Руски воздушни напади во Украина
23 декември 2025
Русија изврши воздушни напади врз Украина во кои, според претседателот Володимир Зеленски, се убиени најмалку три лица.
Во областа Житомир, западно од главниот град Киев, четиригодишно дете било убиено кога дрон погодил станбен објект, соопшти Зеленски на социјалните мрежи. Во регионот Киев, според него, жена загинала при руски напад со дрон. Во областа Хмелницки имало уште една жртва, додаде украинскиот претседател.
Вкупно, Русија употребила 650 дронови и повеќе од триесетина ракети и крстосувачки проектили. Противвоздушната одбрана соборила многу од нив, но имало и удари, информираше претседателот.
„Нападите доаѓаат пред Божик, кога луѓето сакаат да бидат дома со своите семејства во безбедност“, рече Зеленски.
Шефот на Кремљ, Владимир Путин, со овие удари покажува дека не може да престане со убивање, смета украинскиот претседател, според кого светот мора да изврши поголем притисок врз Русија за да го заврши војната.
Зеленски објави и бројни фотографии од новите разурнувања.
Повредени во Киев
Во Киев, според градоначалникот Виталиј Кличко, најмалку три лица се повредени. Остатоци од соборен дрон паднале врз станбена зграда, а стаклата на прозорците се скршени, соопшти Кличко на Телеграм. Тој ги повика луѓето да се засолнат во безбедни простории.
Во целата земја изутринава (23.12) беше прогласена воздушна тревога поради руски напади. Во областа Житомир, според властите, по руските воздушни удари имало шест повредени, меѓу кои и две деца.
Притисок среде преговори
Руските напади се насочени главно кон енергетската инфраструктура на Украина. На многу места, според властите, струјата морала да биде исклучена. Веќе тешката состојба за многу луѓе поради прекините на струја и греење се влошува со ниските температури во земјата. Украинското раководство ја обвинува Русија за терор.
Русија со овие тешки напади додека царува студот врши дополнителен притисок врз Украина да прифати услови на Москва за примирје во тековните преговори за прекин на агресијата.
Во разговорите меѓу Украинците и Американците од една страна, и руските и американските претставници од друга страна, за можен крај на војната, досега нема договор.