1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Мајка на масовен убиец прогласена за виновна за убиство

СН/агенции
7 февруари 2024

Ова никогаш досега не се случило: тинејџер изврши вооржен масакр во училиште во САД, а неговата мајка е осудена за тоа. Причината: Таа го обезбедила оружјето со кое било извршено злосторството.

Букети цвеќе, свеќи и лични пораки во спомен на жртвите на масакрот во училиштето во Оксфорд Мичиген извршен на 1 докември 2021 година
Букети цвеќе, свеќи и лични пораки во спомен на жртвите на масакрот во училиштето во Оксфорд Мичиген извршен на 1 докември 2021 годинаФотографија: Jake May/AP Photo/picture alliance

Поротата во Мичиген ја прогласи за виновна мајката на ученикот кој уби четворица ученици во училиште во 2021 година за убиство од небрежност, со што таа стана првиот родител во САД кој е прогласен за виновен за кривично дело извршено од неговото дете.

Обвинителите изјавија дека Џенифер Крамбли, според законот во Мичиген, имала должност да го спречи нејзиниот син, кој тогаш имал 15 години, да го изврши кривичното дело.

Таа е обвинета дека ги обезбедила оружјето и муницијата со кои бил извршен масакрот и оти ги игнорирала предупредувачките знаци дека синот Итан може да биде насилен и не побарала стручна помош за поддршка на неговото менталното здравје .

Четирите обвинителни пресуди, по една за секој убиен ученик во средното училиште во Оксфорд, Мичиген беа донесени по 11 часа заседавање на поротата.

Џенифер и Џејмс Крамбли се првите родители во САД кои се обвинети за масовно убиство извршено од нивното дете. На Џејмс ќе му се суди во март.

Трагедијата се случи на 30 ноември 2021 година, кога Џенифер и Џејмс биле повикани во училиштето затоа што на задачата по математика Итан нацртал пиштол, куршуми и застрелан човек. Тие дошле на разговор, но рекле дека нема потреба да го носат синот дома и да побараат стручна помош за него.

Училиштето во кое во 2021 година тогаш 15-годишниот Итан го изврши злосторството Фотографија: Paul Sancya/AP/picture alliance

Неколку часа подоцна, Итан извадил пиштол од ранецот и застрелал 10 ученици и наставници, убивајќи четворица.

Неговиот татко го купил пиштолот четири дена претходно, по што го однел Итан на стрелиште да го научи како да пука.

Одборот за условно ослободување во Мичиген ќе одлучи колку Џенифер ќе остане во затвор, а максималната казна за убиство од небрежност е 15 години.

Обвинителите, сепак, сѐ уште не се изјаснија дали ќе бараат да се соберат казните за четирите пресуди, што може да значи до 60 години затвор.

Итан Крамбли, кој сега има 17 години, се изјасни за виновен за убиство и за тероризам и отслужува доживотна затворска казна.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми