САД и Кина постигнаа рамковен договор за ТикТок
16 септември 2025
САД и Кина постигнаа рамковен договор за сопственост на ТикТок, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент во Мадрид, на прес-конференција по завршувањето на последната рунда трговски разговори меѓу двете најголеми економии во светот.Според него, американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Ши Џинпинг во петок (19.09) ќе разговараат за евентуално финализирање на договорот. Тој рече дека целта е сопственоста на ТикТок од кинескиот концерн Бајтденс да премине на американски раце.
Ли Ченгганг, претставник на Кина за меѓународна трговија, на новинарите им рече дека страните постигнале „основен рамковен консензус“ за да ги решат проблемите поврзани со ТикТок на кооперативен начин, да ги намалат инвестициските бариери и да ја промовираат со тоа поврзаната економска и трговска соработка.
Бајтденс има рок до 17 септември да го продаде или запре ТикТок во САД. Но, сега се наѕира решение во последна минута.
Трамп: Корисниците ќе бидат многу среќни
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера (15.09) на својата социјална платформа Трут соушал објави дека има „договор“ и најави телефонски разговор со кинескиот претседател Ши Џинпинг за петок. Иако не го спомнува ТикТок поименично, тој објаснува дека договорот е за „'одредена' компанија што младите луѓе во нашата земја многу сакаат да ја спасат“. Корисниците ќе бидат „многу среќни“ за договорот, вели Трамп.
Тоа веројатно важи и за него. Личниот профил на Трамп на платформата - и покрај сите критики кон операторот на ТикТок - сега има повеќе од 15,2 милиони следбеници. Од средината на август, Белата куќа исто така управува со профил - со над 900.000 следбеници. Трамп постојано изјавуваше дека сака да ја спаси апликацијата, која ја користат 170 милиони граѓани на САД. Тоа му помогна и да освои млади гласачи за време на неговата претседателска кампања во 2024 година.
Какви обвинувања постојат против Бајтденс?
ТикТок е во сопственост на кинескиот технолошки концерн Бајтденс и на САД им е долго време трн в око. Американски закон од времето на претседателот Џо Бајден сега бара од ТикТок да ја продаде платформата во САД, или во спротивно таа може да биде отстранета од продавниците за апликации. По многу протести, Трамп го одложи рокот неколкупати - актуелниот рок истекува во среда, 17 септември.
САД долго време се сомневаат дека концернот Бајтденс пренесува чувствителни кориснички податоци од американски граѓани во Кина. Друго тврдење е дека Кина може да го користи својот алгоритам за ширење пропаганда и дезинформации - дури и без корисниците активно да избираат таква содржина. Ова би можело да овозможи политичко влијание врз младата целна публика на апликацијата. Компанијата ги негира обвинувањата.
Вистината зад обвинувањата
Цврсти докази нема. Како и во случајот со другите платформи, алгоритмот се чува во тајност. Но, постојат индикации дека ТикТок може намерно да промовира содржина или да ја цензурира ако се прикажува содржина што Кина ја смета за неприфатлива.
Впечатлив пример е случајот со корисничката на ТикТок, Фероза Азиз, која во 2019 година, во текот на наводен туторијал за шминкање, одеднаш почна да зборува за систематското угнетување на Ујгурите во Кина. Кратко по објавувањето на критичкото видео, ТикТок привремено го блокираше нејзиниот профил - наводно поради друго, постаро видео кое ги прекршувало правилата. Блокирањето повторно беше укинато, а критичкото видео е и натаму видливо. Критичарите тоа сепак го сметаат за цензура.
Во други случаи, ТикТок е обвинет за ограничување на одредена содржина или зголемување на нејзината видливост - познато и како shadowbanning или hyping. На пример, истражувањето на меѓународната организација за човекови права „Глобал витнес“ за ТикТок и X покажа дека им се дава приоритет на десничарски содржини. Ефектот е особено очигледен на ТикТок.
„Претпоставувам дека ова е некаков ненамерен несакан ефект на алгоритмите дизајнирани да го зголемат ангажманот“, вели Елен Џадсон од „Глобал витнес“ на новинскиот портал techcrunch. Едноставно кажано, алгоритмите се потпираат на емоционални и едноставни пораки. Ова им оди во прилог на десничарските популисти.
Какви податоци собира ТикТок за своите корисници?
Според сопствената политика за приватност, ТикТок собира огромно количество на податоци за своите корисници: возраст, имиња, место на живеење, е-адреси, други контакти, коментари, фотографии, видеа, аудио снимки, преноси во живо, хаштагови, повратни информации и прегледи, како и со тоа поврзаните метаподатоци - односно кога, каде и од кого е создадена содржината.
Бајтденс тврди дека податоците од САД се чуваат исклучиво во САД и не стигнуваат до Кина. Дали е тоа навистина случај, не може да се потврди со сигурност. Во ЕУ, компанијата сега призна дека дала неточни информации и дека податоците на корисниците од Европа се чуваат во Кина. Затоа, ТикТок во мај 2025 година беше казнет со повеќе од половина милијарда евра за прекршувања на правилата за заштита на податоците.
Дискутабилно е дали потенцијалниот договор што Трамп сега го навести нуди можност за поголема заштита на податоците и транспарентност во САД. Германската невладина организација algorithmwatch за ДВ соопшти дека пред сè се потребни подобри закони за заштита на податоците. Без нив, алгоритмите и протокот на податоци не можат да се следат соодветно.
Овој текст првичное објавен на ДВ на германски јазик