1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Потрага по пилотот на соборениот американски авион во Иран

ЖА / агенции
4 април 2026

САД и Иран продолжуваат со интензивна потрага по вториот член на екипажот од соборениот американски борбен авион, Техеран тврди дека урнал два воени американски авиони.

Борбен авион Ф-15Е на американските воздухопловни сили
Борбен авион Ф-15Е на американските воздухопловни сили (како овој на фотографијава) наводно бил соборен од иранската војска во петокотФотографија: Jonathan Brady/dpa/picture alliance

Иранските и американските вооружени сили продолжуваат да трагаат по вториот член на екипажот од американскиот борбен авион што се урна над Иран, откако Техеран објави дека соборил летало од типот Ф‑15. Според американските медиуми, едниот пилот бил пронајден и извлечен од специјалните единици на САД, додека потрагата по вториот сè уште трае. Кратко по ова, иранските власти соопштија дека собориле и втор американски авион, модел A‑10.

Американскиот претседател  Доналд Трамп  изјави дека загубата на авионите нема да влијае врз тековните преговори меѓу Вашингтон и Техеран.

Иран тврди дека соборил Ф-15 над централниот дел на земјата

Првичните информации беа објавени од иранските државни медиуми, кои прикажаа и видеоматеријал за кој беше наведено дека го покажува урнатиот авион на земја. Според локален ТВ‑канал, што се повикуваше на полициско соопштение, леталото било погодено над централниот дел на Иран и веднаш потоа се урнало.

„Американски борбен авион беше погоден и уништен во централниот воздушен простор на Иран од противвоздушниот систем на Воздухопловната единица на Иранската револуционерна гарда“, соопшти командниот центар на иранската армија. „Авионoт е целосно уништен, а потрагата продолжува.“

Во меѓувреме, американската армија започна широка спасувачка операција. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои, наводно, се гледаат нисколетачки американски хеликоптери и авион што учествувал во потрагата. Според Си-Ен-Ен, спасениот член на екипажот добил итна медицинска помош.

Еден новинар од локален ирански медиум изјави дека „секој што ќе фати жив член на екипажот ќе добие награда“.

Техеран тврди дека урнал и авион A‑10 над Персискиот Залив

Подоцна, иранската државна телевизија објави дека втор американски авион — A‑10 — бил погоден од иранската противвоздушна одбрана и се урнал во Персискиот Залив.

Регионалната команда на американската војска за Блискиот Исток не даде коментар во однос на тврдењата на Иран за вториот урнат авион. Од Белата куќа соопштија само дека претседателот Трамп бил информиран за ситуацијата.

На прашање дали настаните ќе влијаат врз преговорите со Техеран, Трамп за Ен-Би-Си изјави: „Не, воопшто не. Ова е војна.“

Ескалација на судирите и регионални напади

САД веќе изгубија неколку авиони во текот на повеќе од еден месец  операции во Иран, меѓу кои и танкер‑авион што се урнал во Ирак и три Ф‑15 кои биле по грешка соборени од Кувајт.

Американските и израелските  напади врз Иран започнаа на 28 февруари. Од тогаш,  Техеран возвраќа со ракетни и дроновски напади врз Израел,  неколку заливски држави и американски цели во регионот.

Утрината, новинари на АФП јавија за повеќе експлозии во северен Техеран. Еден новинар изјави дека слушнал звук „како од дрон“. Трамп претходно се закани со нови напади врз мостови и енергетски постројки во Иран, откако САД бомбардираа важен мост на иранската инфраструктура.

Напади повторно беа пријавени и во Бејрут, каде новинар на АФП слушнал две силни експлозии и забележал столбови чад.

Либан вовлечен во конфликтот

Либан беше вклучен во војната во март, кога Хезболах — поддржан од Иран — испука ракети врз Израел по убиството на врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хаменеи. Израел одговори со масовни воздушни напади и испраќање копнени сили преку границата.

Според либанското министерство за здравство, досега се убиени 1.345 луѓе, а 4.040 се повредени. Повеќе од еден милион жители биле принудени да ги напуштат своите домови.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми