1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Руската војна во Украина нѐ засега сите нас

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-Клериџ
24 февруари 2023

Во срцето на Европа веќе една година се води брутална, агресорска војна. И само преку работата на новинарите стануваат видливи страдањата на луѓето во Украина, укажува главната уредничка на ДВ, Мануела Каспер-Клериџ.

Руски ракетни напади во Бахмут, УкраинаФотографија: Libkos/AP/picture alliance

Снегот во Бахмут е испрскан со крв. Руските трупи со месеци се обидуваат да го заземат овој мал град во источниот дел од Украина. Напаѓаат од повеќе страни, со поддршка на бруталните платеници од групата Вагнер. Зградите и улиците немилосрдно се бомбардираат, без оглед на цивилните жртви.

Пред руската агресорска војна во Бахмут живееја 70.000 луѓе. Никој не знае колку ги има денес. Но, оние кои останаа, не се предаваат. Се борат за својата слобода, со поддршка на украинските трупи. Не сакаат Бахмут да му го препуштат на непријателот. Малиот град Бахмут е симбол на отпорот и храброста на очајните Украинци.

Терор во сите градови во Украина

Бахмут нѐ засега сите нас. Не можеме да затвораме очи пред она што сега се случува на европско тло. Се вршат убиства, мачења, силувања. Војната не е апстрактна. Во војна се убива. Цивилното население станува жртва, во Бахмут, Буча, Ирпин или Мариупол.

Ние новинарите сме должни да ги документираме сите стравотии. Притоа мораме внимателно да одлучиме кои слики ги прикажуваме. Бруталната стварност не смее да се ублажи. Истовремено, мораме да го заштитиме достоинството на засегнатите и секако, мораме да известуваме и за тоа како цивилното население во воените зони успева да се справи со постојаните стрелби и со животот во кој ништо веќе не е како порано, а во кој сепак има и моменти на радост и сила.

Главната уредничка на Дојче веле, Мануела Каспер-КлериџФотографија: DW/R. Oberhammer

Откривање дезинформации

Што е вистина, а што е лага? Тоа не е  секогаш лесно да се дознае. Посебно не кога е во прашање војна. Нашите новинари кои известуваат од Украина не само што ја имаат една од најопасните работи, тие мораат и да ги верификуваат фотографиите и видео снимките со своите уредници, да разговараат со очевидци, да ги проверуваат фактите, да обезбедат контекст и да разоткриваат дезинформации. И тие секојдневно ризикуваат и самите да станат жртви на војната. Нивната работа не може да се процени.Како се финансираат Путиновите пропагандисти? На диктаторите тоа независно новинарство им влева страв.

Затоа Путиновата пропаганда ги користисите средства за дезинформирање за да спречи објавување на вистината за руската агресорска војна. Ни светот ни народот на таа земја не би требало да дознаат што навистина се случува во Украина – колку цивилни жртви однесе руската инвазија или колку се сега големи загубите на руската војска. Тоа не се вклопува во пропагандната слика, се негира, се фалсификува и се премолчува.

Борба за вистината

Тешко е изборувањето со руските тролови и насочување на вниманието на она што всушност се случува. Но, за тоа вреди целиот вложен труд. Зашто, вистината мора да излезе на виделина. Новинарите на Дојче веле, но и колегите од други медиумски куќи, поради тоа влегуваат во големи ризици. И за тоа ја имаат поддршката на украинското население. Луѓето сакаат светот да дознае колку жртви носи руската инвазија за нивната земја и како тие се борат. Дека постои активен отпор кон руските трупи на окупираните територии во Украина, какви страшни злосторства вршат агресорите. Такви извештаи нема во руските државни медиуми.

Оваа војна е и борба за вистината и за вистинско толкување на она што се случува. Една година од руската инвазија на Украина, за многу луѓе таму значи драматична борба за одбрана и слобода на сопствената земја. Тоа е борба која заслужува поддршка од сите Европејци. Ние новинарите пружаме слободни и независни информации. Тоа е нашата задача. Јасно ја расветлуваме позадината, пружаме важен контекст и транспарентни сме кога станува збор за нашите извори.

А сето тоа за нашите корисници да можат да формираат свое мислење, за ситуацијата во Бахмут и ширум Украина. И за тоа што е вистина, а што е чиста пропаганда.

 

Мануела Каспер-Клериџ Главна уредничка на Дојче Веле@ManuelaKC
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми