САД и Азербејџан: Руски сили го собориле авионот?
27 декември 2024САД, исто како Азербејџан, не исклучуваат промашен удар на руските сили за противвоздушна одбрана како причина за падот на азербејџанскиот патнички авион во Казахстан. Според претставник на американската влада, првичните индикации укажуваат на соборување, објавија меѓу другите Си-Ен-Ен и Еј-Би-Си Њус. Доколку се потврдат првичните индикации, може да се претпостави дека слабо обучени руски единици можеби ја згрешиле целта кога се бранеле од украински беспилотни летала, го цитираат американски медиуми претставникот на владата на САД.
Во несреќата во близина на казахстанскиот град Актау, на Каспиското Море, во средата (25.12.) загинаа 38 од 67 лица во авионот. Преживеаја 29 лица, од кои многумина тешко повредени. Авионот Ембраер 190 на Азербејџан ерлајнс всушност требало да лета од главниот град Баку до Грозни, во руската република Чеченија. Тоа утро, руската воздушна одбрана била распоредена во неколку региони во северен Кавказ за борба против беспилотните летала од Украина.
Веднаш по падот на авионот, воени блогери, но и украински претставници, укажаа на можноста од оштетување на леталото од страна на руската противвоздушна одбрана. Интернет-следачите на авиони, како што е Flightradar24, објавија дека ГПС податоците за точната позиција на авионот над Русија биле нарушени. Сликите од задниот дел на трупот на авионот покажаа мали дупки кои изгледаат како удари од делови од ракети за противвоздушна одбрана.
Протекување на информации од Баку
Во првичната реакција, Кремљ предупреди од пребрзи шпекулации. Меѓутоа, во четвртокот попладне, азербејџанското раководство нашироко го рашири сомнежот дека авионот бил погоден од руска ракета Панцир-С. Повикувајќи се на неименувани владини претставници во Баку, локалните и меѓународните медиуми објавија дека авионот бил оштетен при приближувањето кон Грозни. Во Азербејџан голема огорченост предизвика информацијата дека на леталото наводно не му било дозволено да слета принудно на блиските руски аеродроми поради лоши временски услови. Пилотите, како што се вели, морале да управуваат со авионот, кој речиси не можел да се управува, преку Каспиското Море до Актау. Притоа, висината и брзината значително се менувале. Авионот се урнал додека се обидувал да слета во Актау.
Преживеаните се враќаат во Азербејџан
Со азербејџански авион за цивилна заштита вчера (26.12.) во Баку беа префрлени уште седуммина преживеани. Претходно, со еден авион во Азербејџан веќе беа пренесени неколкумина преживеани и загинати.
Израелската авиокомпанија Ел Ал ги откажа сите летови меѓу Тел Авив и Москва оваа недела. Авиокомпанијата соопшти дека причина е „развојот во рускиот воздушен простор“. Тие ќе ја преоценат ситуацијата следната недела и ќе одлучат дали летовите ќе продолжат.
Руските државни медиуми не информираат за големите обвинувања против земјата. Претседателот Владимир Путин одржа кратка прес-конференција по самитот на Евроазиската економска унија во близина на Санкт Петербург, но не кажа ништо за авионската несреќа.
Сеќавања од соборувањето на малезискиот Боинг во 2014 година
Доколку се потврди верзијата за фатално промашување на руската противвоздушна одбрана, тоа би бил втор случај од 2014 година. Во тоа време, украинската армија се бореше против руска воена операција во источниот дел на земјата, маскирана како сепаратистичко востание. На 17 јули 2014 година, руски систем за противвоздушна одбрана од типот Бук случајно го собори авионот на Малезија Ерлајнс, кој леташе од Амстердам до Куала Лумпур над источна Украина. Притоа загинаа 289 луѓе.
Москва до денес негира каква било одговорност за трагедијата и зборува за инсинуација на Западот. Новинарските истражувања и истрагите на холандското правосудство јасно ја докажаа рутата на системот Бук од Русија до украинската конфликтна област и назад. Тројца руски функционери беа осудени во отсуство на доживотен затвор од страна на судот во Холандија во 2022 година.
Како ќе се однесуваат погодените земји кон Москва?
Меѓутоа, овојпат ситуацијата е поинаква, делумно поради тоа што како можни сведоци има преживеани. Холандија, која беше најтешко погодена во 2014 година, важеше за непријателска западна земја кон Русија. Азербејџан и Казахстан се земји кои Москва ги смета за сојузници. Притоа, Азербејџан, кој се збогати од извозот на енергија, во голема мера е независен од Русија и може да настапи силно против Москва. Казахстан, кој има долга граница со Русија и големо руско малцинство, треба да дејствува повнимателно. Казахстанските власти одговорни за истрагата за несреќата досега се воздржуваа од давање какви било изјави за причината.