1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Руски воени блогери: пиони во политичка игра?

Килијан Бајер
5 јануари 2023

Украинскиот напад врз руската база Макиивка ги налути руските воени блогери. Расте нивната критика кон руското воено раководство, но дали е тоа само дел од политичкиот трик?

Украина Микиивка, Доњецк
Руски војници убиени во украински ракетен напад во МакиивкаФотографија: ALEXANDER ERMOCHENKO/REUTERS

Десничарските проруски блогери, исто така познати и како „милблогери“ ја користат платформата „Телеграм“ за да го изразат бесот. Еден пост на „Сива зона“, канал кој се поврзува со приватната воена компанија на Јевгениј Пригожин, групата Вагнер, вели:

„Очекувано, вината за она што се случи во Макиивка почна да им се префрла на војниците. Ете тие си ги вклучиле телефоните и така биле откриени. Секако, непријателот има вакви можности и ги користи понекогаш. Но во овој случај 99% се работи за лага и обид да се отфрли вината."

Поранешниот шпион и самопрогласен националист Игор Гиркин кој неодамна од суд во Данска беше осуден за масовно убиство поради негова вмешаност во соборувањето на патничкиот авион МХ17 во 2014, изјави дека руските генерали се „во принцип необучени“. На неговиот „Телеграм“ канал, Гиркин напиша дека зградата во која биле војниците е целосно уништена бидејќи таа исто така се користела и за складирање муниција.

Борис Рожин, десничарски милблогер и автор на дебатата на социјалните мрежи под име „Полковник Касад“ ја критикува големата концентрација на воен персонал стациониран на места во дострел на украинската артилерија. Во изминативе месеци армијата се адаптираше на настанатите околности и ја промени стратегијата повеќе да не складира големо количество муниција и гориво на едно место. Но, според Рожин тие не го имплементираат овој концепт и во однос на луѓето. Насочувајќи ја вината врз руското воено раководство, тој вели: „Неспособноста и неможноста да се сфатат последиците од војната продолжуваат да бидат сериозен проблем.“  

Острите критики за тоа како руската војска невешто се справуваи ги уништува воените напори, во очите на руските националисти во основа не се ништо ново. Проруските воени блогери се доста гласни со месеци. Но, најновиот бран гнев насочен кон руското Министерство за одбрана го отвора прашањето зошто оваа критика е толерирана во сè поавторитарната Русија. Се чини дека воените блогери може слободно да си го искажат мислењето, додека антивоените демонстранти се соочуваат со драконски казни и до 15 години затвор за дела како што се „дискредитација на руските воени сили“ или „ширење лажни информации“ за руската армија и нејзините активности.

Игор Гиркин, еден од најпознатите критичари на руската армијаФотографија: Pavel Golovkin/AP/picture alliance

Режимот на Путин не може целосно да го контролира наративот

Разликата е во тоа во која насока е критиката, смета Абас Галјамов, поранешен пишувач на говори за рускиот претседател Владимир Путини политички аналитичар.

„Воените блогери критикуваат од таканаречена патриотска перспектива, што значи дека тие не го чепкаат Путин. Тие ги критикуваат спроведувачите, но не го доведуваат во прашање лидерството на Путин ниту неговата идеја за нападот на Украина. Критика не е дозволена од луѓе кои изразуваат сомнеж во неговото лидерство и самата војна. Тие се доживуваат како непријатели."

Но, од друга страна, Игор Гиркин, еден од најпознатите критичари на руската армија, постојано директно го критикува и Путин. Минатиот месец Гиркин на „Телеграм“ објави 90 минутно видео во кое вели дека „главата на рибата е целосно скапана“.

Британскиот историчар и експерт за Русија, Марк Галеоти вели дека режимот на Путин се повеќе сфаќа дека не може целосно да го контролираат наративот.

„Луѓе како Гиркин не се важни сами по себе, туку тие во одредена смисла се и гласноговорници на доста значителни фракции во војската и безбедносниот апарат. И мислам дека стравот е ако ги потиснат, дека од нив ќе направат жртви и маченици. И второ, ја губите можноста да разберете за што се всушност загрижени."

Рускиот претседател Владимир Путин, министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот, Валери ГерасимовФотографија: SPUTNIK via REUTERS

Политички трик?

Во истовреме, вели Галјамов, и Путин не е среќен со неговото воено раководство. „Тие му ветија победа за три дена, а наместо тоа тој е посрамотен пред целиот свет. На емотивно ниво, тој ги разбира воените блогери."

Мотивот зад критиката исто така има и политичка димензија што е поврзана со борбите за моќ кои се водат меѓу раководството.

„Дел од ова е некаква политика која се одвива зад сцената во дворот на Путин,“ вели Галеоти. „Не секој со воена униформа стои недвосмислено зад министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот, Валери Герасимов. Сè поголемо е чувството дека и двајцата многу веројатно годинава ќе си заминат. Мислам дека она што го гледаме на социјалните мрежи во голема мера е всушност реалната политика која се случува во Русија."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми