САД го признаа опозиционерот Урутиа за победник во Венецуела
2 август 2024Притисокот врз Николас Мадуро се зголемува - САД го признаа опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес Урутиа за победник на контроверзните претседателски избори во Венецуела.
„Со оглед на огромните докази, на САД и особено на народот на Венецуела им е јасно дека Едмундо Гонзалес Урутија доби најмногу гласови на претседателските избори во Венецуела на 28 јули“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Според него, сега е време партиите во јужноамериканската земја да започнат разговори за „мирна транзиција“.
По изборите одржани во неделата (28.07), провладината Изборна комисија го прогласи за победник социјалистот Мадуро, кој е на власт од 2013 година. Сепак, таа сè уште не ги објави деталните резултати за одделни изборни единици. Опозицијата ја обвинува владата за изборна измама и тврди дека победил Гонзалес. Како доказ таа објави податоци во кои, според неа, се вклучени резултатите од повеќе од 80 отсто од избирачките места. Според нив, Гонзалес добил 67 отсто од гласовите, а Мадуро само 30 отсто.
Министрите за надворешни работи на Г7 и неколку земји од Латинска Америка ја повикаа изборната комисија да ги објави деталните резултати. Независната американска организација Картер центар, која испрати набљудувачи на изборите во Венецуела, го опиша гласањето како недемократско. Мадуро побара од Врховниот суд истрага за изборите, но судот важи за верен на власта.