САД: Дејвид Сакс ќе стане „криптоцар“ на Трамп
6 декември 2024Идниот американски претседател Доналд Трамп го назначи Дејвид Сакс, десничарски инвеститор, поранешен менаџер и подкастер, за советник и координатор за областите на вештачката интелигенција и криптовалутите.
Трамп таа одлука ја објави на социјалната мрежа Трут соушал.
Работата на Сакс ќе вклучува создавање правна рамка за криптовалути, како и водење на претседателскиот совет за наука и технологија.
„Дејвид ќе се фокусира на тоа Америка да стане глобален лидер во двете области. Тој ќе ја брани слободата на говорот на интернет и ќе нѐ оддалечи од предрасудите и цензурата на големите технолошки компании“, рече Трамп.
Од критичар до истакнат поддржувач
Сакс стана истакнат поддржувач на Трамп претходно годинава, кога организираше собирање средства за Трамп на неговиот имот во Сан Франциско.
Билетите беа продавани за 50.000 долари, а имало и пакети од 300.000 долари кои вклучуваат привилегии како фотографија со Трамп.
Сакс првично беше остар критичар на Трамп по нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, кога изјави дека Трамп е одговорен за тие настани.
Трамп инаку во објавата на Трут Соушл ги истакна претходните достигнувања на неговиот иден „криптоцар“. „Дејвид Сакс беше многу успешен претприемач и инвеститор 25 години, градејќи и финансирајќи некои од најголемите компании икони во Силиконската долина“, напиша Трамп. За време на раните денови на сега глобално познатиот американски давател на платежни услуги ПејПал, Сакс беше негов генерален извршен директор.
Подоцна ја основа софтверската компанија Јамер - која програмираше еден вид внатрешен Фејсбук за компаниите - и го продаде на индустрискиот гигант Мајкрософт во 2012 година за 1,2 милијарди долари. Сакс стана познат и по неговиот подкаст „Ол-ин“.
Трамп го нарече подкастот „најдобар во технолошката индустрија, каде Сакс и неговите пријатели разговараат за економски, политички и социјални прашања“.
Масовни шпекулации со Биткоин
Од победата на Трамп на изборите на 5-ти ноември, Биткоинот енормно порасна бидејќи инвеститорите шпекулираат на крипто-пријателска регулација на индустријата од страна на републиканецот. Додека најстарата и најпозната дигитална валута сè уште се тргуваше за околу 70.000 долари пред изборите, таа во четвртокот навечер за првпат го проби прагот од 100.000 долари.
Оптимистичкото расположение во криптосцената претходно беше поттикнато од најавата на Трамп дека ќе го назначи поддржувачот на дигиталните валути Пол Еткинс за шеф на моќната американска Комисија за хартии од вредност (СЕЦ).