Хаким Џефрис - лидер на Демократите во Претставничкиот дом
1 декември 202252-годишниот американски конгресмен Хаким Џефрис од Њујорк стана првиот Афроамериканец во американската историја кој предводи една од двете големи партии во Конгресот.
При гласањето зад затворени врати, околу три недели по одржаните меѓуизбори во САД, Џефрис немал противкандидат и е избран едногласно.
Со изборот на Џефрис, Демократите на претседателот Џо Бајден вршат генерациска смена и преминуваат од еден историски лидер кон друг – од Пелоси, која беше прва жена претседателска на Претставничкиот дом, Џефрис е помлад за 30 години. Тој е правник и во долниот дом на Конгресот е од 2013 година, во 2018 година е избран во раководството на Демократите, каде последно се наоѓаше на петта по ранг позиција.
Пелоси на средината на ноември, по речиси 20 години, најави повлекување од лидерската позиција на Демократите во Претставничкиот дом. Стигна време раководството да го преземе нова генерација, истакна 82-годишната политичарка.
На конгресните избори на 8 ноември Демократите го загубија своето мнозинство во Претставничкиот дом и претседавањето со него, на почетокот на јануари, при конституирањето на новиот парламент, мора да го предадат на Републиканците. Нов претседател на Претставничкиот дом ќе стане предводникот на Републиканците во долниот дом на Конгресот, Кевин Мекарти, иако нема безрезервна поддршка од сите свои сопартијци.
Демократите успеаја да го одбранат тесното мнозинство во Сенатот, исходот од вториот круг избори во сојузната држава Џорџија идниот вторник ќе реши дали тие во иднина ќе располагаат со 50 или 51 сенаторско место од вкупно 100. Со оглед на тоа што вицепретседателката Камала Харис во улога на претседателка на Сенатот располага со глас, Демократите и со сегашните осигурани 50 мандати имаат контрола во Сенатот.