Русковска обелодени „понуда“, ама не ги кажа понудувачите
4 април 2023Предлогот за разрешување на обвинителката Влима Русковска, во врска со предистрагата за тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми, бил обид „да ја фатат на пенал“, откако претходно одбила некои конкретни понуди.
Вака поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на ТВ Телма го објасни следот на настаните, а почетокот го лоцираше во времето кога го отворила случајот за набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци, на поранешниот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
„Уште кога се отвори истрагата за господинот Драги Рашковски, мене ми беше понудено да ме изберат за заменик-републички обвинител. Кога не го прифатив тоа, го зголемија влогот и понудија покрај мој избор за заменик-републички обвинител, и внукот од сестра ми, кој е обвинител во Куманово, да биде избран во Вишото во Скопје. Јас и тоа го одбив“, рече Русковска.
Таа не сакаше да ги посочи имињата на тие што наводно ѝ ја дале понудата, но потврди дека биле на позиција од која може да понудат такво нешто.
Не можам да влегувам во умот на другите
За набавката на софтвер реализирана од страна на Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Драги Рашковски, ОЈО ГОКК отвори предистрага во март 2021 година.
На прашањето до Русковска, дали ако ја прифатела посочената понуда, тоа ќе значело повлекување на истрагата против Рашковски и дали е тоа она што било барано за возврат, обвинителката го даде следниот одговор.
„Можеби и тоа беше, не можам да влегувам во умот на другите, веројатно беше. Тогашниот премиер (Заев, н.з.) јавно изјави дека не ми верува мене, се работеше за овој предмет“, рече обвинителката.
„Не ѝ верувам на Вилма Русковска дека поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, ја злоупотребил функцијата“, изјави Заев во интервју за „Фокус“ во мај 2021 година.
„Тоа не значи дека е виновен Рашковски. Ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда“, изјави Заев, додавајќи дека останува на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на Министерството е - дали ќе го користи.
„Политичарите за постапки што се водат во Обвинителство или во суд не треба да коментираат. Нашиве политичари никако да го разберат тоа“, рече Русковска за изјавата на Заев во интервју за БИРН (5 јуни 2021 г.)
Но, не се пожали дека има некакви понуди или притисоци.
„Без разлика на овие изјави, мислам дека сепак се трудат“, изјави тогаш Русковска на прашањето - како, според неа, власта предводена од Заев се бори со корупцијата?
За време на мандатот на Заев, беа покренати обвиненија и почнаа судски процеси за двајца генерални секретари на Владата - Драги Рашковски и Мухамед Зекири, податок кој честопати беше потенциран како доказ дека нема селективност и дека сите се еднакви пред законот. И двата судски процеса се во тек.
Предметот за Рашковски се води непречено
ДВ побара став за наводите на Русковска од републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
„Ќе истакнам неколку факти кои ги демантираат изнесените тези. Што се однесува до тврдењата за наводни притисоци во предметот против Рашковски, јавноста може да се увери дека и по суспензијата на Русковска постапката во овој предмет непречено се води пред Судот. Станува збор за предмет во кој секако постапува друг јавен обвинител. А колку што ми е познато, Вилма Русковска сама се пријави и на последниот оглас за избор во Републичкото обвинителство“, вели државниот јавен обвинител.
Тој се осврна и на одредени странични алузии упатени на негова адреса, по постапката за дисциплинската одговорност на Русковска.
„Предлогот за мој избор за уставен судија беше даден на седница на Комисијата за избори и именувања на Собранието на РСМ во средината на мај минатата година, односно повеќе месеци пред да се покрене постапка за дисциплинска одговорност на наведената обвинителка, па не може да стане збор за какво било мое ‘наградување’ за поведената дисциплинска постапка“, вели Јовески.
Безимени притисоци
Русковска не е единствена која не сакаше да ги посочи имињата на лицата за кои се однесуваат нејзините наводи. Во домашната пракса за расчистување со влијанија врз правосудството, тврдењата за притисоци редовно остануваат безимени. Лани во ноември претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, поднесе неотповиклива оставка на функцијата, а во соопштение објави дека веднаш по нејзиниот избор против неа започнала медиумска хајка со цел да се опструира нејзината и работата на Советот. Таа само генерално посочи кој имал интерес од тоа.
„Се надевам дека идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско-бизнис елита“, наведе Црвенковска.
Но, до денес не посочи ниту едно име од судско-бизнис елитата за која таа била неподобна.
По повод одбележувањето на Денот на правосудството, пред неколку дена акуелната претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, се осврна токму на молкот кога треба да се посочат имиња.
„Само мал дел од судиите не можат или не сакаат да пружат отпор и тоа е каколот кој ја контаминира целата професија, затскриен под плаштот на тогата. Судиите ќе ви кажат и дека тие знаат кои се тие неотпорни судии во нивните редови. Но, кога ќе треба да ги посочат со име и презиме, оставаат тоа некој друг да го стори“, рече Дамева.
Роберт Декер, заменик амбасадор на Кралството Холандија, пораката ја адресираше на едно име.
„За жал, како што сме сите свесни, тие притисоци сѐ уште постојат во Северна Македонија. Најважно од сѐ е да ги одбиете и да слушате само една господарка, а тоа е - дамата Правда“, порача заменик амбасадорот.