1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Позлатено или златно доба

9 ноември 2024

Доналд Трамп најави дека ќе ја води Америка во нејзиното „златно доба“. Таа има искуство со „златото“. Со Позлатеното доба од пред 140 години, кое донесе огромна индустријализација и уште поголема корупција.

„Ова навистина ќе биде златното доба на Америка“, порача победникот Доналд Трамп по изборите на 5 ноемвриФотографија: Chip Somodevilla/Getty Images

Откако беше јасно дека Доналд Трамп ги освои потребните 270 електорски гласови, новоизбраниот американски претседател им се обрати во Мар-а-Лаго во Флорида околу 2,30 часот на своите егзалтирани поддржувачи ветувајќи дека ќе го води „златното доба на Америка“ откако го започна „најголемото политичко движење на сите времиња“.

„Никогаш немало вакво нешто во оваа земја, а можеби и пошироко. И сега ќе достигне ново ниво на важност бидејќи ќе ѝ помогнеме на нашата земја да заздрави“, рече Трамп рано утрото во средата.

Трамп рече дека ќе го води „златното доба на Америка“ на неговата инаугурација.

„Секој граѓанин, ќе се борам за тебе, за твоето семејство и за твојата иднина. Секој ден ќе се борам за тебе. И со секој здив во моето тело, нема да мирувам додека не ги направиме луѓето силни, безбедни и просперитетни. Америка што ја заслужуваат нашите деца и која вие ја заслужувате. Ова навистина ќе биде златното доба на Америка“.

И уште додаде: „Америка ни даде невиден и моќен мандат. Ќе управувам со едноставно мото: дадени ветувања, остварени ветувања“.

Трамп навистина доби невиден и моќен мандат, тој го освои и народното гласање, што не беше случај во 2016 година. Последен пат од републиканците тоа му успеа на Џорџ В. Буш во 2004, а пред тоа на неговиот татко Џорџ Буш постариот во 1988.

Какво „златно доба" може да очекувааат Американците во следните четири години? Тоа никој не го знае, а првите назнаки можеби ќе бидат познати веќе на 20 јануари следната година кога ќе биде втората инаугурација на Трамп.

Какво „златно доба" може да очекувааат Американците во следните четири години?Фотографија: Ronda Churchill/AFP/Getty Images

Америка веќе има едно искуство поврзано со „златото“ во политиката и општеството. Она што веќе еден век се именува како Позлатено доба, кое водеше во голема индустријализација, технолошки напредок, неверојатна корупција и уште поголема нееднаквост, како и создавање на моќни семејни династиии кои управуваа не само со економијата на Соединетите Држави, туку и со политиката.

Грубиот материјализам и бесрамната корупција на Позлатеното доба

Приказната за Позлатеното доба е исклучителна, па дури и неверојатна. Тоа е период на груб материјализам и бесрамна политичка корупција во историјата на САД во текот на 1870-те до почетокот на 20. век. Името му беше преземено од една помалку позната книга на Марк Твен од 1873 – „Позлатено доба: Приказна за денешницата“. Твен ја напиша во соработка со Чарлс Дадли Ворнер. Романот дава живописен и точен опис на Вашингтон, и е преполн со карикатури на многу водечки личности од тоа време, вклучително и алчни индустријалци и корумпирани политичари. Марк Твен прави извонредна сатира на првите години по Граѓанската војна, кога победниците ветуваа доаѓање на „златно доба“. Во книгата периодот е прикажан како ера на сериозни социјални проблеми маскирани со тенка позлата на економската експанзија. Во 1920-те и 1930-те, метафората „Позлатено доба“ почна да се применува на одреден период во американската историја. Терминот го прифатија книжевните и културните критичари, како и историчарите.

Позлатеното доба го означи почетокот на индустријализацијата во Америка. Како што Соединетите Американски Држави почнаа да се префрлаат од земјоделството кон индустријата како средство за економски раст, луѓето почнаа да се движат од фармите во урбаните области. Железниците се проширија, индустријата почна да се механизира, комуникацијата се подобри, а корупцијата стана широко распространета.

Железниците драматично се проширија. Од 1871 до 1900 година, во Соединетите Држави беа поставени 270.000 километри пруга, повеќето од нив за изградба на трансконтиненталниот железнички систем. Дотогаш од Њујорк до Сан Франциско се патуваше шест месеци, а со железницата тоа се скрати на шест недели.

Кон крајот на 19. век се забележа невидена експанзија на индустријата и производството, голем дел од тоа со машини, кои ги заменија квалификуваните работници, намалувајќи ги трошоците за работна сила и крајната продажна цена на стоките и услугите. Наместо квалификуваните работници да го гледаат производот од почеток до крај, работните места честопати беа ограничени на една задача која се повторуваше бескрајно. Технолошките достигнувања, вклучително и фонографот и телефонот, настанаа за време на Позлатеното доба. Така се појавија весниците и списанијата со масовен тираж.

За време на Позлатеното доба, многу бизнисмени се збогатија со стекнување контрола врз цели индустрии. Тие создадоа огромен монопол. Најистакнатите фигури со монополи беа Џ.П. Морган (банкарство), Џон Рокфелер (нафта), Корнелиус Вандербилт (железници) и Ендрју Карнеги (челик).

Поради начинот на кој тие ги експлоатираа работниците со ниски плати, долги часови и опасни работни услови, овие богати тајкуни честопати беа нарекувани разбојнички барони, пежоративен термин што се користи за да се опише акумулацијата на богатство преку експлоатација.

„Додека богатите носеа дијаманти, многумина носеа партали“. Ова оценка ги сумира разликите во приходите и начинот на живот што го карактеризираа Позлатеното доба. Во 1890 година, 11 милиони од 12 милиони семејства на нацијата (92%) живееле под прагот на сиромаштија. Становите изобилуваа со неверојатна комбинација на рурални семејства и имигранти кои дошле во урбаните средини, земале ниско платени работни места и живееле во огромна сиромаштија. 

Џон Д. Рокфелер, нафтениот магнат и еден од најголемиот профитери од првото Позлатено доба во САДФотографија: picture-alliance/CSU Archives/Everett Collection

Друг производ на Позлатеното доба беше истражувачко новинарство. Репортерите кои ја разоткриваа корупцијата меѓу политичарите од богатиот сталеж беа познати како muckrakers по нивната способност да копаат низ „калта“ на Позлатеното доба за да откријат скандали и кражби.

Многу имигранти дојдоа во Северна Америка за време на Позлатеното доба, при што 11,7 милиони од нив се истоварија во САД. Од нив, 10,6 милиони дошле од Европа, што сочинува 90% од имигрантската популација. Имигрантите овозможија раст на економијата на САД, бидејќи тие беа подготвени да преземат работни места кои не ги сакаа Американците родени дома.

Додека сопствениците на фабриките ги пречекаа овие новодојденци, кои беа подготвени да прифатат ниски плати и опасни услови за работа, не сите Американци го прифатија тоа. Таканаречените нативисти лобираа за ограничување на одредени имигрантски популации. Но, милиони дојдоа и покрај пречките. Децата на имигрантите почнаа да се асимилираат, и покрај приговорите на нивните родители. Се роди уште еден белег на Позлатеното доба, Америка стана вистинска тава за топење.

Кога повеќето луѓе мислат на Позлатеното доба, тие мислат на екстравагантно богатите индустриски барони. Домовите на елитата на Позлатеното доба беа спектакуларни. Многу од најпознатите куќи во Америка беа изградени за време на Позлатеното доба, вклучувајќи го и имотот Билтмор на семејството Вандербилт, кој сè уште е најголемиот приватен дом во САД.

Позлатеното доба во Америка заврши со почетокот на Прогресивната ера во раните 1900-ти.

Второ позлатено доба

Со влегувањето на Соединетите Држави во ера на зголемена нееднаквост во богатството некои експерти ги споредуваат 2020-тите со второ позлатено доба. И со зголемувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните, се чини дека ова не е проценка надвор од вистината. Еден ден по победата на Трамп десетте најбогати луѓе во светот заработија дополнителни 64 милијарди долари. Оние што гласаа за Трамп, во голема мерка обични работници, не добија ништо тој прв ден. Освен политичко задоволство.

Се разбира, не секој аспект од првото позлатено доба може да се види во модерна Америка. Но, одредени елементи од крајот на 19. век се пренесени до денес, а некои економисти алармираат за тоа што може да значи ова во иднина.

Зошто експертите велат дека Америка е во второ позлатено доба? Ова во голема мера е поради зголемувањето на нееднаквоста во приходите. Како и во Позлатеното доба, се враќа ерата на екстремен луксуз, што е видливо во зголемениот број на мега-домови и суперјахти.

Во текот на последните четири децении, извршните директори заработија над 1.000 пати повеќе од обичниот работник. За работникот платата се зголеми само за 24 отсто. Само минатата година, извршните директори имаа приходи за 300 пати повеќе од обичниот работник.

И „доцниот 19-ти и почетокот на 21-от век забележаа технолошки промени, зголемена глобализација, економски раст, концентрација на богатство и зголемена нееднаквост“, соопшти американскиот Совет за надворешни односи. И двете епохи, исто така, доживеаја „зголемена имиграција, промена на демографијата и пад на застапеноста на помалку образованите рурални белци“.  

Советот оценува дека додека нееднаквоста во богатството вртоглаво растеше во текот на првото позлатено доба, земјата во подем разви нови алатки за да разбере и соодветно да одговори. Но, „за разлика од општествениот активизам забележан во тоа време, денес земјата во опаѓање, соочена со деиндустријализација и појава на gig економијата, се повлекува во незнаење, културни војни и перформативен гнев“. Ова значи дека веројатно нема да има „брзо решавање на главните проблеми во земјата“.

Во 19. век работниците во Америка гледајќи дека големата нееднаквост ги уништува нивните животи успеаја да се организираат во синдикати, кои станаа незаобиолен дел од општеството. Тој работнички активизам ја преобликува државата. Денешните работници му ја предадоа власта на Доналд Трамп и на Републиканската партија преобликувана од него, чувствувајќи се напуштени од политичката елита и верувајќи во чудесните ветувања на милијардерот. И неговото „едноставно мото: дадени ветувања, остварени ветувања“.

Годинашниов добитник на Нобеловата награда за економија, Дарон Аџемоглу, турско-американски економист и професор по економија на МИТ во Масачусетс месец и пол пред американските избори напиша една извонредна анализа за тоа како „да се избегне новото Позлатено доба“.

Нема да го прераскажуваме Аџемголу, туку ќе пренесеме делови од оваа анализа за да разбереме малку повеќе дали Америка ја чека златно доба или ново позлатено доба.

Диктатура на дилетантизмот

„Технолошките милијардери како Бил Гејтс, Марк Цукерберг и Илон Маск не се само меѓу најбогатите луѓе во историјата на човештвото. Тие се, исто така, исклучително моќни - социјално, културно и политички. Иако ова е делумно одраз на општествениот статус што нашето општество го придава на богатството воопшто, тоа не е целата приказна.

Она што е важно дури и повеќе од едноставното богатство е тоа што овие конкретни милијардери се сметаат за претприемачки генијалци кои покажуваат уникатни нивоа на креативност, смелост, предвидливост и експертиза за широк спектар на теми. Додадете го фактот дека многу од нив ги контролираат главните средства за комуникација - имено, клучните платформи за социјални медиуми - и ќе имате нешто речиси неспоредливо во поновата историја.

Милијардерот Илон Маск на изборен митинг со Доналд ТрампФотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Сликата на богатиот, храбар бизнисмен кој го трансформира светот може да се проследи барем до разбојничките барони од Позлатеното доба. Некои поединци секогаш ќе имаат поголема моќ од другите, но колку моќ е премногу? Некогаш, моќта беше поврзана со физичката сила или воената моќ, додека сега нејзините актери обично произлегуваат од она што Сајмон Џонсон и јас го нарекуваме ‘моќ на убедување’, која, како што објаснуваме во нашата книга ‘Моќ и напредок’, е вкоренета во статус или престиж. Колку е поголем вашиот статус, толку полесно можете да ги убедите другите.

Изворите на статус варираат во голема мера меѓу општествата, како и степенот до кој тој е нееднакво распределен. Во Соединетите Држави, статусот стана цврсто поврзан со парите и богатството за време на Индустриската револуција, а нееднаквоста во приходите и богатството вртоглаво се зголеми. Иако имало периоди во кои владината интервенција се обидувала да го промени трендот, американското општество отсекогаш било структурирано околу стрмна статусна хиерархија.

Оваа структура е проблематична поради неколку причини. За почеток, постојаната конкуренција за статус - и моќта на убедување што ја дава - е во голема мера работа со нулта сума, бидејќи статусот е ‘позиционирано добро’. Повеќе статус за вас значи помалку статус за вашиот сосед, а поостра статусна хиерархија имплицира дека некои луѓе ќе бидат среќни додека многу други се несреќни и незадоволни.

Коментаторите често прашуваат зошто на некој со стотици милиони долари некогаш би му требале уште стотици милиони. Има само малку работи што не можете да си ги дозволите ако веќе имате 500 милиони долари, па зошто да копнеете по 1 милијарда долари? Затоа што ‘милијардер’ е ранг на статус. Она што е важно не е моќта на трошење, туку престижот и моќта што им ги дава во однос на колегите.

Постојат и еволутивни и социјални основи за поврзување на моќта на убедување со статусот и престижот. На крајот на краиштата, индивидуално рационално е да се учи од луѓе кои имаат експертиза и разумно е да се поврзе стручноста со успехот.

Но, кога статусот е поврзан со богатството, а нееднаквоста во богатството расте многу, темелите на експертизата почнуваат да се уриваат.

Размислете за следниот мисловен експеримент. Кој има поголема експертиза за столарија - добар, главен столар или милијардер од хеџ-фонд? Се чини природно да се избере првото; но колку повеќе богатството дава статус, толку е поголема тежината на ставовите на милијардерите од хеџ-фондовите, дури и за столаријата. Или разгледајте порелевантен современ пример. Чии гледишта за слободата на говорот имаат поголема тежина денес, на технолошкиот милијардер или филозофот кој долго време се справува со ова прашање, и чии докази и аргументи се подложени на лупа од други квалификувани експерти? Милиони луѓе на Икс (Твитер) имплицитно го избраа првото“.

Можеби од ова парче од анализата на Дарон Аџемоглу кој посебно пишува за „диктатурата на дилетантизмот“ ќе ни ги разјасни на сите нам корените на неверојатното политичко враќање на Доналд Трамп. И зошто тоа враќање беше неизбежно, иако одовде, а и од цела Европа, тоа изгледаше како нешто незамисливо. Но само од Европа. Во САД, луѓето кои го очекуваат „златното доба“ тоа изгледаше дека мораше да се случи. Па ни вселенска кампања на Камала Харис не можеше да го спречи тоа. Едноставно, изгледа дека, повторното доаѓање на Доналд Трамп беше неизбежно. И покрај тоа што има пресуди дека е криминалец, дека се водеше процес за неговото повикување да се упадне во Капитолот на 6 јануари, дека навредува, омаловажува, потценува, се заканува, ќе протерува милиони имигранти. Сето тоа беше неважно за неговите огромни армии поддржувачи. Ним тоа не им значеше ништо. Во иконата се крстиш или колнеш, ти не ја доведуваш во прашање нејзината веродостојност. Така е и со Доналд Трамп. И да не го донесе „златното доба“ најголемиот дел од оние што се крстат во него ќе му простат, а на ветувањата ќе заборават.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми