Русија: Украина го напаѓа Белгород од воздух
3 јануари 2024Министерствотоо за одбрана на Русија соопшти дека противвоздушната одбрана елиминирала дванаесет украински дронови над пограничниот регион Белгород. Според наводи на руските власти, повредени нема. Ваквите информации не може да се проверат од независни извори.
Жители на Белгород на социјалните мрежи информираат за големи експлозии во градот и објавуваат видеа кои би требало да го поткрепат тоа. Автентичноста на овие снимки исто така засега не може да се докаже.
Во Белгород во саботата (30.12.2023) биле убиени 24 цивили, тврдат руските власти. Тоа е најголема загуба за Русија во речиси двегодишната војна. Рускиот претседател Владимир Путин, кој ја почна војната во 2022 година, потоа најави засилени напади врз Украина.
Комесарот за човекови права на ОН повика на итна деескалација
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, ги повика Русија и Украина на воздржаност. „Алармантна ескалација на непријателствата, десетици цивили убиени во #Украина и #Русија“, напиша неговиот кабинет доцна вчеравечер (2.01) на онлајн платформата X.
Меѓународното хуманитарно право забранува неселективни напади и напади врз цивилни објекти. За да се заштитат цивилите и да се обезбеди почитување на меѓународното право, Тирк повика на „итни чекори за деескалација“.