1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Америка

САД контра Иран: Три генерации конфликт

Петер Хиле
17 март 2026

Три клучни моменти што ги обликуваа ставовите на Иран и САД едни спрема други - и кои покажуваат зошто недовербата опстојува.

Иран Техеран 2016 | Антиамерикански мурал пред поранешната амбасада на САД
Иранки поминуваат покрај антиамерикански мурал на пат кон поранешната американска амбасада во ТехеранФотографија: Abedin Taherkenareh/dpa/picture alliance

Американско-израелската војна со Иран што избувна на 28 февруари не започна одеднаш. Конфликтот меѓу САД и Иран се развива со генерации. ДВ објаснува како три клучни настани - пучот од 1953 година, заложничката криза од 1979-81 година и тековниот нуклеарен спор - кои продолжуваат не само да ја обликуваат политиката и јавното мислење, туку и го отворија патот за војна.

ЦИА и пучот

Во поголемиот дел од 20 век, Иран и САД негуваа блиски односи. По Втората светска војна, Вашингтон го гледаше Техеран како клучен сојузник против Советскиот Сојуз. САД го поддржуваа шахот Мохамед Реза Пахлави, кој го позиционираше Иран како прозападна монархија на Блискиот Исток.

Но, во 1951 година премиерот на Иран, Мохамед Мосадег, ја национализираше нафтената индустрија на Иран и со тоа стави крај на западната контрола врз иранските ресурси. Две години подоцна, ЦИА и британскиот МИ6 помогнаа во организирањето на државен удар против Мосадег.

Ијан Лесер, потпретседател на тинк-тенкот Германски Маршалов фонд, смета дека државниот удар од 1953 година е пресвртница „која САД и Велика Британија во суштина ја осмислија за да го соборат Мосадег и да го реинсталираат шахот“.

Пучот го врати авторитетот на шахот, но создаде и длабоко чувство на неправда во иранското општество. Многу Иранци странската интервенција ја сметаа за спротивна на демократијата. Негин Ширагеи, основач на мрежата Азади, фокусирана на промовирање на движењето „Жена, живот, слобода“ во Иран, објаснува дека „генерацијата на моите родители сметаше дека проблемите што ги имаше земјата беа поради интервенцијата на САД. Тие го сметаа шахот за марионета на САД“. Таквото сеќавање стана движечка сила на Исламската револуција околу три децении подоцна.

Мохамед Мосадег: САД ја потврдија својата улога во пучот против иранскиот премиер дури 60 години подоцна, во 2013 годинаФотографија: AP Photo/picture alliance

Револуцијата и заложничката криза

До крајот на 1970-тите незадоволството од режимот на шахот постојано растеше. Многумина од оваа генерација го сметаа владеењето на шахот за репресивно и беа убедени дека  Вашингтон одиграл клучна улога во неговото одржување на власт.

Во 1979 година масовни протести ставија крај на владеењето на шахот. Верскиот водач, ајатолахот Рухола Хомеини се врати од егзил и ја создаде Исламската Република, усвојувајќи јасно антизападна и антиамериканска идеологија.

Денес, многу членови на генерацијата што помогна во воспоставувањето на Исламската Република и нејзината конфронтациска политика кон САД сè уште држат високи позиции во Иран. А, сегашното иранско раководство сè уште во голема мера се потпира на симболите и слоганите од револуцијата од 1979 година за да ја оправда својата моќ.

Клучен столб на овој систем е Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), воена и политичка сила создадена за да ја брани револуцијата и да потисне внатрешен отпор, рутински сузбивајќи ги протестите, медиумите и граѓанското општество.

Во САД доминира различно сеќавање, имено на заложничката криза од 1979-81 година. На 4 ноември 1979 година, студентска група поврзана со политичката идеологија на Хомеини ја нападна амбасадата на САД во Техеран и зеде 66 американски заложници. Тие бараа САД да го предадат шахот, кој го напушти Иран и живееше во егзил и тврдеа дека сакаат да спречат уште еден државен удар како оној во 1953 година.

Блиски односи: Шахот Мохамед Реза Пахлави со американскиот претседател Џими КартерФотографија: AP Photo/picture alliance

За многу Американци преземањето на амбасадата беше напад врз нивната земја и понижување што се емитуваше секојдневно на телевизија. Заложниците беа држени 444 дена, а нивното ослободување беше јавно емитувано, проследено со пречек на херои и парада во Њујорк, оставајќи влијание кое до денес го обликува јавното мислење и креирањето политики.

Политикологот Лесер за ДВ оценува дека многумина на позиции на власт денес во Вашингтон, всушност „луѓето околу американскиот претседател и самиот претседател“, ги формирале своите ставови во тој период. „Таа перцепција за Иран како противник е многу длабоко вкоренета во одредени генерации“, вели тој.

Непријателството дополнително се зголеми со бомбардирањата во Бејрут во 1983 година, во кои милицијата Хезболах, поддржана од Иран, уби повеќе од 200 американски маринци во Либан. Лесер вели дека перцепциите на САД за Иран „се обликувани од овие искуства. Клучните терористички напади зад кои стоеше Иран се во преден план“.

Американските дипломати беа држени како заложници 444 дена (фото: протест во Њујорк против земањето заложници во американската амбасада во Техеран)Фотографија: ZUMA/IMAGO

Нуклеарни грижи и пропадната дипломатија

По револуцијата во 1979 година антиамериканските чувства во Иран беа силни. Но, Ширагеи вели дека овој интензитет побрзо опаѓал отколку што иранската владина пропаганда би сакала јавноста да знае. „Чувството меѓу луѓето брзо се менуваше, дури и ако тие немаа храброст да го изговорат тоа“, вели Ширагеи.

Иранците кои пораснаа во 1990-тите и почетокот на 2000-тите години доживеаја период обележан со обиди за политичко отворање. Тие ги поддржуваа реформистичките лидери и своевремено веруваа дека промена е можна.

Ширагеи вели дека нејзината генерација пораснала свесна за моќта на САД, но ги доведувала во прашање пропагандните слогани како што се Америка како „Големата сатана“ или барањата за „смрт за Америка“. „Мојата генерација беше свесна за негативните аспекти на американската моќ и како тие се однесуваат во светот и креираат војни“, вели таа и додава: „Сепак, во исто време, размислувавме дали навистина е потребно толкаво непријателство?“

Негин Ширагеи, основач на мрежата Азади, фокусирана на промовирање на движењето „Жена, живот, слобода“ во ИранФотографија: DW

На политичко ниво соработка меѓу Вашингтон и Техеран навистина имаше особено по нападите од 11 септември 2001 година. Како што истакнува Лесер, „бевме на иста страна кога стануваше збор за сунитскиот фундаментализам и Ал Каеда. Можеби дури и би можеле да бидеме на иста страна во однос на енергетската безбедност, бидејќи двете земји сакаат безбедност на снабдувањето преку извоз.“ Ваквите заеднички интереси сепак ретко преживеале промени во политичкото раководство.

Во Иран, реформистичкото движење се соочи со отпор од тврдокорните, а надежите за промени избледеа. Во САД, стравот дека Иран би можел да развие нуклеарно оружје стана доминантна грижа во раните 2000-ти. Вашингтон се сомневаше дека Иран се обидува да направи бомба, додека Техеран инсистираше дека неговата програма е за цивилна енергија. Овие сомневања доведоа до години санкции, притисок и закани, создавајќи циклус на ескалација што ја обликуваше политиката на обете страни. Обидите за дипломатија доведоа до потпишување на нуклеарниот договор од 2015 година, кој го ограничи облагородувањето на ураниум во Иран во замена за олеснување на санкциите.

Иан Лесер е експерт за надворешна политика на САД и блискоисточни прашањаФотографија: Samuel Corum/AA/picture alliance

Но, критичарите во САД тврдеа дека договорот е привремен и недоволен. Кога администрацијата на Трамп се повлече од договорот во 2018 година, недовербата повторно се продлабочи. По пропаѓањето на договорот, преговорите постојано наидуваа на застој. Иран ги зголеми нуклеарните напори, а САД ги зголемија санкциите. Во јуни 2025 година, САД почнаа да бомбардираат ирански нуклеарни постројки. Заедничките воздушни напади на САД и Израел, во кои беше убиен врховниот водач на Иран, Али Хаменеи, го означија почетокот на војната во 2026 година.

Лесер смета дека зближување на двете страни е сè уште можно и тврди дека „генерациската промена ќе придонесува во позитивна насока. Големи делови од иранското општество, особено младите, едноставно веќе немаат волја да го поддржуваат овој режим“. Ширагеи забележува дека „американскиот сон беше извезуван преку филмови и интернет“, обликувајќи ги ставовите на помладите Иранци и покрај државните ограничувања. Таа вели дека дури и за време на војната, антиамериканските чувства кај младите луѓе се лимитирани затоа што „тие не бараат непријател надвор. Тие го имаат непријателот до себе.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми