1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Огромна штета од протекувањето на тајните документи

АРД
11 април 2023

Штетата од протекувањето на американски тајни документи на интернет, меѓу кои и за испорака на оружје и состојбата на фронтот во Украина, но и за шпионажа во Русија, е огромна.

Џон Кирби, портпарол на американскиот Совет за национална безбедност
Џон Кирби, портпарол на американскиот Совет за национална безбедностФотографија: John Kirby/REUTERS

Американската јавност треба да знае дека ова „го сфаќаме многу, многу сериозно“, рече директорот за комуникации на Советот за национална безбедност Џон Кирби, видно вознемирен. Нема сомнение дека САД се во кризен модус.

Со денови на различни онлајн платформи кружат строго доверливи документи на американската влада за војната во Украина. Документи со чувствителни информации за испораки на оружје, мапи кои го покажуваат текот на фронтот, информации за локацијата на украинските или руските војници или укажувања за потрошувачката на муниција. Но, има и документи со доверливи информации за сојузниците на САД.

Од каде протекле информациите?

Засега, американската влада нема поим кој би можел да стои зад објавувањето на документите. „Не знаеме кој е одговорен за ова и дали одговорните имаат повеќе информации кои сакаат да ги објават“, вели Кирби претпазливо.

Според истражувањето на „Вашингтон пост“, стотици, можеби дури и илјадници вработени во Пентагон биле на соодветно ниво на безбедност и имале пристап до документите. Протечениот материјал очигледно е фотографиран од брифинг-документи. Некои од нив доаѓаат од американските тајни служби, но и од врховната команда на американските вооружени сили. Според Си-Ен-Ен, владини претставници веруваат дека документите се оригинални.

Многу луѓе во Пентагон имале пристап до документитеФотографија: Liu Jie/Xinhua/picture alliance

„Се чини дека фотографиите покажуваат документи кои имаат сличен формат со документите на тајните служби што се користат за секојдневно ажурирање“, рече портпаролот на Пентагон, Крис Мигер, додавајќи: „Се чини дека некои од овие слики се отпосле менувани.“

Тој предупреди дека документите имале потенцијал да шират дезинформации. Навистина, на интернет во меѓувреме се појавија и лажни документи.

„Министерството за одбрана работи деноноќно за да дознае повеќе за големината на овој инцидент, неговото влијание и што да се преземе во врска со тоа.“

Откриена американска шпионажа во Русија

Пентагон сега истражува какво влијание може да има протекувањето на податоците врз националната безбедност. Протечените документи се многу експлозивнии поради тоа што ги откриваат шпионските методи на американските тајни служби и покажуваат до каде тие веќе навлегле во рускиот безбедносен апарат. Тоа се информации кои се исклучително вредни за руската влада, бидејќи таа сега може да ги затвори сите безбедносни дупки што може да се појават.

Министерството за правда на САД покрена кривична истрага за случајотФотографија: Reuters/A. Kelly

Останува прашањето - зошто некој би имал интерес да им наштети на САД и Украина? На тоа прашање не е лесно да се одговори, вели поранешниот агент на ФБИ, Џон Милер, за Си-Ен-Ен.

„Погледнете ги мотивите од минатото: Едвард Сноуден имаше идеолошки причини, Челси Менинг сметаше дека луѓето треба да дознаат нешто за војната, а понекогаш станува збор и за обична шпионажа. Бидејќи овојпат има широк опсег на информации, тешко е да се одреди мотивот.“

Во меѓувреме, Министерството за правда покрена кривична истрага. Доколку „кртот“ биде пронајден, тој ќе мора да се соочи со сериозни последици.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми