САД очигледно нападнаа цели во Венецуела
3 јануари 2026
САД, очигледно, нападнаа цели во Венецуела. Владата во Каракас го обвини Вашингтон за спроведување воена агресија врз цивилни и воени цели. Американските медиуми Си-Би-Ес Њуз и Фокс Њуз, исто така, објавија дека САД нападнале цели во Венецуела. Американскиот претседател Доналд Трамп ги одобрил нападите, објави Си-Би-Ес Њуз повикувајќи се на американски официјални лица.
Нападите претставуваат кршење на Повелбата на ОН, се вели во соопштението на венецуелската влада. Се тврди дека целта на САД е да ги добијат природните ресурси на Венецуела - како што се големите резерви на нафта - и да предизвикаат промена на власта. „Тие нема да можат да го сторат тоа“, се вели во соопштението. Претседателот Николас Мадуро прогласи вонредна состојба и нареди мобилизација на населението, исто така беше соопштено.
Мадуро, долго време ја обвинува американската влада дека сака да наметне промена на власта во Каракас. Пентагон на прашањето за потврда на нападите ја упати германската новинска агенција дпа на Белата куќа која сè уште не одговорила.
Експлозии и столбови чад над Каракас
Видео снимки од експлозии и столбови чад во главниот град Каракас беа објавени во венецуелските медиуми и на социјалните мрежи. Неколку од нив наводно се случиле во областа Ла Карлота, каде што се наоѓа базата на воздухопловните сили на Венецуела. Едно видео на телевизијата ВПИтв прикажува неколку хеликоптери како летаат над градот ноќе. Оклопни возила на венецуелските безбедносни сили беа забележани во близина на претседателската палата Мирафлорес.
Претседателот на соседна Колумбија, Густаво Петро, напиша на мрежата X: „Во овој момент Каракас е бомбардиран. Аларм за сите, Венецуела е нападната. Тие испукуваат ракети. Организацијата на американските држави и Обединетите нации треба веднаш да се состанат.“
САД концентрираа огромни сили пред Венецуела
Трамп повеќепати се закануваше со воена интервенција во Венецуела. Конфликтот меѓу САД и Венецуела ескалираше во последните месеци. Од септември, американската војска повеќепати напаѓаше бродови наводно натоварени со дрога во Карибите и во Пацификот. Според американската влада, повеќе од 100 луѓе се убиени во тие напади. Трамп деновиве исто така изјави дека американските вооружени сили неодамна нападнале осомничено „претоварно пристаниште за дрога“ на територијата на Венецуела „Имаше голема експлозија во пристаништето, каде што се товареле бродовите со дрога“, изјави тој.
По повторниот избор на Мадуро во 2024 година, засенет од обвинувања за измама, владата во Вашингтон веќе не го признава левичарскиот политичар како легитимен шеф на државата. Покрај тоа, го обвинува дека е вмешан во трговија со дрога. За информации што ќе доведат до апсење на Мадуро, САД понудија награда до 50 милиони долари (околу 43 милиони евра).
Најголеми нафтени резерви во светот – во Венецуела
Мадуро, пак, тврди дека САД се обидуваат да се доспеат до огромните нафтени резерви на Венецуела. Јужноамериканската земја располага со околу 303 милијарди барели – најголемите нафтени резерви во светот. Поради санкциите, лошо управување и недостиг на инвестиции, производството сепак е далеку под можностите.