1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Бајден и Харис му ветија натамошна помош на Зеленски

ЖА
27 септември 2024

Русија нема да победи, туку Украина, порача Бајден. Според Камала Харис, барањата на Трамп за договор со Русија се предлози за капитулација. Трамп пак се премисли - сепак ќе се сретне со Зеленски.

Џо Бајден на средбата со Володимир Зеленски во Вашингтон
Американскиот претседател Џо Бајден на средбата со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Вашингтон Фотографија: SvenSimon-ThePresidentialOfficeUkraine/picture alliance

Со дополнителни милијарди помош и самит во Германија следниот месец, САД обезбедуваат дополнителна поддршка за Украина во нејзината одбранбена војна против Русија.

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот на средбата со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Вашингтон изјави дека Украина „ќе добие превласт“ во оваа војна. Американскиот претседател не го коментираше очекуваното одобрување на Зеленски за употреба на западно оружје против цели длабоко во внатрешноста на Русија.

„Русија нема да победи, Украина ќе победи“, рече Бајден при пречекот на својот украински колега во Овалната соба во Белата куќа. „И ние ќе продолжиме да ве поддржуваме на секој чекор од патот“. Зеленски се заблагодари и истакна дека „многу го цени“ тоа.

Бајден најави дополнителни милијарди помош во вредност од осум милијарди долари (околу 7,16 милијарди евра) за Украина, како и обезбедување муниција со поголем дострел.

Во исто време, американскиот претседател најави  самит на Контакт групата за Украина во Германија во октомври,  каде што ќе се соберат повеќе од 50 земји-поддржувачи.

За време на разговорот со Бајден, украинскиот претседател сакаше да го претстави својот  „победнички план“ за ставање крај на војната со Русија. Детали за овој план, кој се најавуваше со денови, се уште не се откриваат. Украина долго време ги повикува своите сојузници да ги укинат ограничувањата за оружјето што го обезбедува Западот за да може да нападне цели длабоко во Русија.

САД досега го отфрлаат ова бидејќи стравуваат од ескалација што може да доведе до директен конфликт со Русија. Бајден не коментираше јавно за ова прашање во четвртокот. Неговата портпаролка Карин Жан-Пјер изјави дека не очекува да има никакви најави или одлука на средбата со Зеленски.

Средба на Володимир Зеленски со демократската претседателска кандидатка и потпретседателка Камала ХарисФотографија: Jacquelyn Martin/AP/picture alliance

По разговорот со Бајден, Зеленски се сретна со демократската претседателска кандидатка и потпретседателка Камала Харис, која исто така го увери во „непоколебливата“ поддршка на САД. Украинскиот народ се брани „против брутален диктатор“, подвлече Харис.

Таа остро ги критикуваше барањата на нејзиниот  републикански противник Доналд Трамп  дека Украина треба брзо да склучи договор со Русија за запирање на војната. Тоа се истите барања што ги поставува  рускиот претседател Владимир Путин,  рече Харис. „Да бидеме јасни: тоа не се  мировни предлози -  тоа се предлози за капитулација“.

Во меѓувреме, поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека денеска во Њујорк сака да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Состанокот ќе се одржи во кулата Трамп во Менхетен, им соопшти Трамп на новинарите. Трамп првично сигнализираше мал интерес за средба со Зеленски. Тој е критичен кон политиката на администрацијата на Бајден за Украина. Доколку Трамп победи на претседателските избори на 5-ти ноември, Киев стравува од неминовен крај на американската воена помош.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми