САД го зголемуваат притисокот врз Венецуела
25 октомври 2025
Најмалку десет американски воени напади врз шверцери на дрога во Карибите и Пацификот од почетокот на септември, што резултираа со повеќе од 40 смртни случаи - за тоа нема причина за жалење, рече неодамна американскиот претседател Доналд Трамп. „Секој брод што ќе биде разнесен таму значи 25.000 спасени американски животи. Секогаш кога ќе го видам тоа, си велам: Спасив 25.000 луѓе.“
Трамп е во војна против наркокартелите во Јужна Америка. Неговата администрација ги прогласи за меѓународни терористички организации, со статус сличен на Ал Каеда. Трамп ги нарекува „нарко-терористи“. А Венецуела, социјалистичката диктатура под Николас Мадуро, според Трамп е „нарко-држава“. Трамп ја гледа борбата против дрогата како прашање на национална безбедност. САД, според него, имаат право на самоодбрана. Тој вели дека луѓето што внесуваат дрога во земјата едноставно ќе бидат убиени.
Дали многу од убиените биле само рибари?
Но, во Вашингтон расте вознемиреноста и кај Демократите и кај Републиканците. Само еден напад на море досега даде физички докази дека се работело за шверцери на дрога: По американскиот воен напад на 19 септември, морнарицата на Доминиканската Република извлече пакети со кокаин од водата, со вкупна тежина од приближно 1.000 килограми.
Другите убиени веројатно биле само рибари. Критичарите предупредуваат дека американските напади може да се вонсудски убиства.
Многумина исто така сметаат дека е чудно што Трамп не ја препушта борбата против дрогата на море на крајбрежната стража, како што е вообичаено.
Носачи на авиони и бомбардери против „наркотерористи“
САД создадоа заканувачки кулиси околу Венецуела. Во регионот сега се распоредени околу 10.000 американски војници, најголем број од времето на американската инвазија на Панама во 1989 година. Силите вклучуваат бомбардери, борбени авиони, борбени беспилотни летала, подморница и осум воени бродови.
На пат кон Латинска Америка сега е и УСС Џералд Р. Форд, најмодерниот и најголем носач на авиони во светот, заедно со придружни бродови. Дали сето ова е само за борба против „наркотерористи“? Џејмс Стори беше амбасадор на САД во Венецуела за време на првиот мандат на Трамп. Тој за националното радио НПР изјави: „Овие системи на оружје имаат премногу голема деструктивна моќ за борба против наркотици. Затоа, моја претпоставка е дека сега би можеле да се користат против режимот на Мадуро“.
Дали станува збор за трговија со дрога или за промена на режим?
Сепак, според поранешниот амбасадор Стори, администрацијата на Трамп секако претпочита проблемот да се реши на други начини - на пример, со членови на внатрешниот круг на раководството кои ќе го соборат претседателот Мадуро. САД распишаа награда од 50 милиони долари за неговата глава. ЦИА долго време е активна во Венецуела, до неодамна тајно, а потоа Трамп проговори за тоа.
Претседателот сè уште не му објаснил на Конгресот што се случува. Леон Панета бара тоа да се направи. За Си-Ен-Ен, поранешниот министер за одбрана рече: „За да го разбереме ова, и за да не се најдеме одеднаш во војна случајно, многу е важно претседателот конечно да им каже на американскиот народ, на Конгресот, која е неговата цел во случајот: Дали станува збор за промена на режимот? Дали станува збор за трговија со дрога?“
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека големо мнозинство Американци се противат на инвазија на Венецуела. А најфанатичните обожаватели на Трамп во движењето МАГА се противат на тоа уште повеќе. Тој за време на изборната кампања им вети дека нема да има веќе „бесконечни војни“ од другата страна на светот. Прикажувањето на ескалацијата во Латинска Америка првенствено како борба против наркокартелите би можело да го направи курсот на Трамп поприфатлив за неговите поддржувачи. Бидејќи тогаш би станувало збор само за напредна одбрана од нелегалните дроги, проблем што одзема животи на околу 80.000 Американци секоја година.
Автор: Карстен Кинтоп, АРД