1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски дезинформации: Што на Германија ѝ се заканува зимава?

Јанош Делкер
29 септември 2022

Москва би можела да ја искористи енергетската криза и стравот од растечките цени за да поттикне социјални немири во Германија, предупредува политичарот од Зелените, Константин фон Ноц.

Обиди од Москва да се влијае на јавното мислење во Германија не се нов феномен
Обиди од Москва да се влијае на јавното мислење во Германија не се нов феноменФотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/imago images

Русија, според проценките на претседателот на Контролниот гремиум на Бундестагот, може со помош на  кампањи за дезинформации  оваа зима да се обиде да подгрее социјални тензии во Германија. 

„Ситуацијата е сериозна", вели за ДВ Константин фон Ноц, пратеник од редовите на Зелените: „Изминатите недели покажаа дека Германија е подложна на руско влијание", оценува тој. 

Моментот во кој го издава предупредувањето не е случајност: луѓето во земјата сѐ повеќе ги чувствуваат последиците од растечките цени на енергенсите, откако Москва како одмазда за западните санкции ги стопираше испораките на гас.

Имено, како реакција на нападот врз Украина, ЕУ воведе далекусежни казнени мерки против Русија. До сега мнозинството Германци ги поддржуваат таквите санкции, но безбедносните служби страхуваат дека Русија претстојната зима ќе се обиде да сее страв од недостиг од гас и прехранбени производи за да поттикне отпор спрема санкциите.

„Нашите безбедносни структури одамна забележуваат дека проруски настроени лица спроведуваат кампањи на социјалните мрежи како Телеграм, со цел да ги затрујат јавните дебати и да го поделат нашето општество", вели фон Ноц. „Живееме во време кога треба да бидеме особено внимателни - тоа го покажува историјата и фалсификуваното видео со Бербок."

Случајот Бербок

Случката на која алудира го доловува она што може да ја снајде Германија: кон крајот на август,  министерката за надворешни работи Аналена Бербок за време на дебата во Прага вети поддршка за нападнатата Украина, „без разлика на ставот на германските гласачи”. 

Забелешката беше дел од опширен одговор во кој Бербок на пример рече и дека нејзината влада ќе им помага на луѓето во Германија да се справат со растечките животни трошоци. Но, за само неколку часа снимката со таа изолирана реченица почна да циркулира на проруски профили на Телеграм, вели анализа на Центарот за ситуации со дезинформации, во кој членуваат повеќе невладини организации. Често пати видеата се дополнувани со фрагменти или погрешни написи, со што гледачите се доведуваат во заблуда околу вистинската изјава на Бербок. Клиповите се ширеа вирално. Потоа се појавија и на други платформи како Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутуб, каде ги споделуваа пред сѐ функционери на АфД и на Левица, како и десноекстремистички профили. Па така видеата допреа до одредена публика во Германија - и само еден ден по настапот во Прага, на Твитер се појави хаштаг со тенденција на тренд, во кој се бара оставка на Бербок. 

„Случката покажува колку е важна соработката меѓу руски и кон Кремљ позитивно настроени структури со лица во Германија, за да се шират дезинформации", вели Јулија Смирнова, од тинк тенкот Институт за стратешки дијалог, една од организациите која учествувала во анализата. 

Со години Аналена Бербок е мета на руски дезинформацииФотографија: Thomas Trutschel/photothek/IMAGO

Војната во Украина во фокусот

Обиди од Москва да се влијае на јавното мнение во Германија  не се нов феномен. Од Студената војна земјата важи за една од главните цели на советски, односно  руски информациски операции

Во изминатите десет години социјалните медиуми станаа едно од главните збиднувалишта. Меѓу 2015 и 2021 истражувачите идентификувале повеќе од 700 руски кампањи за дезинформации кои имале за цел да ги засилат постоечките поделби во германското општество, или да создадат нови. 

Тие кампањи се однесувале на десетици различни теми, од доселувањето до човековите права. Смирнова вели дека тоа се променило откако во февруари годинава руските тенкови ја нападнаа Украина. Од тогаш напорите за ширење дезинформации се исклучиво насочени кон војната.

Проруски активисти „уште на почетокот од војната го нафрлија прашањето за недостиг од енергенси во Европа и тоа го претставија како последица на западните санкции и генерално како последица на солидарноста на западот со Украина."

„Руската пропаганда го шири наративот дека Германците мора да се смрзнуваат заради Украина," вели Смирнова и додава дека „сега кога зимата ни чука на врата, таквиот наратив има најголем потенцијал да допре до луѓето кои имаат легитимни стравови и грижи."

Протест во Лајпциг против инфлацијата и растот на животните трошоциФотографија: Christian Mang/REUTERS

Подвиг"

Истражувањaта на други организации ја потврдуваат оваа оценка. Социологот Пиа Ламберти од Берлинскиот истражувачки Институт ЦеМас вели дека зимава очекува дополнително зголемување на руските кампањи за дезинформации.

„Искуството нѐ научи дека во време на социјална тензија Русија уште повеќе ги засилува операциите за нејзино влијание, со цел дополнително да ги дестабилизира демократииите“, вели таа. Нешто слично беше забележано за време на бегалската криза во 2015 година, кога стотици илјади луѓе пребегаа во Германија поради војната во Сирија. Секогаш кога земјите се соочуваат со големи социјални предизвици, како што е најавата за енергетска криза во Германија зимава, вели Ламберти, „постои потенцијал луѓето да покажат поголема меѓусебна солидарност и да се зближат“.

„Но, често се случува токму спротивното – да има пораст на национализмот и егоизмот“, нагласува таа и додава: „Дезинформациите често пати многу вешто ја обработуваат психата на личноста, удираат токму во тие точки и се обидуваат да ги зајакнат овие тенденции”, заклучува Ламберти. 

Досега протестите во Германија против растечките животни трошоци и особено цената на енергијата, се држеа во релативно мали рамки. Но, тоа може со претстојните студени есенски ноќи да се смени. Партиите на политичките маргини веќе најавуваат „жешка есен” со редовни понеделнички демонстрации. Истовремено проруски структури може да се обидат таквите протести преку насочени кампањи со лажни информации да ги радикализираат, страхува пратеникот во Бундестагот, Константин фон Ноц. 

„За да нема недоразбирања: секој во нашата земја има право да демонстрира против растечките цени и таквиот протест да го изнесе на улиците”, вели фон Нов. Но, додава дека „сите ние, политичари, новинари, граѓани, мора да внимаваме несвесно да не бидеме инструментализирани од лица кои немаат ништо добро за нашето општество на ум. Тоа секако ќе бара огромна сила.”

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми