1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските дронови се тест за НАТО - а каде е Трамп?

12 септември 2025

Вашингтон повторно ги тера Европејците да се запрашаат: дали руското навлегување со беспилотни летала во воздушниот простор на Полска ќе ги зближи сојузниците на НАТО или ќе открие дупки во единството на Алијансата?

Претседателите на Полска и на САД, Карол Навроцки и Доналд Трамп гледаат нагоре додека Трамп покажува со прстот кон небото
Полскиот претседател Карол Навроцки разговараше со својот американски колега кратко откако руските беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на неговата земјаФотографија: Aaron Schwartz/ABACAPRESS/IMAGO

Откако полските и холандските ловци соборија вооружени руски дронови, а во полскиот воздушен простор - што, како што претпазливо забележува седиштето на НАТО, беше првпат „авионите на Алијансата да дејствуваат против потенцијални закани во сојузничкиот воздушен простор“ - следеше широка осуда за Кремљ и поддршка за Полска од страна на лидерите на НАТО.

„Неприфатливо“, рече холандскиот премиер Дик Схоф кратко откако авионите Ф-35 од неговата земја соборија некои од натрапниците.

„Неподносливо“, додаде францускиот претседател Емануел Макрон.

„Неодговорно“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Но, повеќе од 24 часа подоцна, немаше реакција од американскиот претседател Доналд Трамп.

Каде е Вашингтон?

Неговиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, на мрежата X напиша дека САД се со своите сојузници против она што тој го нарече „повреда на воздушниот простор и ќе се брани секој сантиметар од територијата на НАТО“. Меѓутоа, единствениот јавен коментар на Трамп беше еден загадочен пост на мрежата Трут соушал: „Што се случува со Русија која го нарушува полскиот воздушен простор со беспилотни летала? Еве нè!“

Само неколку часа подоцна, политичкиот сојузник на Трамп, Чарли Кирк, беше убиен, што разбирливо го одвлече вниманието на претседателот. Сепак, отсуството на каква било критика кон Москва или поддршка за Полска ги збуни сојузниците. 

Остатоци од еден од дроновите во источна ПолскаФотографија: Dariusz Stefaniuk/REUTERS

Меѓу оние кои најмногу ја очекуваат американската реакција е секако полскиот претседател Карел Навроцки, кој објави дека разговарал телефонски со Трамп за нападот (по неговиот пост на интернет). „Денешните разговори го потврдија единството на сојузниците“, напиша Навроцки на X. Но, ништо повеќе не се слушна од Трамп.

Вистинска цел на беспилотните летала - поделба меѓу сојузниците

Тоа всушност многу кажува, заклучува Германецот Јан Техау, европски уредник во тинк-тенкот Евразија груп. „Оваа тишина им пренесува на Европејците морничава порака која ја почувствувале претходно: дека САД повеќе не се таму природно и безусловно. Тоа ги поттикнува веќе постоечките сомнежи за посветеноста на Америка кон Членот 5 на НАТО.“

„Токму тоа го имаше на ум Путин кога нареди упад со беспилотни летала во Полска - да ги поттикне тие сомневања, да го зголеми стравот и да го продлабочи јазот меѓу САД и Европа“, вели Техау. Тој е меѓу оние кои веруваат дека речиси 20-те беспилотни летала не можеле „случајно“ да влетаат во полскиот воздушен простор.

Полскиот европратеник Михал Кобоско се согласува дека ова е тест за Кремљ, не само за Европа, туку и за тоа како Америка ќе одговори. „Секој ден тие ја тестираат нашата способност да се браниме“, изјави Кобоско за ДВ во Стразбур. „Ова е како црвен аларм за сите нас во Европа - не само за источното крило, не само за Полска, балтичките земји, Романија или Финска, туку за цела Европа. Мораме да го разбереме ова и да се адаптираме со тоа што ќе инвестираме многу повеќе во нашата одбрана - со или без Американците.“ 

Иако полските Ф-16 и холандските Ф-35 овојпат успешно соборија неколку дронови, тоа не е ниту најефикасен ниту најисплатлив начин за справување со заканатаФотографија: Dominika Zarzycka/SOPA Images/ZUMA/picture alliance

Се разбира дека Полска се надева од сесрце дека тоа ќе биде „со Американците“. Иако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ја опишува како „примерен сојузник“ - со најголем буџет за одбрана во НАТО во однос на БДП - во Варшава сепак постои „мешавина од фрустрација и нервоза“ бидејќи не знаат што да очекуваат, вели Филип Беднарчик, директор на канцеларијата на Германскиот Маршалов фонд во Варшава. Тој наведува дека полската влада инвестира во сопствената одбрана и во својата улога во НАТО „како вистински сојузник, уверен дека Алијансата ќе застане зад нив. Но, тие и натаму се нервозни и им е потребна постојана потврда“.

Што е следно за НАТО?

Заканата од воздух не е изненадување. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на почетокот на јуни изјави дека на Алијансата ѝ е потребен „квантен скок“ - зголемување од 400 проценти на инвестициите во воздушна и ракетна одбрана. „Во Украина гледаме како Русија носи терор од небото. Затоа ќе го зајакнеме штитот кој го штити нашето небо“, рече Руте во говорот во лондонскиот институт Чатам Хаус.

Иако полскиот Ф-16 и холандскиот Ф-35 овојпат успешно соборија неколку дронови, тоа не е ниту најефикасниот ниту најисплатливиот начин за справување со заканата. „Ф-35 не може да собори цел рој вакви дронови“, забележува Беднарчик. „Затоа Полска ќе мора да изгради поинаква одбранбена мрежа“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата во средата, потсети на барањето на балтичките влади и рече: „Мораме да одговориме на повикот на нашите балтички пријатели и да изградиме ѕид за заштита од дронови“. Исто така, најави и заеднички проект со Украина вреден шест милијарди евра за производство на дронови.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата на Унијата, ја поддржа идејата за изградба на „ѕид за одбрана од дронови“Фотографија: Pascal Bastien/AP Photo/dpa/picture alliance

Колумнистот на „Форин полиси“, Кристијан Карил, вели дека е „апсолутно критично“ сојузниците на НАТО да „реагираат решително“ на оваа инвазија. „Првото нешто што можат да го направат е да испратат голема пратка оружје со долг дострел во Украина, вклучувајќи крстосувачки ракети „Таурус“ и „Сторм Шедоу “, изјави тој за ДВ. „САД, исто така, треба да одобрат употреба на ракети „АТАКМС“ за Украина. На среден и долг рок, НАТО и Западот можат да направат многу повеќе - санкции, конфискација на средства, зајакнување на воздушната одбрана и општата подготвеност. Но, ова би бил и добар почеток.“

Во меѓувреме, врховниот командант на НАТО за Европа, Алексус Гринкевич, за време на посетата на Литванија, ги увери источните сојузници дека не треба да се грижат дури и ако Москва ја ескалира оваа закана до ниво на вооружен напад. „Апсолутно има многу работа што треба да се направи. Постојат подобрувања во оружјето што овозможуваат пониска цена по цел, а земјите веќе го тестираат тоа“, рече тој во четвртокот (11.09). Но, исто така нагласи: „Кога сте оперативен командант и имате способност, а има напад или упад во вашиот воздушен простор - цената на оружјето во тој момент не е важна. Ќе го користите за да го одбраните вашето население“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми