1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„САД и Берлин да создадат коалиција меѓу Загреб и Сараево“

20 април 2024

Западот треба да „повлече граница“ кон Вучиќ и Додик. „Вашингтон и Берлин би требало, како пред 30 години, да создадат коалиција меѓу Загреб и Сараево, со вклучување на Приштина“, пишува Александер Ротерт за „Велт“.

Милорад Додик и Александар Вучиќ
Милорад Додик и Александар Вучиќ Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

„Србија располага со повеќе модерни воени системи од сите други земји од Западен Балкан заедно, без да постои препознатлива закана за оваа најголема земја на Западен Балкан“, пишува Александар Ротерт во гостинскиот коментар за „Велт“. Тој ги критикува западните политичари, кои и покрај деструктивната улога на Белград во Косово и Босна и Херцеговина, се обидуваат да ја претстават Србија како „бастион на стабилноста“. Во тој контекст ја споменува и посетата на баварскиот премиер Маркус Зедер на Белград.

Зедер, како што се наведува, се обидел да го оживее она што Вашингтон не успеа да го направи пред половина година: да го привлече Белград на страната на Западот. Се потсетува и на предупредувањето на Вучиќ до Западот, упатено само неколку дена пред посетата на Зедер, во кое тој побара од  Западот да одлучи меѓу Косово и Србија.  Ако изборот би бил Косово, Србија би сочекала поволен момент и ќе ја „искористеше шансата“.

Посета на баварскиот премиер Маркус Зедер на Белград - средба со претседателот ВучиќФотографија: Michael Donhauser/dpa/picture alliance

Идеологија на крв и територија

Во врска со ова, Александар Ротерт потсетува дека постоела евидентна „заборавност“ на западните политичари во однос на блиското минато и војните од 90-тите години. Се посочуваат заканите на денешниот претседател на Србија, Вучиќ, за време на седницата на Државното собрание на 20 јули 1995 година, „за време на  српскиот геноцид во Сребреница  врз повеќе од 8.300 Бошњаци, во кој учествуваа ‘Скорпионите' - специјална единица на српското Министерство за внатрешни работи од Белград, кога рече дека за секој убиен Србин од НАТО, ќе бидат убиени 100 муслимани.“ Тоа, потсетува авторот, е квотата која ја одредија нацистите во текот на германската окупација на Југославија во Втората светска војна, односно да се убијат 100 југословенски цивили за секој убиен војник на Вермахтот.

Вучиќ и неговите следбеници се придржуваат до планот „Српски свет“, адаптирано издание на Голема Србија на Милошевиќ, односно припојување кон Србија на области од поранешна Југославија каде што претежно живеат Срби. Ова особено се однесува на половина од Босна и Херцеговина и  северот на Косово.  Оваа идеологија на крв и територија се совпаѓа со „рускиот свет“, се додава во коментарот.

Создавање нова коалиција меѓу Загреб и Сараево?

Авторот на коментарот потсетува и на ситуацијата пред 30 години, за време на војната во Босна и Херцеговина, кога постоеја српско-хрватски планови за поделба на таа земја. Тој нагласува дека овие планови денеска повторно ги поддржуваат некои политичари, особено Милорад Додик.

„Тогаш се вмешаа САД и го принудија Загреб да ја прекине војната против Сараево. Во март 1994 година во Вашингтон беше потпишан истоимениот договор меѓу Хрватска и Босна, што беше пресвртница во војната. Хрватските и босанските воени сили, кои оттогаш дејствуваа заедно, постепено ги потиснаа агресорите. Кога хрватската армија, со поддршка на САД, ја ослободи територијата што ја држеа Србите во август 1995 година, а НАТО ги бомбардираше српските позиции, рамнотежата на силите фундаментално се промени.

Српската страна беше подготвена да преговара за мир, бидејќи воспоставениот однос на силите беше предуслов за мир на Балканот“, пишува Ротерт и заклучува: „Денес таа рамнотежа повеќе не постои“.

Бомбардирање на НАТО на Србија, 18 април 1999 година Фотографија: picture-alliance/ dpa

Затоа, додава тој, „Вашингтон и Берлин, исто како и пред 30 години, треба да создадат коалиција меѓу Загреб и Сараево, со вклучување на Приштина, бидејќи мнозинството од населението во Хрватска, Босна и Косово е проевропско. За жал, тоа не е случај со Србите, бидејќи многу од нив ја претпочитаат Русија пред Западот“, смета Александар Ротерт.

Западот треба да повлече линија

„Западот треба да повлече линија,  бидејќи сè друго се покажа како квадратура на кругот, а српските политичари тоа го толкуваат како политика на смирување и  како слабост на Западот“,  се наведува во коментарот.

„Ако Белград навистина го промени својот политички курс за 180 степени, Западот треба да го поздрави тоа, во манирот на Зедер.  ЕУ пак треба да се прости од илузиите:националистичките автократи како Вучиќ и Додик не се поткупливи и остануваат верни на своите принципи. Иако земаат пари од Брисел, сепак ги отфрлаат нашите западни вредности, како што тоа секојдневно го прави српската пропагандна машинерија во медиумите. Вучиќ и Додик во последните години, особено по вториот руски напад врз Украина, јасно ставија до знаење дека се на страната на Москва. Треба да ги држиме за збор и да не се препуштаме на нереални желби“, заклучува Александар Ротерт во гостинскиот коментар за „Велт".

Александар Ротерт е дипломиран политиколог. Од 1996 до 2016 година работел за ОН, НАТО, ОБСЕ, ЕУ и Канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми