1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускиот претседател Путин обвинет за воени злосторства

БГ /дпа
17 март 2023

Меѓународниот кривичен суд во петокот издаде потерница за рускиот претседател Владимир Путин поради наводни воени злосторства во Украина.

Русија Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин обвинет за воени злосторства Фотографија: Mikhail Metzel/Sputnik/AFP/Getty Images

Владимир Путин е обвинет за воени злосторства поради депортација на украински деца од окупираните територии во Русија. Судот соопшти дека делува по барање на главниот обвинител Карим Кан.

Ова е прв налог за апсење издаден од судот во врска со наводите за воени злосторства од почетокот на руската агресија врз Украина. Судот издаде налог за апсење и за Марија Алексејевна Лвова-Белова, руската комесарка за човекови права. Таа е исто така обвинета за воени злосторства во врска со депортацијата на украинските деца. 

Малку е веројатно дека Путин ќе се појави пред судот во Хаг, Холандија. Русија не го признава судот, а судот не може да одржува судења во отсуство на обвинетиот, а нема ниту своја полиција која би можела да го уапси Путин. 

Во четвртокот, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова рече дека нема шанси Русија да соработува со судот. 

Последици за Путин  

Сепак, налогот за апсење не е без последици за Путин. Тој може да му ја ограничи слободата на движење затоа што, доколку отпатува во земја која го признава судот, му се заканува апсење. 

Судот е свесен за потешкотиите при прогонот на водечки државни и воени претставници. Уште од 2009 година е издаден налог за апсење на поранешниот претседател на Судан, Омар ал-Башир под сомнение за геноцид, но тој се уште не е испорачан.  

Меѓународниот кривичен суд во ХагФотографија: Peter Dejong/AP Photo/picture alliance

Но, имаше и некои успеси. Поранешниот претседател на Либерија, Чарлс Тејлор беше осуден на 50 години затвор од судот во Хаг во 2012 година. Трибуналот за поранешна Југославија ги осуди поранешниот српски лидер Радован Караџиќ и воен командант Ратко Младиќ на доживотен затвор за геноцид. 

Во соопштението, судот наведува дека „постојат сериозни основи“ за верување дека Путин има „лична кривична одговорност“ за депортациите. Тој е исто така обвинет и за командна одговорност како врховен командант на руските воени сили поради „неуспехот да се контролираат цивилните и воените подредени кои ги сториле делата, или го дозволиле нивното извршување“.

Целосниот текст на налозите за апсење нема да се објави за да се заштитат жртвите и сведоците, соопшти судот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми