1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈемен

Напади на САД и Велика Британија против Хутите во Јемен

ЖА
12 јануари 2024

САД и Велика Британија бомбардираа позиции на Хутите во Јемен во одговор на нивните напади врз трговски бродови во Црвено Море. Милицијата најавува одмазда. Русија бара итна седница на Советот за безбедност на ОН.

Воен напад на САД и Велика Британија против Хутите во Јемен
Воен напад на САД и Велика Британија против Хутите во ЈеменФотографија: UK Ministry of Defence/AP/dpa/picture alliance

САД и Велика Британија ноќта кон петокот извршиле повеќе воени напади врз позиции на бунтовничките Хути во Јемен. Американските власти открија за Ројтерс дека тие биле извршени со авиони, бродови и подморници.

„Ова е директна реакција на нападите без преседан извршени од страна на Хутите врз  меѓународни бродови во Црвеното Море, вклучително и употребата на противбродски балистички ракети за прв пат во историјата“, изјави американскиот претседател Џо Бајден, истакнувајќи дека нема да се колеба околу натамошни нужни мерки за заштита на луѓето и слободниот проток на трговијата.

Британскиот премиер Риши Сунак исто така потврди дека британската авијација, заедно со САД, како и со неоперативна поддршка од Холандија, Австралија, Канада и Бахреин, започнала целни напади на  воени позиции на Хутите.  „Анализата на извршените напади уште е во тек, но првите знаци укажуваат на зададен сериозен противудар на способноста на Хутите натамошно да ги загрозуваат трговските бродови во Црвено Море“, се вели во соопштението на Сунак.

Без оглед на нападите на САД и Велика Британија врз нивни упоришта во Јемен, Хутите најавија натамошни акции против бродови во Црвеното Море. Интервенцијата на САД и Велика Британија нема никакво оправдување, изјави портпаролот на Хутите, Мохамед Абдулсалам на Х.  Хутите се солидаризираат со Хамас  во Појасот Газа, напаѓајќи бродови кои според нивно мислење се во некаква врска со Израел.

Русија за денеска побарала одржување итна седница на Советот за безбедност на ОН поради нападот на САД и Велика Британија врз Хутите во Јемен, пренесува агенцијата Интерфакс.

Иран остро го осуди нападот врз бунтовните Хути, кои уживаат поддршка на Техеран. Нападот претставува повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет на Јемен и кршење на меѓународното право, тој нема да води до никаков резултат освен ширење нестабилност во регионот, изјавил портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми