Русија за првпат призна: „Ние сме во војна“
22 март 2024Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, во интервју за рускиот неделник „Аргументи и факти“ кое беше објавено денеска, за првпат проговори за „војна“:
„Ние сме во воена состојба. Да, започна како специјална воена операција, но штом се формираше оваа толпа таму, кога колективниот Запад стана учесник во неа на страната на Украина, тоа стана војна за нас“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, додавајќи дека за Русија најважна е безбедноста на луѓето на териториите кои де факто ги окупираше Киев.
„Имаме четири нови субјекти на Федерацијата и за нас најважно е луѓето во тие субјекти да бидат безбедни, како и да ги ослободиме териториите на тие субјекти, кои во моментов се де факто окупирани од режимот во Киев“, нагласи Песков.
Тој додаде дека Русија ќе продолжи да дејствува за воениот потенцијал на Украина да не ја загрозува безбедноста на нејзините граѓани и територија. На темата Крим, тој рече дека Русија не може да дозволи да постои држава покрај нејзините граници која има намера да употреби какви било методи за да го заземе Крим.
Руската државна пропаганда, во прв ред претседателот Владимир Путин, постојано зборуваа за „ специјална операција“ . И покрај тоа што станува збор за агресорска војна, се тврдеше дека немало напад врз Украина. Дури и употребата на зборот војна за воениот конфликт во Украина беше забранета од страна на руските власти.