1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска амбасада: Османи ја прифати „пропагандата на Киев“

ДТЗ
18 јануари 2023

Според нив, Османи направил грешка што досега не ги споменал жртвите од гранатирањето од страна на украинските сили

Бујар Османи
Османи во посета на КиевФотографија: N. Macedonian Min. of Foreign Aff./Anadolu Agency/picture alliance

Амбасадата на Русија во Скопје на социјалните мрежи реагираше на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој како претседавач со ОБСЕ, деновиве престојуваше во посета на Киев. Од амбасадата сметаат дека Османи во Украина „шпекулирал за жртви на руската агресија, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев“.

„Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи вчера во Украина шпекулираше за ‘жртви на руската агресија‘, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев. Но, кога пристигна во Киев, војниците на Зеленски ги гранатираа Доњецк и Макеевка (во ДНР): има мртви, ранети сѐ уште беа под урнатините“, се вели во објавата на руската амбасада на Фејсбук.

Според нив, Османи досега не ги споменал жртвите од гранатирањето од страна на украинските сили, како и сите загинати и ранети од „агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници“.

„Се работи за луѓето, велите?“, се вели во реакцијата од амбасадата.

Османи за време на посетата на Украина го осуди рускиот напад на станбена зграда во Днипро, каде што загинаа повеќе од 40 лица, вклучувајќи и деца и над 70 се ранети. Според него, не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели.

„Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна“, рече Османи. 

Изутринава 18 луѓе загинаа, меѓу кои и министерот за внатрешни работи на Украина, откако хеликоптер се урна покрај градинка во источното предградие на главниот град Киев. Меѓу загинатите има и деца.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми