САД и Иран најавија разговори за нуклеарната програма
8 април 2025
Размената на мислења е веќе започната, изјави вчера (7.04), на маргините на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон, американскиот претседател Доналд Трамп во врска со разговорите со Иран за нуклеарната програма. Разговорите, кои, како што се вели, се директни, треба да продолжат во сабота.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи исто така потврди дека е планиран состанок во сабота. Но, тој пишува за индиректни разговори. Треба да има средба на високо ниво во Оман, напиша Аракчи на платформата X. „Тоа е и можност и тест. Топката е на теренот на Америка“, додаде иранскиот министер за надворешни работи. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан неодамна отфрли ги директните преговори со американската влада, но изрази отвореност за индиректен дијалог.
Трамп му се заканува на Иран во случај да не се постигне договор
Според американскиот претседател Трамп, сите се согласуваат дека договорот е најпосакуваното решение. Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, нагласи тој. Доколку нема договор, тоа ќе биде „многу лош ден за Иран“. „Иран ќе биде во голема опасност доколку преговорите не бидат успешни“, изјави Трамп. И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека Техеран не смее, во никакви околности, да се стекне со нуклеарно оружје.
Тонот меѓу САД и Иран во последно време стана поостар. Трамп се закани со воени последици доколку нема нов нуклеарен договор. Иран, од своја страна, се закани дека ќе возврати.
САД се повлекоа од нуклеарниот договор
За време на првиот мандат на Трамп од 2017 до 2021 година, САД се повлекоа од меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, што го потпишаа и Европејците. Тој предвидува строго ограничување на нуклеарната активност на Иран и, за возврат, олеснување на санкциите против земјата.
Откако САД се повлекоа од договорот, Иран ги прекрши договорените обврски и ги надмина границите за облагородување ураниум. Западот долго време го обвинува Иран дека стреми кон нуклеарно оружје. Иран го отфрла ова и наведува дека неговата нуклеарна програма е само за цивилна употреба и производство на енергија.