САД и Кина постигнаа рамковен договор за трговскиот спор
11 јуни 2025
САД и Кина постигнаа рамковен договор за трговскиот спор. „Се согласивме за рамка за спроведување на Женевскиот консензус и разговор меѓу двајцата претседатели“, изјави американскиот министер за трговија Хауард Лутник доцна синоќа (10.06) по завршувањето на дводневните интензивни преговори во Лондон.
Лутник изрази оптимизам дека загриженоста во врска со ретките метали „ќе биде надмината преку спроведување на оваа општа рамка“. Сепак, таа рамка сè уште чека на одобрение од шефовите на двете држави. „Работиме колку што е можно најбрзо“, изјави за новинарите американскиот ополномоштеник за трговија Џејмисон Грир.
Кинескиот заменик-министер за трговија Ли Ченганг даде одделна изјава за новинарите. Тој ја опиша комуникацијата меѓу двете страни како „многу професионална, рационална, темелна и отворена“. Ли, исто така, изрази надеж дека напредокот постигнат во Лондон ќе помогне во зајакнувањето на довербата кај двете страни.
Дали е спречена натамошна ескалација?
Ова укажува на можно понатамошно деескалирање на затегнатите трговски односи меѓу двете најголеми економии во светот. Сега е во тек 90-дневна пауза во жестокиот царински спор, која е на сила од средината на мај. Во Женева, САД и Кина се согласија значително да ги намалат своите царини на увоз една од друга за 115 проценти и да преговараат за време на паузата. Сепак, на состанокот во Лондон, фокусот беше ставен на ограничувањата за извоз. Во април, Кина го ограничи извозот на важни ретки метали, а има и сложен процес на аплицирање за извозни лиценци. САД, пак, ја ограничија продажбата на важен софтвер за чипови и компоненти за авиони на Кина. Кога и каде двете земји планираат да продолжат со преговори засега не е познато.