1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Русија ја запре контролата на ОН-санкциите против Пјонгјанг

ЕМФ | агенции
29 март 2024

Со свое вето во Советот за безбедност на ОН, Русија стави крај на контролата на санкциите на Обединетите нации против Северна Кореја.

Совет за безбедност на Обединетите Нации
Совет за безбедност на Обединетите НацииФотографија: Andrew Kelly/REUTERS

Руската делегација во Советот за безбедност (СБ) на Обединетите Нации гласаше против продолжувањето на мандатот на експертите на ОН, кои ги надгледуваат санкциите врз Северна Кореја. Мандатот на набљудувачите истекува на крајот на април. Одлуката беше проследена со силни критики, вклучително и од САД, Велика Британија, Франција и Јужна Кореја.

Во својот најнов извештај, објавен на почетокот на март, експертското тело задолжено за мониторинг на санкции информира дека ги истражува извештаите оти Северна Кореја ѝ доставува на Русија оружје за употреба во Украина. Во извештајот се вели и дека Северна Кореја продолжила да ги крши санкциите - вклучително и со тестирање балистички ракети и кршење на ограничувањата за увоз на нафта.

Временски неограничените санкции на ОН против Северна Кореја последен пат беа заострени во 2016 и 2017 година. Од 2019 година, членките на Советот за безбедност, Русија и Кина, бараат временско ограничување на мерките. Кина вчера (28.03) се воздржа од гласање, а сите други членови на СБ гласаа за продолжување на мандатот на експертите.

Ветото на Москва во Советот за безбедност не ги укинува санкциите против Северна Кореја, но значи крај на групата која го следи нивното спроведување. Во заедничката изјава на десет членки на Советот за безбедност на ОН се вели дека работата на експертската комисија е поважна од кога било со оглед на „повторените обиди да се поткопа мирот и безбедноста во светот (...)“. Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја ја нарече одлуката на Русија „неодговорна“.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, го нарече ветото на Москва „обид да се закопа известувањето на комисијата за сопствениот дослух“ со Северна Кореја. „Денешните дејства на Русија на циничен начин го поткопуваат меѓународниот мир и безбедност со цел да се унапредат коруптивните договори меѓу Москва и ДПРК“, рече Милер, користејќи го официјалниот акроним за Северна Кореја.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми