Постои одреден парадокс околу посетата/мисијата/провокацијата на Ненси Пелоси, претседателката на американскиот Конгрес на Тајван, прва од тој вид после онаа на Њут Гингрич пред 25 години. Бајден се обиде да го одврати од намерите третиот по важност носител на функција, па дури и јавно истакна дека за Пентагон посетата „не била добра идеја“. Искрено не сметам дека двата од трите најважни столба во американските институции не биле на иста линија, дека Пелоси настапила спротивно од инструкциите, иако го има уставното право на тоа, ниту пак дека постојат две различни линии во рамки на американската Влада околу прашањето за „Една Кина“. И да постојат некакви разлики тие може да се само тактички, но никако стратешки.
Пелоси по средбата со претседателката Цаи Инг-вен даде „цврсто ветување“ дека САД секогаш „ќе бидат покрај Тајван“ потврдувајќи дека САД има намера да ја испочитува својата заложба за демократијата и афирмацијата на слободата во Тајван, како и во сите демократски земји. Бајден и покрај склоноста кон лапсузи, пред неколку месеци изјави дека САД ќе го „бранат“ Тајван ако Кина го нападне островот. Бајден воедно уште пред да стане претседател, со свои зборови во текст за „Foreign Affairs“ нагласи дека: Триумфот на либералните демократии над фашизмот и автократиите го создадоа слободниот свет“. Така да, мене лично ми делува дека Бајден и Пелоси се во совршена синтонија. Како што реков, Бајден сигурно не посакувал турболентен август во полна криза со противникот број 1 на САД, но тоа се тактички, а не стратешки разлики.
Сега нормално, Бајден ќе наиде на послаба поддршка за притисок врз Москва со цел да ја прекине агресијата врз Украина и Кина сигурно ќе биде потешка за убедување да не ја поддржува Русија во нејзините напори да ги заобиколи западните санкции. Но, од друга страна, со гестот на Пелоси, САД и Демократите, што дома-што на светот, му покажаа дека се подготвени да преземат ризици, да тропнат на маса, да покажат заби, кога се работи за демократијата или безбедноста на нивните сојузници. Тоа е битна позиција пред ноемвриските мид-терм избори во САД. Во исто време САД му испратија силна и дестабилизирачка порака на кинескиот претседател/император Кси Џипинг, кој за кратко време треба да се соочи со 20-от Конгрес на Кинеската Комунистичка партија, каде размислува дали уште повеќе да си ја зголеми моќта. Воедно, оваа порака доаѓа во моменти кога Џинпинг се соочува со сериозни критики за негативните економски состојби и неговата престрога и неефикасна „нулта Ковид“ политика.
Кина разбирливо одговори со економски санкции и интензивирање на воените вежби, поморска блокада и авионски прелети, но тие не ескалираат до степен кој не сме го виделе досега. Се разбира, ништо не е дефинитивно и сешто може да се случи, но делува дека потезите на Пекинг и нивната демонстрација на сила е повеќе симболична. Заканите на Џинпинг пред посетата беа толку големи, тешки и претерани, што сега што и да направи ќе делува како да го изгубил образот. Старата кинеска стратешка мудрост предвидува секогаш да си внимателен пред да се фрлиш во напад или барем да си оставиш простор за чесно повлекување. Овој пат делува дека кинеските лидери ја заборавија својата милениумска мудрост и воздржаност.
Повеќе од авторот: Студената војна се враќа во Африка
Но, не треба да се потценува ни фактот дека важноста на Тајван енормно е зголемена од подемот на новата Студена војна помеѓу САД и Кина, како детерминирачки елемент за новиот светски поредок, но и како стратешки судир на нивните внатрешни политички режими и нивните геополитички цели, односно, од судирот помеѓу либералните демократии и автократиите.
Оттука интересот за Тајван е огромен и кај двете светски сили и тој интерес е симболичен, политички и стратешки. Се разбира, во првите два аспекти е далеку поважен за Кина отколку за САД, но во поглед на амбициите за позицијата светски хегемон е подеднакво важен и за обете. Тоа ја прави стратешката вредност на Тајван далеку поголема и од онаа на Украина, затоа што „дуелот на столетието“ нема да се одигра на Карпатите, туку во Пацификот.
Тоа ни кажува дека Вашингтон и Кина се наоѓаат на еден пат кој евентуално води до војна, прашање е на време, на како, но зависи и од суштинската мудрост, дали двете сили ќе ја препознаат опасноста и ќе делуваат да ја спречат, или пак, едноставно ќе го прегрнат судирот како неизбежен.
Кинеските воени вежби кои ќе траат од четврток до недела, Џинпинг ги именуваше како „прецизни воени операции“, деноминација која морничаво ја евоцира руската „специјална воена операција“ во Украина. Станува збор за опсежни маневри во близина и во самите територијалните води на Тајван каде се користи и боева муниција. Имајќи предвид колкава е американската поморска и воздушна концентрација во зоната, ризикот од судир кој би произлегол од инцидент или грешка е сериозно висок.
Објективно, ниту САД, ниту Кина во овој момент не посакуваат воен судир. Но, знаеме, војните не секогаш се одлучуваат, понекогаш едноставно - се случуваат. Америка не посакува војна, ни денес - ни утре. Во САД се уште е жива надежта дека кинеското прашање ќе се реши само од себе, како последица на самоубиство на комунистичкиот режим, во совршен стил на СССР. Тоа е недекларираната цел на американските стратези кои веруваат во крах и поделба на повеќе Кини, повеќе или помалку независни. На тој начин САД би се спасиле од заканата Кина да ги престигне и да стане новиот светски хегемон. Но, во исто време САД се подготвени за војна и денес и утре и задутре во случај Пекинг да го нападне Тајпеј. Едноставно, Вашингтон не може да си дозволи да не реагира во една слична ситуација. Во случај кога Пекинг би го освои „убавиот остров“, веднаш би обезбедил штит за кинеското крајбрежје. Пекинг би добил неограничен пристап кон Пацификот без да биде подложен на контрола од воените бродови и бази на САД распоредени од Јапонија до Сингапур. Тоа би ја направило Кина вистинска поморска сила, способна да ја загрози американската таласократија и нејзината доминација над светските мориња. Поинаку кажано, доколку САД се откажат од одбрана на „својата“ Кина, тогаш на другата Кина ќе и го доделат приматот на светски број 1.
Повеќе од авторот: Путин во Техеран ја лансираше aнти-НАТО оската
Од друга страна, Народната Република рационално не би имала интерес од војна. Прво, затоа што воено е послаба, барем на хартија, иако би се борела на домашен терен. Второ, егзистенцијално би го загрозила својот опстанок. Во најмала рака би загрозила 40 години на вртоглав напредок преку учество во светски поредок кој САД го контролира и каде и дозволи да учествува. Џипинг си постави ултиматум на самиот себе и апостериори, дека Формоза мора да се освои до 2049 година, по мирен или воен пат. Но, актуелната економска, социјална и општествена состојба не одат во прилог на воени авантури, додека Пекинг внимателно ги следи и руските проблематични искуства со освојувањето на Украина, кое десеткратно е поедноставно од поморски десант, како и загубата на мека моќ која ја погоди Москва после инвазијата. Кина се уште е презависна од извозот кон ЕУ и САД, од поврзаноста со доларот и од американската технологија, за дефинитивно да ги загрози односите со Вашингтон и Западот.
Не е исклучено дека сите овие фактори ќе го примораат Пекинг кон помек пристап базиран на обединување преку политичка, културна и економска пенетрација, како и преку петтоколонашите на островот со цел да ја еродира поддршката на Тајванците кон Тајпеј. Сигурно, станува збор за тактика која Русите не успеаја да ја применат кон Украина.
Во секој случај, делува дека доаѓа крајот на сино-американскиот компромис кој пред половина век го воспоставија Хенри Кисинџер и Џоу Енлаи, зацементиран со Консензусот од 1992 година каде според дипломатска конвенција САД ја прифати „политиката на една Кина“ . Таа архитектура се базираше на американското признавање на Народна Република Кина за сметка на Република Кина, како што Тајван тогаш се нарекуваше себеси. Во замена за тоа Вашингтон го измисли ставот за „стратешка двосмисленост“ во однос на воена интервенција во Тајван, нешто што денес повеќе не делува како веројатно. Тоа особено следува по заканувачкиот и непочитувачки однос на Пекинг, односно, нивното предавство кон Хонг Конг каде унилатерално го поништија сино-британскиот договор за „една земја два системи“, арбитраните апсења, геноцидот на муслиманското малцинство Ујгури, како и укинувањето на јазикот, културата и идентитетот на тибетанскиот народ и генералната репресија на неистомислениците во Кина.
Повеќе од авторот: Бајден во „невозможна мисија“ на Блискиот исток
Кој е излезот и како односите со Кина да бидат поразлични од оние со Русија? Единствениот начин да се одбере поразличен пат од оној на воениот судир оди преку признавање од двете страни на сериозноста на ситуацијата и одговорно прифаќање своите несогласувања да ги решат преку преговори и евентуален договор. За жал таа опција денес, а и во блиска иднина, делува крајно далечна.
Џипинг и Бајден оваа есен ги очекува најавената средба лице в лице, да се надеваме дека навистина ќе се случи и дека преку дијалог, наместо покажување мускули, ќе си подадат рака. Натпреварот секако ќе продолжи, но барем нека биде со договорени правила на игра.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.