договор според кој руските органи ќе ги отфрлат сите обвинувања и ќе ја прекинат истрагата против шефот на паравојската, Евгениј Пригожин, за тој за возврат да ја напушти Русија и да замине во Белорусија.

На платениците на „Вагнер“ кои учествуваа во бунтот им е гарантирано помилување, а останатите ќе можат да потпишат договор со руската војска, соопшти Кремљ.

Тоа е исходот од тензичниот саботен ден во кој трупите на „Вагнер“ стигнаа на околу двесте километри од Москва, откако претходно презедоа контрола над Ростов и Вороњеж.

Во меѓувреме во руската престолнина Москва денеска се укинати воведените „антитерористички мерки“, воведени поради маршот на платениците на групата „Вагнер“, како што објави градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм, заблагодарувајќи им се на граѓаните што го запазиле мирот и разумот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми