1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Руската војска се сели од Сирија во Либија?

Катрин Шаер
20 декември 2024

Се чини дека руските воени бази во Сирија се затвораат и евакуираат. Експертите се загрижени дека ако Русија се префрли во Либија, тоа може да влијае врз безбедноста во Средоземјето и замрзнатиот конфликт во регионот.

Сирија Хмејм 2024 | сириски борци набљудуваат руски воени возила во близина на воздухопловната база
Има многу извештаи дека руските војници продолжуваат да ги користат базите во Сирија, но под заштита на бунтовниците кои претходно ги бомбардирааФотографија: Leo Correa/AP Photo/picture alliance

Се повлекуваат ли од Сирија, или не? Тоа е прашањето што аналитичарите за Блискиот Исток си го поставуваат за руските војници во последните неколку дена.

Истражувачите на отворени извори на информации, користејќи сателитски слики и онлајн следење на воздушниот сообраќај, забележуваат значително движење во долгогодишните руски бази во Сирија, откако режимот на сојузникот на Москва, сирискиот диктатор Башар ал-Асад, беше соборен пред речиси две недели. Аналитичарите утврдија дека хеликоптери и системот С-400 за противвоздушна одбрана со долг дострел, се демонтирани за патување, видоа луѓе со куфери кои чекаат да заминат и големи товарни авиони кои се товарат.

Бродови на руската морнарица го напуштија сириско пристаниште на 11 декември, два дена пред падот на режимот на Асад. Руските власти негираат дека нивните војници ја напуштаат Сирија и објавија дека преговарале со бунтовничката опозициска група, која ја предводеше офанзивата што го собори режимот на Асад и која сега ја формира преодната влада на Сирија.

Руските бродови го напуштија пристаништето Тартус, но очигледно сè уште се наоѓаат на околу 10 километри од сирискиот брегФотографија: Maxar Technologies via AP Photo/picture alliance

Русија има две важни воени бази во Сирија - поморската база Тартус, поставена во 1971 година и воздухопловната база во Хмејмим од 2015 година. Тартус е единствената формална руска поморска база надвор од територијата на поранешниот Советски сојуз, а руското присуство таму се зголеми пред руската инвазија на Украина во 2022 година со цел „за сузбивање, одвраќање и надгледување какви било операции на НАТО во Медитеранот“, забележа неодамна Институтот за воени истражувања од САД.

Хмејмим се користи како логистичка и база за руските активности во Африка и падна под руска контрола набргу откако Русија се вклучи во сириската граѓанска војна. Но, од средината на декември, луѓето што Русите порано ги бомбардираа, сега ја држат власта во Сирија.

Досега и тие и Русија беа многу прагматични и се во преговори, вели за ДВ Нанар Хавах, искусен аналитичар за Сирија во тинк-тенкот „Кризна група“. „Во моментов Русија работи под заштита на ХТШ, при што силите на ХТШ ги штитат руските конвои до поморската и воздухопловната база“, објаснува тој. „Но, треба да се има на ум и дека Русија одигра многу важна улога во борбата против ХТШ“, додава аналитичарот.

Поради тоа натамошното воено присуство на Русија во Сирија е потенцијално проблематично. Русија алоцира системи за противвоздушна одбрана и друго напредно оружје од Сирија во базите што ги контролира во Либија, објави во вторникот (17.12.)Волстрит журнал, повикувајќи се на неименувани американски и либиски функционери.

Преселба во Либија?

Аналитичарите посочуваат на индикатори како отстранувањето на вредната воена опрема од Сирија, прекинот на извоз на пченица од Русија во Сирија – низ годините таа беше главниот снабдувач на Сирија - и одбивањето на ХТШ на руска хуманитарна помош. Исто така потенцираат дека каде и да се стационираат руските поморски бродови од Тартус, тоа ќе биде важен показател дали ќе останат во Либија - особено ако се упатат кон либиското пристаниште Тобрук.

Во моментов, сѐ е само шпекулација, смета Џалел Харчауи, политиколог и експерт за Либија во Институтот за одбранбени и безбедносни студии во Обединетото кралство.

Без разлика дали Русите ќе останат во Сирија или ќе си заминат, има одредени факти кои ќе го променат начинот на кој тие дејствуваат во Сирија, оценува тој за ДВ.

„Тие никогаш нема да може да останат со истото ниво на удобност, сигурност и гаранции како порано“, оценува Харчауи. „Тие ќе имаат проблем да ја гарантираат сопствената логистика, струја, вода, храна. Тие исто така знаат дека кога се води странска база потребно е одредена пријателство од заедницата околу вас, а исто така и од државата, во смисла на споделување на сознанија. Сето тоа сега веќе го нема“, посочува Харчауи.

Руските авиони во октомври сè уште ги бомбардираа областите во Сирија контролирани од бунтовниците на ХТШФотографија: Izzeddin Kasim/Anadolu/picture alliance

Сè уште ништо не е јасно, се согласува и Волфрам Лахер, висок соработник и експерт за Либија во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.

„Колку што можам да кажам, она што сè уште не го гледаме е директно движење меѓу сириските бази и Либија“, вели тој и додава дека „очигледно, како што сириските бази стануваат понесигурни, важноста на Либија се зголемува“.

Либија и без тоа стануваше поважна за Русија, истакнуваат Лахер и Харчауи. Имено, во 2024 година британскиот весник Телеграф објави дека Русија ги зајакнала пистите и периметарската одбрана во либиските воздушни бази, изградила нови структури и испорачала оружје.

Закана за НАТО

Од 2014 година Либија е поделена, а спротивставените влади се наоѓаат на истокот и на западот на земјата. Власта поддржана од ОН, позната како Влада на национално единство е на запад, а ривалската власт, позната како Претставнички дом е утврдена на истокот, во Тобрук и ја ужива поддршката од поранешниот воен лидер Калифа Хафтар, кој контролира разни вооружени групи во оваа област.

Во различни периоди во последната деценија, секоја влада се обиде - и не успеа - да ја одземе власта од другата, но конфликтот моментално е замрзнат, што резултира со лабилна безбедност.

Сириската амбасада во Москва беше една од првите во светот што го вееше новото сириско револуционерно знаме, што некои експерти го гледаат како показател дека Москва била во ран контакт со сириските бунтовнициФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance

„Во текот на изминатите неколку години, тие либиски фракции беа заглавени во ќорсокак што земјата во голема мера ја поштеди од големи конфликти, но тоа во голема мера зависеше од ... две странски сили со значајни војски на теренот, Русија и Турција“, пиша минатата недела Фредерик Вери, виш соработник во програмата за Блискиот Исток на Фондацијата Карнеги за меѓународен мир.

„Падот на Асад ... би можел да влијае на таквата кревка рамнотежа“, смета тој, аргументирајќи дека замрзнатиот конфликт во Либија потенцијално може да се развие во ист правец како ситуацијата во Сирија и да прерасне повторно во конфликт.

Ова може да зависи од следниот потег на Русија. Ако Русија го убеди Хафтар да дозволи да се воспостави долгорочна база во Либија, тоа би претставувало голем предизвик за НАТО.

„Русите веќе неколку години сакаат поморска база во Либија, а главната цел на Американците во Либија во последните две години е да го спречат тоа“, објаснува Лахер. „Досега Хафтар секогаш се обидуваше да ги балансира различните странски поддржувачи за да избегне да стане зависен од само еден“, анализира Лахер и додава дека актуелните случувања го ставаат во незавидна позиција.

Харчауи смета дека е прерано да се каже што ќе се случува, но тој претставува две логични сценарија. Во едното, Русите остануваат во Сирија, но сè станува понепријатно, поскапо и помакотрпно за нив, вели тој. „Тие само ги апсорбираат трошоците, но сепак нештата си врват горе-долу вообичаено“, вели тој за ДВ.

Во другото сценарио, дозволата на Хафтар Русија да воспостави база во Либија постепено ќе стане очигледна. Во таа фаза, одредени сили - на пример во НАТО - кои се противат на руското позиционирање во Либија може да организираат диверзантски мисии или дури и да обучуваат борци контра Хафтар. „Тоа ќе биде постепена, мека точка на топење, а не огномет“, заклучува Харчауи. „Но, сосема е можно тогаш да погледнеме назад и да речеме дека Хафтар направил грешка со тоа што им рекол 'да' на Русите и, да, сето тоа започна со падот на Асад“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми