САД открија над милион нови документи поврзани со Епстин
25 декември 2025
Американските власти, според сопствени информации, пронашле повеќе од еден милион дополнителни документи кои можат да бидат поврзани со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин.
Министерството за правда потврди откритие на нови документи
Обвинителството за јужниот округ на Њујорк и федералната полиција ФБИ откриле „повеќе од еден милион дополнителни документи кои можеби се поврзани со случајот Џефри Епстин“, соопшти Министерство за правда на САД во средата (24.12) на платформата X.
Адвокатите работат „деноноќно“ на прегледување на документите и на законски задолжителното цензурирање (поцрнување на делови од документите) за заштита на жртвите. Документите, како што се вели, ќе бидат „објавени што е можно побрзо“. Сепак, поради огромниот обем на материјалот, тоа „може да потрае уште неколку недели“.
Закон за транспарентност и одложување на објавувањето
Според Законот за транспарентност на досиејата Епстин (Epstein Files Transparency Act, Efta), сите досиеја Епстин требаше да бидат објавени до 19 декември. Законот беше речиси едногласно усвоен од Конгресот во ноември и потпишан од американскиот претседател Доналд Трамп. Министерството за правда, сепак, не го испочитува овој рок.
Причини за доцнење - заштита на идентитетот на жртвите
Заменик министерот за правда Тод Бланш го оправда одложувањето со потребата внимателно да се отстрани идентитетот на жртвите на Епстин од документите. Опозициските демократи ја обвинија владата на Доналд Трамп за кршење на законот.
Финансискиот советник и милионер Епстин, кој имал врски до највисоките кругови во САД, беше пронајден мртов во својата затворска ќелија во Њујорк во 2019 година. Според официјалните информации, осудениот сексуален престапник извршил самоубиство. Пред неговата смрт му се припишуваше дека злоупотребил повеќе од илјада девојчиња и жени и дел од нив ги проследувал на познати личности.
Меѓу неодамна објавените документи се наоѓа и наводно писмо на Епстин, во кое тој тврди дека Трамп „сака да допира млади, атрактивни девојки“. Американското Министерство за правда го нарече писмото „фалсификувано“ и предупреди на „невистинити“ тврдења за Претседателот.