1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Руските власти ги затвораат компаниите на Евгениј Пригожин

5 јули 2023

Пропаднатата побуна на групата Вагнер има последици и за компаниите на нејзиниот шеф Евгениј Пригожин. Некои од фирмите веќе се затворени, а претреси имало и во централата. Можни се истраги поради корупција.

Вагнер Санкт Петерсбург Русија
Централа на групацијата Вагнер во Санкт Петерсбург, РусијаФотографија: Olga Maltseva/AFP/Getty Images

Минатиот петок околу 13:12 часот се појави последната вест на РИА ФАН. Се работи за потешкотии при испораката на борбените авиони Ф-32 од САД. РИА ФАН е кратенката за Руската федерална новинска агенција која информираше стриктно про-Путин, про-Пригожин, а против опозиционери како критичарот на Кремљ Алексеј Навални или критички настроени новинари. Шефот на агенцијата, Евгениј Субарев, кратко по последната вест објави: „Затвораме и го напуштаме информативниот етер на земјата - со нас си заминува целокупната групација Патриот”.

Разгранета мрежа од фирми

Крајот не дојде доброволно. Руската компанија за надзор на медиумскиот простор „Роскомнадзор” без натамошни објаснувања го блокираше пристапот до сите сестрински фирми на медиумскиот холдинг „Патриот” под контрола на Пригожин. Дали делови од холдингот основан во 2019 година преземал друг олигарх, или е целосно ликвидиран, не се знае. Јасно е само дека по побуната од Пригожин со помош на платениците од неговата група Вагнер, во фокусот на Кремљ се и други компании од неговата огромна мрежа која опфаќа секакви бранши.

Затворена фабриката за „тролање”

И „Агенцијата за интернет истражувања” наводно веќе не постои. Фабриката за „тролање” во сопственост на Пригожин, прочуена за ширење дезинформации и манипулации во корист на Кремљ, наводно влијаела и врз исходот на претседателските избори во САД во 2016 година во корист на Доналд Трамп. Во февруари годинава Пригожин јавно призна дека ја има основано фабриката за „тролање”. И нивните активности се во најмала рака прекинати по побуната на групата Вагнер.

Милијарди од државата

Официјално долго се отфрлаше поврзаност на руската држава со политички спорни ангажмани на приватната војска Вагнер на Блискиот Исток и во Африка. Наспроти тоа не беше тајна ангажманот на платениците на Вагнер во Украина, особено не крајно  бруталната окупација на градот Бахмут.

Евгениј Пригожин замина во егзил во БелорусијаФотографија: Press service of "Concord"/REUTERS

Но, тесните финансиски врски Владимир Путин ги призна дури по неуспешната побуна. „Животната издршка на целата група Вагнер ја презема државата - ги финансиравме од министерството за одбрана, од буџетски средства”, рече Путин. Иако воени компании во Русија воопшто и не се дозволени, од мај 2022 до мај 2023 според информациите што ги сподели Путин, во групата Вагнер се одлеале околу 930 милиони евра, главно за плати. Толку големи исплати веројатно веќе нема да се повторат. 

Закана од Путин 

За време на оружената побуна и маршот во правец на Москва, Пригожин со заканувачки тон зборуваше за 25 илјади активни борци. Дали тие навистина сите ќе заминат во Белорусија? Дали и Пригожин се наоѓа таму? Путин му гарантираше дека нема да биде кривично гонет, но името на неговиот долгогодишен поддржувач и сега предавник - Путин веќе не го споменува, дури ни минатата недела кога ја спомена компанијата „Конкорд”, уште една од низата исклучително лукративни фирми на Пригожин.  

Како Евгениј Пригожин стана милијардер?

01:57

This browser does not support the video element.

„Сопственикот на фирмата Конкорд заработил дополнителни 80 милијарди рубљи со снабдување на армијата со прехранбени производи и други услуги”, рече Путин. „Се надевам дека никој притоа не крадел, или да речеме вака: дека не украл многу. Но, во секој случај ќе го разјасниме тоа”, додаде тој. Тоа звучеше како закана, односно како тие 830 милиони евра да водат до истрага против 62-годишниот Пригожин. 

„Конкорд”: кетеринг за државата 

Пригожин својата претприемничка кариера ја започна во 90-те години во Санкт Петербург како сопственик на ресторан каде се запознава со подоцнежниот претседател Путин, кој го поддржува, за кого подоцна тој организира државни банкети и отвора отмени ресторани. Со компанијата „Конкорд” прави огромна кетеринг фирма која со храна снабдува училишта, но пред сѐ руската армија. Димитри Кисељов, водител и шеф на државниот телевизиски холдинг, претпоставува дека планираниот прекин на лукративните договори од страна на Министерството за одбрана би можело да е причината за побуната на Пригожин против самиот врв во истото министерство. Но, при пресметувањето на договорите, Кисељов на државната телевизија дојде до различна сума од онаа што ја кажа Путин. „Холдингот Конкорд на Пригожин има остварено услуги вредни 845 милијарди рубљи”, рече водителот. Но, тоа би биле дури девет милијарди евра. За што точно? Во понеделникот тоа прашање му беше поставено на портпаролот на Кремљ, Димитри Песков. Ни тој немаше одговор. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми