САД повторно нападнале наводен брод со дрога од Венецуела
16 септември 2025
САД повторно нападнале брод за кој се претпоставува дека бил натоварен со дрога, при што загинале тројца луѓе од Венецуела, објави претседателот Доналд Трамп. Жртвите се „тројца машки терористи“ кои биле на пат кон САД, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл. Нападот се случил во меѓународни води.
Нападот бил извршен утрото по негова наредба, напиша Трамп. Притоа нема повредени меѓу американските сили. „Ве ловиме“, им се закани претседателот на сите дилери на дрога. Тој не приложи конкретни докази дека станува збор за брод на дилери. Подоцна рече дека има докази, спомнувајќи „големи вреќи со кокаин и фентанил“ кои пловеле во водата.
Трамп објави и кратко видео кое наводно го прикажува нападот. Вистинитоста на снимката не може независно да се потврди. Од Венецуела првично немаше изјава.
Првиот напад на почетокот на септември
Ова е веќе втор ваков напад. На почетокот на септември, американската војска уби единаесет луѓе при напад на наводен брод со дрога во Карипското Море. И во тој случај, Трамп напиша дека бродот требало да пренесе дрога од Венецуела во САД.
Американскиот Стејт департмент, пак, првично изјави дека наводната испорака на дрога најверојатно била на пат кон Тринидад и Тобаго или некоја друга карипска земја. Нејасно беше и на која правна основа дејствувале САД, прашање кое се поставува и сега.
Затегнати односи меѓу САД и Венецуела
Конфликтот меѓу Венецуела и Соединетите Американски Држави неодамна дополнително се заостри. Според медиумските извештаи, САД распоредија неколку воени бродови пред венецуелскиот карипски брег за, како што велат, да ги пресретнат шверцерите на дрога. Покрај тоа, американската влада ја удвои наградата за информации што ќе доведат до апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, на дури 50 милиони долари (околу 43 милиони евра).
Американското правосудство го обвинува авторитарниот шеф на државата дека е вмешан во меѓународни бизниси со дрога. Мадуро, од своја страна, ја обвини американската влада дека всушност цели на природните ресурси на јужноамериканската земја. Тој го опиша американското воено присуство во Карибите како „најголема закана“ во последниот век. Во случај на напад од страна на САД, тој се закани со вооружен отпор.