1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Европа мора да ја врати самодовербата и стабилноста

БГ
5 декември 2025

Новата стратегија за национална безбедност на САД, предупредува на економски пад, миграција и губење на идентитетот во Европа. Вашингтон очекува брз крај на војната во Украина и стратешка стабилност со Русија.

Семејна фотографија на претседателот на САД, Доналд Трамп со европските политички лидери. Вашингтон, август 2025
Администрацијата на Доналд Трамп е загрижена за иднината на ЕвропаФотографија: Aaron Schwartz/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Во најновата Национална стратегија за безбедност на САД, администрацијата на претседателот Доналд Трамп предупредува дека Европа се соочува со „длабока цивилизациска криза“ која ја надминува економската стагнација и недоволното воено трошење. Документот, објавен утрово од Белата куќа, ја дефинира целта на Вашингтон: да помогне Европа да ја врати својата самодоверба, да го зачува својот идентитет и да се ослободи од „регулаторното задушување“ кое го поткопува континентот.

Опасност од „цивилизациско исчезнување“

Според стратегијата, континентална Европа изгубила значителен дел од глобалниот БДП – од 25% во 1990 година на само 14% денес. Но, економскиот пад е само дел од проблемот. Вашингтон предупредува на „закана од цивилизациско исчезнување“ поради политики на Европската Унија и други наднационални тела кои ја поткопуваат политичката слобода и суверенитетот, масовна миграција која го трансформира континентот, цензура на слободата на говор, потиснување на опозицијата, низок наталитет и губење на националните идентитети.

„Ако сегашните трендови продолжат, континентот ќе биде непрепознатлив за 20 години или помалку“, се наведува во документот, додавајќи дека не е сигурно дали европските земји ќе останат доволно силни за да бидат доверливи сојузници.

Русија и војната во Украина – клучен тест за стабилност

Стратегијата ја нагласува потребата од „брзо запирање на непријателствата во Украина“ за да се стабилизираат европските економии и да се спречи ескалација. САД гледаат на ова како предуслов за повторно воспоставување на стратешка стабилност со Русија и за реконструкција на Украина како функционална држава.

Документот предупредува дека војната имала „изопачен ефект“ врз Европа, особено Германија, која сега гради огромни хемиски постројки во Кина, користејќи руски гас што не може да го обезбеди дома. Администрацијата на Трамп критикува европски влади за „недемократски практики“ и нереални очекувања за војната, додека „големо европско мнозинство сака мир“.

Зошто Европа останува витална за САД

И покрај критиките, стратегијата ја нагласува стратешката и културната важност на Европа: трансатлантската трговија е столб на глобалната економија, европските индустрии се меѓу најробусните, а континентот е дом на врвни научни истражувања и културни институции. „Не можеме да си дозволиме да ја отпишеме Европа – тоа би било самоуништувачки“, се вели во документот.

САД најавуваат дипломатска поддршка за „вистинска демократија, слобода на изразување и безрезервно славење на националниот карактер и историја“. Вашингтон гледа оптимизам во растечкото влијание на „патриотските европски партии“.

Што бара Вашингтон од Европа?

Стратегијата поставува јасни приоритети:

- Повторно воспоставување на стабилност во Европа и стратешка стабилност со Русија;

- Европа да преземе примарна одговорност за сопствената одбрана и да остане група суверени нации;

- Отворање на европските пазари за американски стоки и фер третман на американските компании;

- Зајакнување на Централна, Источна и Јужна Европа преку трговија, продажба на оружје и културни размени;

- Прекин на перцепцијата за НАТО како „постојано проширувачки сојуз“;

- Борба против технолошка кражба, сајбер шпионажа и непријателски економски практики.

„Ќе ни треба силна Европа за да ни помогне успешно да се натпреваруваме и да спречиме било кој противник да доминира на континентот“, се заклучува во стратегијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми