1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

САД ја казнија Луфтханза поради дискриминација

ЕМФ / дпа
16 октомври 2024

Американското Министерство за транспорт ја казни Луфтханза со 4 милиони долари поради дискриминација на еврејски патници. Станува збор за инцидент во периодот на пандемијата на коронавирус.

авиони на Луфтханза
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Поради дискриминација на еврејски патници, германската авиокомпанија Луфтханза е казнета со 4 милиони долари (околу 3,7 милиони евра). Американското Министерство за транспорт, кое ја изрече казната, соопшти дека е тоа највисока казна што некогаш е изречена против авиокомпанија за кршење на граѓански права.

Станува збор за лет од Франкфурт кон Будимпешта во мај 2022 година. На 128 патници од Њујорк, од кои повеќето носеле облека типична за ортодоксните Евреи, не им било дозволено да се качат во авионот поради „наводно недолично однесување“ на некои од патниците. „Иако многу од патниците не се познавале меѓусебно и не патувале заедно, патниците кои биле испрашани од страна на иследници на американското Министерство за транспорт, рекле дека биле третирани како да се група и не им било дозволено да влезат во авионот поради наводно недолично однесување на малкумина од патниците“, пишува Министерството за транспорт на САД.

Луфтханза ги отфрла обвинувањата за дискриминација. Компанијата изразува жалење за условите кои довеле до одлуката да не им се дозволи влез во авионот на патниците, и се извини јавно многупати, ја цитира компанијата во својот документ Министерството за транспорт на САД. Луфтханза тврди дека инцидентот се должи на „несреќна низа неточни информации, погрешни интерпретации и погрешни проценки во текот на процесот на донесување одлуки“. Иако ова е за жалење, немаше дискриминација, се вели од авиокомпанијата. Според Луфтханза, одлуката е донесена исклучиво поради безбедносни причини. Мнозинството од засегнатите, имено, не носеле заштитни маски во време на пандемијата, како што се барало на летот од Њујорк до Франкфурт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми